„Дилемата на ежот“ е метафора за предизвиците на човечката интимност. Да речеме дека е зима, и дека ежови сакаат да се стуткаат едни до други за да се стоплат. Ама тоа не можат баш да го остварат бидејќи ризикуваат да се повредат едни со други со острите боцки. Иако имаат најдобра намера за „социјализација“, таа не може да се случи, поради начинот на кој природата од една страна ги одбдарила со вакви ефикасни оружја за одбрана, но од друга им оневозможила целосен контакт.
Метафората е употребена во делото на Артур Шопенхауер, „Парерга и паралипомена“ за опишување на човечката состојба, според која човек не може да биде вистински интимен без да ризикува некаква штета, по себе и по другиот. Со тоа што тој за илустрација на поентата не користи не еж, туку бодликаво прасе:
„Група бодликави прасиња се стуткаа едни до други на студен зимски ден, но и по неколку обиди да бидат блиску едни до други мораа да се разделат. Набргу открија дека би било најдобро доколку би останале малку разделени. На истиот начин општествената потреба ги спојува човечките бодликави прасиња, за потоа тие да настрадаат поради големиот број ’боцкави’ и недостојни квалитети на својата природа. Умерената дистанца е единствениот поднослив услов на комуникација, примена на код на учтивост и добри манири, а на оние кои нив не ги почитуваат им се вели - да држат растојание. Со оглед на ова, потребата за топлина е делумно задоволена, но луѓето барем не се повредуваат. Човек кој има топлина во самиот себе повеќе сака да остане надвор, каде нема да боцка други луѓе, ниту пак самиот да биде повреден“.
Истата метафора е користена и кај Фројд, во делото „Групна психологија и анализа на егото“, каде таа се користи за објаснување на нашето повлекување во себе во однос на најблиските, и парадоксот на полесната комуникација со некого кого површно го познаваме, отколку со нив.
Дали е можно остварување на интимност без да се биде повреден? Со јазикот на модерната економија (во случајов на чувствата) секогаш постои ризик кој треба да се земе предвид при влегување во еден ваков однос. При првото нарушување на довербата ежот ги активира своите боцки, односно човекот своите механизми на одбрана. Ако овој процес се повторува, некои луѓе, кои повредени од „еж“ се сепнуваат и од четка за коса, остануваат со активирани „боцки“ целиот живот. Други, со пооптимистичен поглед кон светот, и по неколку „боцкања“, сепак не се откажуваат, и потребата за близина им го надминува стравот од повреда.