Постојат неколку суштински еволутивни принципи кои ниту еден научник не ги доведува во прашање. На пример сите се согласуваат дека во процесот на еволуција игра улога природната селекција, како и мутациите и случајноста. Но како овие процеси се поврзани меѓу себе и кои други сили би можеле да играат улога, сето ова е тема на огорчени дискусии. Тоа секако не мора да биде така, бидејќи ако нештата не можат до крај да бидат објаснети со алатките со кои располагаме во моментов тогаш треба да се најдат нови начини на објаснување.
Во 2014 осуммина научници го презедоа на себе овој предизвик, објавувајќи статија во „Нејчр“, под наслов: „Дали е потребно реобмислување на еволутивната теорија?“ Одговорот беше: „Да, и тоа итно“. Тие повикаа на отворање на „конзервираната“ теорија за нови откритија, и на оваа нова рамка ѝ дадоа име - Проширена еволутивна синтеза (EES).
Oва означи почеток на поделби и разгорени дискусии внатре еснафот на биолозите, па и пошироко. Во 2015 Кралското здружение во Лондон се согласи да биде домаќин на конференција „Нови трендови во еволуцијата“. Но 23 членови на спомнатото најстаро и најпрестижно британско научно здружение, напишаа протестно писмо до тогашниот претседател, Нобеловецот сер Пол Нурс.
Конференцијата сепак се одржа, но појавувањето или непојавувањето се сфатило како знак за тоа кој која страна ја одбрал. Во медиумите фрчеле напади и меѓусебни навреди.
Интензитетот на реакцијата не зачудува, имајќи предвид дека станува збор за војна на идеи околу судбината на една од најголемите теории кои го имаат моделирано модерното доба. Но истовремено станува збор за професионално признание и статус, за тоа кој треба да одлучува што е од суштинско значење а што е маргинално за дисциплината. Со други зборови, кој ќе го напише големиот наратив на биологијата.
Зад моменталната битка околу еволуцијата всушност лежи еден неостварен сон. На почетокот на 20 век, голем број биолози копнееле за една голема обединувачка теорија која би ги поврзала биологијата, физиката и хемијата. Без неа биолозите стравувале дека нивната дисциплина ќе остане куп од фрагментирани под-области, од зоологија до биохемија.
Од денешна перспектива делува очигледно зошто Дарвиновата теорија на еволуција, едноставна и елегантна каква што е, би ја одиграла улогата на еден таков голем обединувач. Но на почетокот на 20 век, четири децении по објавувањето на „за потеклото на видовите“ и две по неговата смрт, идеите на Дарвин не биле толку популарни. Научниците не го загубиле својот интерес за еволуцијата, но едноставно им требало нешто повеќе од она што го нудел Дарвин. Тој тврдел дека со текот на времето живите суштества се менуваат за подобро да се прилагодат на својата околина. Но она што не го објаснил е како овие мали промени се пренесуваат од една на друга генерација. Одговор на ова почнал да нуди таткото на генетиката, Грегор Мендел, но наместо правилата на наследување да ја потврдат Дарвиновата теорија, тие ја усложниле. Репродукцијата како да правела „ремикс“ на гените на изненадувачки начини. На пример кога дедото има црвена коса, неговиот син може да ја нема, но да ја наследи неговата внука. Како тогаш се објаснува природната селекција, кога не е сигурно дека некое својство директно се пренесува од родителот на потомците?
Уште поголема компликација предизвикале „мутационистите“ од 1910-тите, генетичка школа чиј главен претставник, Томас Хант Морган, покажал дека со одгледување милиони овошни мушички, меѓу другото со „зачинување“ на нивната храна со радиоактивниот елемент радиум, можат да се произведат мутирани карактеристики, како нова боја на очи или дополнителни екстремитети. Ова не биле мали варијации на кои се базира теоријата на Дарвин, туку драматични и ненадејни промени, кои биле и наследни. Natura non facit saltum - напишал Дарвин. „Природата не прави скокови“. Нешто што мутационистите го оспориле.
Ваквите оспорувања ја имале тежината на теолошка шизма. За Дарвинистите теоријата била сè. Во текот на 20 век имало обиди за помирување на овие навидум контрадикторни тенденции, ревидирање на теоријата на еволуција со земање предвид на научните достигнувања од смртта на Дарвин. Како таква теоријата на еволуцијата и денес се предава на милиони ученици од основно, кои на овој начин се внесуваат во традицијата на „модерната синтеза“. Во 1959 Универзитетот во Чикаго организирал конференција по повод 100 години од објавувањето на „За потеклото на видовите“, на која модерните синтетичари прогласиле триумф. Но во редовите на биолозите сепак имало и поделени мислења, такви кои сметале дека ваквата закатанчена теорија на еволуција е како „партиска линија“, која за оној кој нема да ја прифати значи маргинализирање па дури и прогон од научните кругови.
Во детален текст на историјата на овој конфликт објавен во Гардијан се опишува целата хронологија на настани и нови откритија кои се направени од тогаш, а кои ја потврдуваат потребата од ревизија на теоријата на еволуција, како развојот на концептот на „пластичност“ (plasticity) или епигенетиката, односно идејата дека нешто, на пример некоја болест, која е искусена од родителот, додава мали хемиски молекули на неговата ДНК кои потоа се повторуваат кај неговите деца. Но поддржувачите на Проширената еволутивна синтеза не се занимаваат само со биологија туку и со наследување на култура, на пример кога група делфини развиваат и потоа си пренесуваат едни на други нови техники на ловење.
Некои од овие идеи доживеале кратка популарност, но сепак остануваат вон мејнстримот. Исто како и на почетокот на 20 век, целата област е поделена во стотина подобласти, кои често не се ни свесни за постоењето на другите. Всушност, излегува дека целата идеја за сеопфатни, големи теории можеби е илузија и погрешниот начин на размислување за нештата.