Се сметаат за еден од најзначајните британски изуми, заедно со парната машина и сијалицата. И ние едно време ги викавме „јафа“ (според колачот што го произведуваше фабриката ЗА КЕКСИ/БИСКВИТИ Јафа од Црвенка, Србија) пред да почнеме да ги викаме „ресани“ (кога почнаа да се прават во Ресен). Измислени од компанијата МекВити и Прајс во Британија во 1927, овие благца со три слоја - сунѓересто тесто, желе од портокал и прелив од чоколадо - се одлични не само за кога ќе ви падне шеќерот, туку и за дискусија на малку поинаква тема: како нашите ментални концепти се поврзани со реалноста?
Прашањето, дали тие се колачи или бисквити, најпрвин било поставено во 1991, кога бил воведен данок на чоколадирани бисквити, кој не важел за исти такви колачи. Производителот МекВитис претходно секогаш ги категоризирал како колачи, но сега даночните служби почнале да притискаат, тие да бидат ре-категоризирани како бисквити. Почнал долг и мачен судски процес, со сладок резултат за производителот. Иако јафа (во оригинал „џафа“) има квалитети и на колаче и на бисквит, пресудата била дека кога сè ќе се собере и одземе, јафа колачето е сепак - колаче.
За да ја донесе ова пресуда судијата Д. К. Потер зел предвид неколку критериуми. Прво, најочигледно, името, кое во себе го содржи зборот „колаче“. Второ, рецептот, кој е како за традиционален сунѓерест колач: јајца, брашно и шеќер. Освен тоа, кога ќе се расипат јафите се стврднуваат, спротивно од обичните бисквити, кои примаат влага и омекнуваат.
Додуша, имало и елементи за спротивна пресуда. Колаче главно се јаде со мала лажица или вилушка, а бисквита се јаде (како и јафата) со рака. Категоризацијата може да има врска (и) со големината, бидејќи јафа колачето по димензии повеќе личи на бисквита.
Колку и да изгледа глупо, ова прашање, колаче или бисквита, според филозофите е многу важен филозофски проблем. Кои аспекти на класификација на светот произлегува од самиот свет, а кои од нас? Кои се релевантните критериуми според кои се прави каква и да е класификација, на животни, психолошки типови на луѓе, типови возила и...колачи?
Не се знае дали Витгенштајн некогаш пробал вакво колаче, но веројатно на дилемата околу него би одговорил со тоа дека постојат концепти кои се „семејно слични“ но не и истоветни. На пример членови на едно семејство можат да личат едни на други - некои да имаат забележителен нос, или да ќелават на сличен начин, иако тоа секако се различни луѓе, со куп други својства кои не се преклопуваат.
Слично на тоа, некои концепти можат да функционираат со тоа што дел од својствата им се исти, а други не. Да го земеме како пример концептот на „игра“. Некои игри вклучуваат користење топка, други не. Некои се играат тимски, други не. Нема една карактеристика која ја имаат баш сите игри на светот, освен таа една - дека ги препознаваме како игри. Така, нема ни строга дефиниција според која колачето Јафа би морало да спаѓа во категоријата колаче или категоријата бисквит. Бидејќи неговото демократско право да се самоопредели не му врши многу работа, му останува единствено тоа да биде вкусно и постојано при рака. На оние кои наместо да се занимаваат со вакви прашања, просто уживаат да го јадат.