Неолит со мирис на сланина

Дали градителите во Стоунхенџ користеле свинска маст за транспорт?

Од нашата дамнешна посета на Стоунхенџ ни останало во сеќавање како среде ливада стојат големи камени блокови, додека наоколу нема камен - ни со камен да фрлиш. За тоа од каде пристигнале сега се знае повеќе, но не и за тоа како.

Хемиското испитување на камењата на древното наоѓалиште Стоунхенџ утврдило дека помалите потекнуваат од Велс, додека поголемите 30 километри северно од местото. Нo се уште не постојат директни докази за логистиката зад славниот предисториски споменик.

Една од многуте теории сугерира дека луѓето ги влечеле камењата на дрвени санки, а притоа користеле свинска маст за да ги подмачкаат. А од каде маста? Па од гозбите кои се организирале токму во блиските села. Микроскопските траги од древни мaсти на остатоците од керамички садови даваат некакви назнаки за тоа што се јадело во тоа време. Иако животинските масти се прилично слични, секој вид има свој посебен сет молекули (липиди) кои овозможуваат да се дознае од кое животно потекнува органскиот остаток.

Повеќе од третина од садовите во Дурингтон Волс, големо населено место близу Стонхенџ, содржеле свинска маст. Вакви остатоци се најдени и во близина на други споменици, каде најверојатно се одржувале ритуални церемонии кои вклучувале многу јадење свинско. Состојбата на пронајдените цели коски од животните сугерира дека тие не биле варени туку печени, и тоа на ражен. Садовите во кои завршила маста најверојатно биле оние намерно ставани под раженот за да ја собира додека капе. Потоа таа се користела за различни работи, меѓу кои и за подмачкување на споменатите санки.

Вака собраната свинска маст се чувала во големи глинени садови, и тоа во дупки под земја каде има релативно стабилна темепратура. Изборот токму на свинска маст се должи на тоа што таа е помека од онаа добиена на пример од овци. Секако, ова со санките не била единствената употреба. Во едно неолитско село маста можела да се користи и за лампи, свеќи или материјал за одржување на кожа.

Тимови археолози во изминатите периоди се обиделе на различни начини да помрднат камења со големина како оние од Стоунхенџ. Во 1997 Џулијан Ричардс и Марк Витби, обајцата археолози, откриле дека влечењето камења на дрвени санки е најефикасно, особено ако ги влечеле долж дрвена подлога измастена со синтетичка верзија на свинска маст. Тимот од 20 агилни научници успеале да го одвлечкаат најмалиот од споменичните камења, 1-2 метрички тони, со околу 1.6 километри на час. И тие не биле први кои дошле на ваква идеја. Слика на 4000 години стар египетски гроб прикажува тим работници како го прават истото, со тоа што еден од нив истура течност од сад пред неа. Можно е ова да е ритуална жртва која се прави по патот и течноста да е вода или нешто друго, но ваквите сцени ги има и на други места во древен Египет и Месопотамија. Хипотезата на „мрсната санка“ засега не е докажана, но секако е интересна.

извор

9 август 2019 - 20:43