Дали е воопшто можно да се избројат сите светски јазици?

Исторски имало, и се уште има, напори да се каталогизираат сите постоечки јазици на планетата. Но еден лингвист ги открива огромните предизици што стојат на тој пат.

Во рамки на УНЕСКО подолго време се одвива проект, „Светски атлас на јазици“. Неговата цел е да генерира освежени проценки за бројот на активни јазици на нашата планета и како тие се користат. 

Вообичаено, бројката со која се оперира за природните јазици кои се користат денес е помеѓу 7 и 8 илјади. Ова укажува на огромен диверзитет на човечката мисла и чувства. Но ако сакаме попрецизна бројка, а не „околу“ или „помеѓу“, ова веќе отвара голем број проблеми. 

На пример, Централноафриканскaта република е дом на околу 70 јазици. Говорителите главно живеат длабоко во дождовните шуми, во села до кои тешко стигнуваат претставниците на властите и други истражувачи. Оттаму, само за овие области би биле потребни огромни ресурси за да се формира прецизна лингвистичка слика.

Секако, историски имало и луѓе кои известувале за културните и други особини и на тешко достапни региони. Помеѓу нив имало христијански мисионери, идеалисти, колонијалисти, трговци итн. Но зошто денес е особено важно да се избројат јазиците? Затоа што секоја година најмалку три јазици престануваат да имаат активни говорители, а тоа, според лингвистот Кенет Хејл е како „да фрлиш бомба на Лувр“ - со јазикот исчезнува уникатно културно знаење.

Освен тоа, научниците денес користат јазични статистики за да разберат зошто јазиците и културите се дистрибуирани на начинот на којшто се низ светот. Нивните увиди откриваат бројни интригантни паралели помеѓу биолошкиот и културниот диверзитет. На пример, јазиците изгледа го следат правилото на Рапопорт според кое вели дека географскиот опсег на одредено растение или животно расте колку што се оди подалеку од екваторот. Слично на тоа, колку одреден јазик се зборува подалеку од екваторот, толку е поширок опсегот на неговите корисници. 

Проучувањето на лингвистичкиот диверзитет нуди увид и во начините на кои јазиците влијаат врз когницијата. Истовремено, покажува колку поширокото разбирање на полиња како наука, медицина и технологија се ограничени и небалансирани поради речиси ексклузивниот монопол на неколку јазици (читај: англискиот) кој доминира во нив. 

Дополнителна потешкотија во броењето јазици е границата помеѓу дијалект или вариетет на јазик. На пример има разлики во акцентот, речникот и граматиката на англискиот кој се зборува во Чикаго, градот Белизе, Глазгов, Мумбаи, Најроби и Кејп Таун. Па сепак, тие се типично етикетирани како вариетети на англискиот, бидејќи нивните говорители вака-така можат да се разберат меѓусебе. Но „вака-така“ важи и за словенските балкански јазици (српски, македонски, црногорски, бугарски), па сепак тие се сметаат за засебни. 

Во ова, како што добро знаеме, игра улога и политиката, која преку јазикот сака да наметне или оддржи одреден етно-лингвистички идентитет и заедничко (или напротив - одделно) културно наследство. Ова на терен доведува и до необични ситуации, некој да тврди дека не знае одреден јазик, а потоа течно да го зборува со присутните, под зачудениот поглед на лингвистот кој можеби и не е упатен во длабоките причини за реакцијата на говорителот, а кои имаат врска со локални политики и поделби. 

Со оглед на сите технички, концептуални, етички и финансиски предизвици при создавањето на јазични каталози, не е изненадувачко што некои веруваат дека ваквиот потфат е во основа бесмислен. Одреден број лингвисти велат дека обидите да се стандардизира лингвистичкиот диверзитет е однапред „проколнат“ затоа што динамичката природа на јазиците е поинаква од онаа што ние ја замислуваме - тоа е процес кој едноставно е тешко да се следи и контролира, дури и на помала територија а камоли низ целиот свет. 

Но како инаку би знаеле дека населението на Нова Гвинеја, со над 12 милиони говорители, зборува повеќе од 800 јазици, додека Европејците, со 750 милиони, зборуваат само 200? Како инаку би ја реконструирале културната историја на древните речници? И покрај тежината на потфатот, тој е сепак потребен, со сите негови ограничувања. 

извор

6 ноември 2024 - 09:50