Пјаф, ќерка на акробат и неуспешна пејачка која рано ја напуштила ќерка си, од страна на католичката црква до скоро беше сметана за „категорички грешник". Архиепископот на Париз Морис Фелтин во 1963 одбил да ѝ овозможи верски погреб заради нејзиното „контроверзно минато". Ватиканскиот весник „Осерваторе Романо" тогаш напишал дека таа го живеела животот во „состојба на јавен грев" и ја осудил како „идол на префабрикувана среќа" (што и да значи тоа). Таа никогаш и не ги негирала нејзините „гревови" - алкохолизмот и дрогата, кои довеле до три речиси фатални сообраќајки, како и до ракот на џигер, на кого на крај му подлегнала.
Но пред неколку дена, на педесетгодишнината од нејзината смрт, во Белвил, работничката населба во Париз кадешто е родена, илјадници нејзини обожаватели се собраа во локалната црква Св. Јован Крстител за да одржат миса во нејзина чест, која беше пренесувана на огромни екрани поставени пред храмот, како и на националната телевизија.
Истовремено, на претседателот Оланд му е врачен извештај од француската комисија за јавни споменици, со предлог гробот на Едит да биде преместен од Пјер Лашез во Пантеонот - националниот мавзолеј - покрај француските величини од типот на Волтер и Русо.
Иако една од нејзините најпознати песни е „Не, не жалам за ништо", последните зборови наводно ѝ биле: „Сè што правиш во животот се наплаќа". И по педесет години таа е инспирација, и во музиката, и во популарната култура воопшто. Еве ја антологиската сцена со спомнатата песна, од Мадагаскар 3. Веруваме дека би ѝ се допаднала.