Човекот што пет години живеел бесплатно во познат њујоршки хотел (а сега тврди и дека е негов)

Eдно јунско попладне во 2018, човек по име Мики Барето зел соба во познатиот хотел Њујоркер на Менхетен. За една вечер платил 200 долари и 57 центи. Но следниот ден не излегол од неа. Ниту пак следниот. И така пет години, без да плати ниту цент. Сега е на суд, затоа што отишол чекор понатаму, фалсификувајќи документи и тврдејќи дека хотелот е негов. И сето тоа, по негови зборови, како чин на активизам. 

Во град во кој секој сантим станбен простор е скапоцен, Мики Барето веројатно го имал најдобриот „дил“ во њујоршката историја. Од јуни 2018 па во следните пет години тој живеел бесплатно во собата 2565 во хотелот Њујоркер на Менхетен, во кој кога во времето кога влегол, ноќевање чинело 200 долари. Во меѓувреме се занел, па се обидел целиот објект да го префрли на свое име. Сега тоа може да го чини затвор. 

Во февруари оваа година Мики Барето, 48, е обвинет по неколку основи за измама и фалсификување катастарски документи. Врз основа на нив тој тврдел дека е сопственик на зградата на хотелот Њујоркер, арт-деко објект со 43 ката и со историска вредност лоциран на Менхетен. Тој не само што самиот бесплатно живеел во една од собите од 2018, туку им наплаќал престој на други гости и кираџии од мај 2019 до септември 2023. 

Лажното сопствеништво на Барето, кој во Њујорк дошол од ЛА, се должи на едновечерен престој во хотелот во јуни 2018, после кој тој побарал да изнајми соба на подолг период. Неговиот партнер му кажал за „дупка“ во системот која овозможува жителите на еднокреветни соби во згради изградени пред 1969 да бараат шестмесечно изнајмување по поволни услови. Барето тврдел дека со оглед на тоа што платил за таа една вечер, тоа го дефинирало како „кираџија“. 

Хотелот го одбил, а неговите сопственици - црковната заедница Holy Spirit Association (основана во Јужна Кореа, од самопрогласениот месија Сунг Мунг Мун), го исфрлиле од просториите. Тој ги дал на суд, по што хотелот морал да му дозволи да се врати. 

Врз основа на сопствено толкување на судската пресуда („штом ми дадоа клуч - собата е моја“), тој живеел цела година во хотелот без да плати, а потоа свртил нов, уште поагресивен лист. Со фалсификуваниот документ во кој се тврди дека го купил хотелот за неверојатни 189 милиони долари, почнал да наплатува кирија од два ресторана во објектот, се обидел сите банкарски сметки да бидат префрлени на негово име, и генерално да ги преземе сите хотелски операции, наведувајќи се како сопственик и на сајтот LinkedIn. Вистинските сопственици се плашат дека тој би можел да земе хипотека на зградата или да ја продаде на „невина трета страна“. 

Во хотелот, кој не е гламурозен но е еден од најголемите во овој дел од градот, цела деценија живеел Никола Тесла. Славните боксери, како Мухамед Али, престојувале тука кога имале борби во Медисон Сквер Гарден, кој е на еден блок оддалеченост од него. 

Барето тврди дека неговата легална битка не е за сопствен профит, туку е против наведена црква, позната по изведување масовни венчавки и по политичките врски со Северна Кореја. 

извор

2 април 2024 - 07:43