„Дождот се лееше во црни млазеви, ги измачуваше моите животни, моите луѓе, и мојата жена Питија, која минатата ноќ лежеше со раширени нозе, додека јас фаќав белешки од устието на нејзиниот женски цут, која сега молчешкум јачеше од исцрпеност, на овој десети ден од нашето патешетствие.“
Вака гласи првата реченица од романот на канадската авторка Анабел Лајон. Тој најавува еден невообичаен пристап кон третирање на историска тематика каква што е античката приказна за односот помеѓу филозофот Аристотел и неговиот ученик, војсководачот Александар - дело кое иако е базирано на историски податоци, ги отелотворува ликовите за кои станува збор, како луѓе од крв и месо, со сите нивни страсти, сомнежи, доблести и маани.
„Патешествието“ за кое станува збор е долгиот пат на сопружниците со нивната придружба од Атина до Пела, каде филозофот е повикан од страна на Филип. Но наспроти вообичаениот историски наратив дека македонскиот крал го ангажирал ученикот на Платон на својот двор за да го подучува Александар, изненадени сме од алтернативна верзија - дека првичната намера на Филип била Аристотел да му биде тутор и медицински терапевт на постариот син од првиот брак со Филина од Лариса - Аридеј, подоцна познат како Филип Трети.
Уште како дете Аридеј покажувал знаци на нешто што денес веројатно би го нарекле аутизам, или на некаква друга попреченост, која според Плутарх се должела на неуспешен обид на втората жена на Филип, Олимпијада, да го елиминира можниот ривал на нејзиниот син со Филип, Александар, со користење некакви отрови. Со оглед на начинот на кој е портретирана кралицата во книгата, како исклучително доминантна и своеглава, авторката како да остава простор дека оваа можност е вистинита.
Исклучително интелигентниот но пргав и желен за слава Александар сепак станува вистинскиот ученик на Аристотел, заедно со уште неколкумина македонски момчиња, кои филозофот ги подучува како да сецираат жаба, како да пронајдат некое соѕвездие или филозофски да дискутираат за природата на Доброто. Тоа се истите момчиња кои потоа на бојното поле со сарисите го „сецираат“ непријателот, и за кои единственото очигледно добро претставува победата и освојувањето. Во една таква атмосфера, улогата на Аристотел е необична, да им овозможи широка култура и филозофска перспектива на оние на кои тоа всушност и не им е потребно како обични војници, но на кои им е нужно за идни добри владетели.
Аристотел развива посесивни чувства кон својот ученик, кој во меѓувреме станува харизматичен и убав млад маж. Александар пак во него наоѓа заштитник и советник каков што нема во сопствениот татко. Она што во таа средина сепак не му овозможува на филозофот до крај да го наметне својот авторитет е неговото наводно грчко потекло, односно фактот што бил школуван во Атина.
Признавам дека сакав да ги допрам сите негови страсти, да ги измазнам и затегнам и освежам како што робот ја поправа постелнината, и на тој начин да оставам своја трага врз него.
„Ахм“, велам, овој пат погласно. „Ќе почнеме?“
„Грк“, вели некој глас, со дрскост, и навредата ја потфаќа цел хор гласови и врева: „Грк! Грк!“
„Мајка ми ми кажуваше поинаку“, велам. Момчињата се закикотеа.
„Точно е.“ Хефестион дури и не мораше да го крене гласот иако градите му се поткреваа задишано. Тој и Александар се разделија и почнаа одново да кружат еден околу друг; претпоставив дека проговори само за да го предизвика противникот со својот безгрижен став. „Тој е Македонец. Од Стагира.“
„Тој е од Атина“, рече некој друг глас и галамењето почна одново...За Атињаните сум Македонец, а за Македонците Атињанин.
И ова се разликува од стандардната верзија од историските учебници, според која грчката култура и Грците воопшто на македонскиот двор биле сметани за интелектуално супериорни, па оттаму и присуството на Аристотел на него. Според авторката на овој роман ситуацијата била далеку посложена, што е и јадрото на проблемот кој таа го обработува - лоцирањето на златната средина во односите помеѓу културите и помеѓу луѓето, како и одредувањето на „средниот пат“ за секој човек поединечно. „Доблеста е златната средина помеѓу две крајности, едната на прекумерност, и другата на недостаток“, гласи често цитираната изрека на Аристотел. Токму таа станува централна оска околу која се формирани главните ликови во оваа книга, со сите останати нијанси и преливи отсликани во останатите, навидум споредни но сепак многу значајни протагонисти, кои го пополнуваат просторот помеѓу крајностите.
За разлика од други историски романи кои не успеваат да навлезат подлабоко во карактерите на историските личности кои ги опишуваат, туку повеќе ја (зло)употребуваат нивната слава за да привлечат внимание, овде постапката е обратна - авторката имала приказна којашто сакала да ја раскаже, а ликовите стануваат само соодветни симболи за истата. Особено трогателни се пасусите за детството на Аристотел и неговиот однос со сопругата Питија, но и оние кои се однесуваат на нешто што денес би го нарекле пост-трауматски стрес на Александар, кој може да ги објасни и неговите неумерени постапки.
Необично е што во средина која до скоро беше обземена со своето античко минато, оваа книга не е до сега преведена. Еве ја сега, на македонски, книгата за Македонија и нејзините македонски кралеви, кои денес ќе требаше да се нарекуваат „северни“.
Илина, Букбокс
Книгата може да се нарача преку „Купи книга“ тука