Беше почетокот на 1990-тите кога на горниот кат од зграда до Драмскиот театар, веројатно адаптиран напуштен простор, бев присутна на изведбата на „Емигранти“ на Мрожек во режија на Владо Цветановски. Сеќавањето ми е дека надвор е студено и сиво како во декември, и дека во „салата“, во која владее слична атмосфера, речиси и да нема публика. Двајца полски емигранти, ХХ и АА (Сенко Велинов и Ѓорги Јолевски), едниот физички работник кој штеди пари за да си го повлече семејството, другиот интелектуалец-дисидент, слават Нова година со конзерва кучешка храна. Всушност, сосема е можно таму да бил присутен и целиот мој средношколски клас, донесен организирано и по „указ“, меѓу кои сигурно имало и помалку заинтересирани за судбината на некакви емигранти. И сосема е можно да не било декември, туку април. Но сеќавањето е такво - дека сум мува на ѕидот во беден стан во неименуваната земја, во која се одвива не претстава, туку живот, онаков каков што наскоро ќе им се случи на голем број Југословени соочени со распадот на својата татковина. По кој знае кој пат уметноста беше не само имитација, туку и трагична визија за блиската иднина.
Новoто издание „Театарски белешки: од дневникот на еден режисер“ на Владо Цветановски, во издание на ФДУ, почнува токму со претстава на Славомир Мрожек, „Пеш“, чија премиера во Народниот театар во Битола се случила на 13 ноември 1982. „Во оној миг кога ќе почувствувам дека дел од моите трауми постојат во светот на драмскиот текст што го читам, и во оној миг кога се формира барем една визуелна претстава на некоја битна драмска ситуација, знам дека тој драмски текст може да биде мој партнер за комуникација, некој вид таинствена куќа чиј распоред само го насетувам, но во која, секако би вредело да се обидам да влезам“.
Ова е првиот дневнички запис, за првата професионална претстава на Цветановски, кој дипломирал на Академијата за уметности во Нови Сад во класата на Бора Драшковиќ. Таа содржи некои од клучните термини со кои тој ќе биде опседнат до крајот на својот живот - „трауми“, „визуелни претстави“, „комуникација“, и на кои се навраќа во записите за сите 13 претстави содржани во книгата. Сцената за него е дом, „таинствена куќа“, лавиринт од простории низ кои тој и целата екипа се обидувале да си го најдат патот. Токму тоа - потрагата по значења и смисла - е она што го отсликува секоја, дури и навидум најбанална белешка за поставеноста на некакви висечки јажиња на сцената или за тоа дека одредена реплика треба да биде изговорена со шепот.
„Мајсторот и Маргарита“, „Подземна република“, „Хамлет“...го следиме целиот мисловен процес на авторот кој зад себе оставил ракописни белешки, скици и интимни размислувања за секој од своите проекти, кои неговото семејство сега, 9 години по неговата ненадејна смрт, ги објавува како спомен, но и како значаен театролошки документ за тоа како работел еден од најзначајните македонски режисери и театарски педагози.
Особено е впечатливо самото издание, кое го почитува значењето кое и самиот Цветановски му го посветувал на визуелното. Со тврда корица, комбинација на архивски фотографии и скенирани ракописи од белешките, таа содржи и „џебови“ со картички на кои на едната страна се отпечатени искази на професорот и режисер, а од друга негови цртежи или скици на замислените сцени. Тие можат да се користат и како некој вид дневен театарски хороскоп - што ќе извлечете, тоа е вистината на денот. Еве ја нашата:
„Светот е во предапокалиптична состојба и може да го спаси единствено безграничната љубов.“
Илина, Букбокс