Кога ќе се спомне „нинџа“ повеќето од нас замислуваат лик како од цртан филм - облечен во црно, со лице покриено така да му се гледаат само очите, вооружан со ладно оружје и со вештини кои граничат со акробатика. Во јапонскиот и генерално источниот фолклор тие се поврзувани и со натприродни способности како невидливост, одење по вода и контрола врз природата. Како и со се што е многу моќно, луѓето развивале двојни чувства кон нинџите или шинобите - од една страна им се восхитувале, од друга биле крајно уплашени од нивните способности.
Но зад овие стереотипни претстави на нинџите во популарната култура се кријат (и фигуративно, но и буквално, со оглед на нивната типична таинственост) реални имиња на луѓе, кои оние кои се уште активно ги негуваат традициите на овие боречки вештини ги сметаат за свои интелектуални предци и учители. За нив дури и не се вели „борци“ туку „боречки уметници“, со тоа дефокусирајќи го вниманието од милитантната, а насочувајќи го кон креативната, па дури и кон естетската страна на нивните движења и тактики.
Една од организациите кои се сметаат за продолжение на традициите на „нинџутсу“ е школата Буџинкан, раководена од Масааки Хатсуми, кој денес има 90 години и живее во Јапонија. Неговиот пат во боречките вештини започнал во 1957, кога тогаш младиот Масааки тропнал на вратата на неговиот учител, Тошитсугу Такаматсу.
Новиот манга-стрип на Игор Довезенски со илустрации на Таки Гаковски, се однесува токму на Такаматсу, учителот на нивниот учител. Ова е затоа што Игор и Таки не се само „обични“ автори на биографија на некаков егзотичен и живописен лик, туку и самите се дел од истата Буџинкан организација, па оттаму и многу поголемата упатеност и одговорност во пристапот. Истовремено, тие се наоѓаат во слична позиција како и Хатсуми и Такаматсу, на учител и ученик.
Такаматсу е роден 1889, а починал во 1972, што значи дека за него постојат историски потврдени податоци, кои сепак требало да се проучат и синтетизираат, така за стрипот да биде истовремено и информативен, но и интересен и забавен. Настаните опишани во оваа книга се случуваат во текот на 9-годишниот престој на Такаматсу во Кина, каде тој често се судирал со тамошните боречки мајстори, но и со обични бандити. Во една прилика тој влегува во организиран двобој со кинески шаолински воин чие име значи „Пеперутка што прераснува во змеј“. Ова е значаен симболичен момент, и не залудно одбран како централен, затоа што Такаматсу во тој момент е претседател на Јапонската асоцијација на млади боречки уметници во Кина. Станува збор за две култури со историско наследство на нетрпение, па оттаму целата атмосфера е прилично тензична. Авторите на стрипот ја користат оваа борба за да промовираат почит и разбирање помеѓу овие две култури, но и помеѓу борците припадници на различни школи.
Авторите внимавале да ја објаснат и борбената терминологија, која стандардно не се преведува, туку се користи на јапонски. Некои од положбите на телото и нивните имиња можат да ги препознаат и луѓе кои вежбале нешто друго од источните вештини. Особено голем впечаток оставаат визуелизациите на борбите, кои можел да ги направи само некој кој реално ги вежба, и ја познава кинетиката и механиката на телото при нивното изведување. Така, читањето на стрипот делува како да гледате филм - фалат уште само звучните ефекти.
Со оваа книга се збогатува знаењето за источните боречки вештини кај нас, но истовремено, за уште едно дело, се збогатува и локалната стрип култура. Се очекува манга-та наскоро да биде преведна и на англиски, а веќе е склучен договор за дистрибуција и продажба во САД. До тогаш, на македонски е достапна со нарачка тука.
Илина, Букбокс