Букбокс читанка

СМРТ НА КАПИТАЛИЗМОТ – ЧИЗБУРГЕР НА НАРОДОТ! (Зигмунд Бауман за природата на капитализмот)

.

Не знам што ми требаше, кога почна да се слуша за Occupy Wall Street, замолив еден пријател што живее во Њујорк да ми препорача текстови и линкови кои би ми објасниле, ко на петгодишно дете, што се случува таму, кои се барањата на луѓето зад протестите, и какви решенија нудат на познатиот економски „парите-се-отепувачка" феномен. Тој сериозно си ја сфати задачата, и еве веќе еден месец ми праќа мејлови, кои веќе имаат и стандардизиран наслов – „домашна работа".

Морам да признаам дека после две-три домашни почнав да забушавам. Можеби е тоа стекнат отпор кон образовниот систем како таков, а можеби е до самите текстови, главно напишани од американски аналитичари, кои иако многу прецизни, со графикони и статистики, хронологии и споредби, сепак бараат одредено знаење од областа на глобалната и регионалната политика, даночниот систем и финансиите. „Инфлација е кога плаќаш 15 долари за шишање кое чини 10, а кое си го плаќал 5 кога си имал коса" - за некого кој ги сфаќа поимите од економијата само ако му се објаснат на ваков, сликовит начин, дури и генерално разбирливиот и концизен Кругман од Њујорк Тајмс може да стане досаден после третиот пасус.

Но, кога станува збор за текстови кои се однесуваат на културолошките, филозофските и социолошките последици од споменатите економски процеси, е тогаш можеме да правиме муабет. Погледнати во еден таков, поширок контекст, тие ми стануваат малку појасни - ако не како дошло до нив, тогаш како тие влијаат врз светогледот, моралот, па и чувствата на 99-те проценти, кои се наводно глобалната категорија „потлачени", во однос на 1% глобални богаташи (поединци, банки, корпорации). Сепак, оние кои инспирирани од OWS излегоа на улиците на Балканот, иако подеднакво гневни, и низ истиот дискурс, како да протестираат против нешто што кај нас се уште го нема. Хрватскиот писател и колумнист Вук Перишиќ организирањето вакви локални настани го оцени како демагогија:

„Да наречеш 'капитализам' систем во кој државата е најголемиот работодавец и претприемач, и во кој сериозното работење е практично невозможно без спрега со политичката елита, тоа спаѓа или во агресивна глупост и незнаење, или во свесно искривување на фактите, кое оди во прилог на владеачката олигархија, истата онаа која е смртно уплашена од вистинското воспоставување на капитализмот", вели тој во коментар под наслов „Побуна против капитализмот кого во Хрватска всушност го нема".

Додуша неколку дена по овој текст тој распали и по самиот манифест на OWS, кого го нарече „неолудистички", интелектуално безначаен и гимназијалски егзалтиран, цинично коментирајќи го секој негов член. Но дури и Балканците да се разгалени а Американците наивни, тоа на капитализмот баш му годи – тој многу сака такви психолошки профили, за да ги сомеле дур си рекол „чизбургер".

Еден од најдобрите описи на современата човечка ситуација, во која некогашните стабилни и препознатливи вредности се топат, а луѓето се оставени без „референтна рамка" за нивните постапки, е онаа на Зигмунд Бауман. Старче од свои 85 години, роден Полјак пребеган за време на комунизмот во Британија, тој се смета за најголемиот жив социолог. Неговиот термин „течна модерност" ја отсликува таа атмосфера на деконструкција, топење и нестабилност на некогашните цврсти, модерни вредности. Ваквата генерална несигурност предизвикува поединците да влегуваат само во краткорочни (професионални, но и приватни) проекти, кои не овозможуваат континуитет и доследност, а бараат крајна флексибилност, прилагодливост и пресметливост. Луѓето сè почесто покажуваат нелојалност и неодговорност без грижа на совест, ако нивната проценка во дадениот момент е дека таквото однесување „ќе им се исплати".

Ви звучи познато?

Книгата на Бауман „Течна љубов" е еден речиси апокалиптичен опис на кршливоста на човечките врски во ерата на потрошувачкото општество, кое произведува „лабави" врски кои имаат дури и свои акрономи. Така на пример, SDC означува semi-detached couple (полу-раздвоен пар), апсурден но корисен израз кој можете да му го предложите како идеолошка платформа на вашиот брачен партнер, нешто како среден пат меѓу „нераздвојни" и „да не си ми се појавил пред очи", компромис меѓу стравот од осаменост и ужасот на тоа да се биде врзан.

Крепкиот Бауман, кој во својот живот доживеал и надживеал разни режими, политички системи и диктатури, посвети една од неговите неодамнешни колумни (да, дедото е уште ангажиран) кои редовно излегуваат во Social Europe Journal токму на природата на капитализмот, чиј превод е во прилог. „Луѓе, ни пропадна капитализмот", може да испаничите следејќи ги окупациите на улици, плоштади и зелени површини низ светот. Ич не се секирајте, ви вели Бауман, сигурен во способноста за самоодржување и репродукција на овој, од марксистите и неолудистите омразен систем. Можеби и немаше толку да го кудиме, да не останавме од целиот капитал само со к-то в рака.

ЗА ПРИРОДАТА НА КАПИТАЛИЗМОТ

Зигмуд Бауман

Вестите за смртта на капитализмот (да го парафразирам Марк Твен) се по малку претерани. Тој има вродена чудесна способност на воскреснување и регенерација, тоа својство го дели со паразитите – организми кои се хранат со други организми од различен вид. По целосното, или речиси целосното исцрпување на организмот – домаќин, паразитот пронаоѓа друг кој ќе му ги задоволи потребите од животни сокови на ограничен временски период.

Роза Луксембург уште пред стотина години ја забележа таа сенишна способност на капитализмот како Феникс да се издигне од пепелта, способност која со себе остава трага на уништување – историјата на капитализмот е обележана со гробови на живи организми чии животни сокови се исцицани до исцрпување. Луксембург, додуше, множеството организми предодредени да станат жртви на паразитите ги сместуваше во „предкапиталистичките економии", чиј број е ограничен и постојано се смалува со оглед на непрекинатата империјалистичка експанзија.

Со секоја следна посета уште една од преостанатите „девствени територии " се претвора во пасиште за капиталистичка експлоатација и многу брзо станува несоодветна за потребите на капиталистичката „продолжена репродукција", затоа што веќе не гарантира таков профит каков што бара таквата експанзија. Размислувајќи во согласност со ова, Луксембург логично ги предвидела природните граници на замисливото траење на капиталистичкиот систем: еднаш, кога сите „девствени територии" низ целиот свет ќе бидат освоени и вовлечени во мелницата на капиталистичкото рециклирање, непостоењето на нови подрачја за експлоатација ќе го најави и постепено ќе го предизвика колапсот на системот. Паразитите ќе умрат заради отсутност на неисцрпени организми со кои би можеле да се хранат.

Капитализмот одамна достигна глобална димензија, или барем и' има дојдено многу блиску, што за Луксембург била далечна можност. Дали тоа значи дека нејзините предвидувања набргу ќе се исполнат? Не би рекол. Во последните 50 години капитализмот совлада една дотогаш непозната и незамислива вештина на создавање нови „девствени територии", наместо својата алчност да ја ограничи на веќе постоечките. Таа нова вештина е овозможена со придвижувањето од „општество на производители" кон „општество на потрошувачи" и со фактот дека, наместо спојот на капиталот и работата, спојот на стоката и корисникот стана главен извор на „вишокот вредност": профитот и акумулацијата лежи главно во прогресивната комодификација на животните функции, пазарното посредување и постојаното задоволување на потребите, како и замената на потребите со желбите, како столб на економијата насочена кон профит.

Моменталната криза произлегува од исцрпувањето на на вештачки создадената „девствена територија" изградена од милиони на кои им е поблиска „културата на собирање книги" отколку „културата на кредитни картици", со други зборови, од милиони луѓе кои имаат премногу срам за да трошат незаработени пари, да живеат на кредит, да земаат позајмици и да плаќаат камати. Експлоатацијата на таа „девствена територија" сега е скоро завршена, а политичарите треба само да го расчистат нередот кој остана по гозбата на банкарите; таа задача е вон доменот на банкарската одговорност и спаѓа во корпата за отпадоци со ознака „политички проблеми", и со задоцнување е прекрстен од економски проблем во прашање (да ја цитирам канцеларката Меркел) „на политичка волја". Имаме право да насетиме дека во капиталистичките системи најтешката работа се одвива токму на полето на конструкција на нови „девствени територии", сепак оптеретена со проклетството на ограничениот животен век, ако се земе предвид паразитската природа на капитализмот.

Капитализмот напредува низ креативна деструкција. Она што се создава е капитализам во „нов и подобрен облик", но она што се уништува е способноста за самоодржување, животните средства и достоинството на неговите безбројни и умножени „организми-домаќини", нешто во што сме сите вовлечени на овој или на оној начин. Насетувам дека една од клучните предности на капитализмот произлегува од фактот дека фантазијата на економистите, вклучувајќи ги и критичарите, значително заостанува зад неговата инвентиност, самодоволност и самоволноста на неговите потфати, како и немилосрдноста на неговиот напредок.

(превод И.Ј.)

21 октомври 2011 - 00:00