Не се саде тие, и не се саде тука - сакаме да веруваме. Но во едно сме сигурни: како што ќе стареат, ќе стануваат подобри. Така барем ние се тешиме, со нашите години:)
Зоран Бејковски ни е откритие. Мораме додуше да признаеме дека неговиот богат опус го исфилтриравме од крв, смрт и од хорор сцените - го оставивме она помекото, хумористичното, што често 'мава' по битолски. Тој ни дозволи да направиме избор, и ние тоа го искористивме. Придружните цртежи се негови.
Даворин Стојановски го познаваме од Букбокс - два пати беше добитник на награда заради неговите луцидни одговори. Не се сомневавме дека пишува и дека еднаш ќе го објавиме. И тој и Маријана Јанческа се при крај со студиите по книжевност, можеби затоа нивниот израз е 'постегнат', поакадемски. Им посакуваме успешно да го завршат факултетот, а потоа да ги подзаборават сите силни книжевни теории со кои биле задојувани. Теоријата е мапа, но не и територија, со шуми, езера и по некој горски зајак. Што би рекол Давор, скокалив и шумен, како младите македонски автори:)
А сега, оставајте тастатурите, и ај на лимунада!
ЗОРАН БЕЈКОВСКИ
Име и презиме ми знаете, роден сум во Битола, каде и живеам, моментално 28 години, неоженет, татко најверојатно не сум. Успешно недипломиран на физика (отпишан), исто и на информатика (уште се водам како студент). Се уште без потреба за „цел во животот" - прашањето ми е апсурдно, тотално неамбициозен, неработлив (ама не и мрзлив). Ок, работам во трафика 4 часа дневно. Чат-пат сум електроинсталатер, некогаш сервисер на компјутери (обично за беспари). Слободното време го поминувам во играње Starcraft 2, фанатично возење тркачки велосипед (штом е топло) и пиење вино (штом е ладно), решавање шаховски проблеми и играње шах. Друго не ми текнува.., а да, можам да го задржам здивот 4 минути и 37 секунди, ама тоа не гледам зошто би послужило.
Чиста љубов
Немам веќе зборови
а би ти испеал серенада
сé што можам да направам:
ај на лимонада.
Стрипоманија
Си имам јас мускули
ко од цртаните филмови
но тамошните јунаци
како што знаете се нацртани.
Мени
Желе, бибер, мармалад од сливи,
малку млеко од кози диви,
јагнешко мелено и малку свинска сланина,
чоколадо солено и некоја џимиринка
За пиење: фрапе од маслинки,
јогурт, вино и чај од домати.
За десерт: чадени печурки,
со сос од пиво и боровинки.
Вибро (не)задоволства
На една планета само за забави
често организираа техно оргии
Од многу дроги сетила оштетени
ерогени зони парализирани
мора да се користат секс-направи
Додека сите играа така раслечени
некој подметна батерии истечени
Се чудеа по некое време научниците
кога една девојка роди роботче.
Морнарска игрозборка
На пир пијат пирати,
гусари - пирани морски тирани
Рум, румени, очите црвени,
нозе дрвени од игра здрвени
пијат, пејат, пцујат... на душата суша
од лулиња пушат
Рибарски мрежи украдени
во очите пресадени
очите сини? - не, помодрени.
Феминистичко друштво
Тетки наконтени со злато и пудлици
некои немажени, а повеќето вдовици
пијат кафе, в раце долги чибуци
гледаат телевизија документарец за комарци
„поради потребата од протеини
женките не се фини
за многу епидемии
за многу болести пренесени
тие се виновни"
Одма сите срипаа
хартија зедоа
нацртаа, напишаа:
знак, забрана
забрането убивање, пцуење,
забрането изживување со комарци.
Протест покренаа
какви се овие компании
што произведуваат пестициди
какво е ова производство на спрееви?
Феминизмот се шири!
протести масовни...
До мочуриштата организираа излети
цвеќиња полагаа за сите покосени
за сите женки комарци
неправедно смачкани...
За болестите се разбира
вината на мажите ја префрлија
за кавги „рачка" најдоа
вие сте пијаници рекоа
повторно во викотници нé завлекоа
без некоја причина...
...А што се однесува до мене,
секој што зуе треба да се убие.
Клаустрофилија
Берев парички за музичка кутија
кога собрав увидов: ја купија
Сите желби потонаа во малата кутија
паричките останаа само парчиња хартија
Амброзија во кутијата имаше
да се отвори требаше
...да се изеде
Корозија се вика онаа што ме сака
сака да ме вкуси, не й подавам рака
Кафеаво..,
ќебенце...
...карирано
камин, оган, оган од кадифе
кафе, мириса... вечно се вари
нема простор помеѓу решетки
Затворете ме
во кутијата чии ѕидови се доближуваат
затворете ме оставете ме...
...да си мислам дека растам
Хормони
Си ги замислувам тркалезни... топчиња
скриени некаде во главата
слатки бонбончиња
На допир се активираат
по срцето удираат
и вцрвенуваат
крвта ја згрутчуваат
Се лизнав јас на малите џамлии
околу мене беа растурени
лизгајќи се стигнав до некаде
погодете каде...
Гужва
Сцена прва и последна
автобус, од оние големите валканите
(не ги опишувам да не губам време)
не погрешно место една жена седна
во стомакот й бреме
Тоа што останало од човекот
со патерица одмавнува разлутено
„Тука пишува резервирано за инвалиди!
Заврти се, види!"
од другата страна пак некој написот го изменил
„резервирано за мајкини деца" ставил
Мислам дека најсреќни се старците
ништо не забележуваат
се бесат за држачите со бастуните
се крлаат, се радуваат
-...како мали деца.
Каубои на магариња
Два каубоја на двобој излегоа
своите долги пиштоли ги повлекоа
од цевките куршумите полетаа, се движеа
и двата по иста траекторија
и изненадно се пресретнаа
за чудо не се одминаа
и еден со еден се судрија
нозете им се пресекоа
...на каубоите
еден кон друг се упатија
нешто си потшепнаа
се договорија
да отидат в меана
за пиење нарачаа
и пиеја
пиеја пиеја пиеја
ноќи не спиеја
пиеја пиеја пиеја
пиеја виски?!
- неее... пиеја пиеја ракија
лута
домашна
56 степени
нема веќе
(стиховите за мезе ги зедоа)
ТехНово
„Те-еф-те" монитори
плазма телевизори
сé се тоа празни технологии,
џабе нано-процесори
ако се расипи
не може да се поправи
ни за аквариум не чини.
Пожарникар
Јас сум пожарникар
знам да ја изгаснам тагата,
но немојте да ме налутите
ќе добиете настинка.
Повеќе од Зоран на http://bejko.atspace.com/
ДАВОР СТОЈАНОВСКИ
Осумдесет и седмата година од 20 век, на Денот на жената, за првпат се вкристија погледите на Давор Стојановски и Државната болница.
Дваесет и три години од тој фатален ден, Давор остави зад себе неколку ракописи (песни, раскази, есеи, роман во подготовка, филмски сценарија) од кои се испечати и една драма добитник на награда за најдобра книга од средношколец.
Застанат меѓу вратата од Студентските прашања и масата од ресторанот каде што ќе го слави дипломирањето, Давор ги заврши испитите на Катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности (со македонски јазик) и ја очекува калиграфијата на неговата диплома.
Свири во музичката група што се ребрендира и се наоѓа во преговори за името без посредник од ЕУ. Негов инструмент е перото, би рекле љубителите на метафора, но и гитарата.
Моментално работи како copywriter и е во потрага по три работи во животот: а) превод на споменатиот термин на македонски јазик; б) издавач на романот што го привршува; в) женичката што го породи баш во градот Скопје, од сите можни градови и болници.
ЧЕТИРИ КРАТКИ ПЕСНИ
*
Срце го прегоре моето срце. Сијалица. Срце.
Нема што да верувам.
Врне звучејќи на пржени компири во фритеза.
И во нашите солзи има зејтин.
Испржено срце. Срце. Ме прегоре срце.
Твоето срце. Сијалица. Моето лице.
*
Згрчено тело под лушпа од полжав, џиновски полжав.
Што крие стуткано во десната дланка?
Немир. Снисходлива насмевка, впрочем, врз лицето машко.
На плажата откинати перки, во морето згаснато сонце.
На карпата девојка гола на хармоника свири.
А под лушпата тивок, бездушен, лигав,
останал голиот сонувач пијан. Згрчен од љубов.
Вљубен во едноставноста на неодлучноста и
откажувањето. Од себеси и од сечие море.
*
Дај ми да бидам горски зајак,
скокалив и шумен со правилна потенција денски.
По падот на правот месечинен,
блажен од твојте испотени бедра,
дај ми да повратам печено месо,
да заиграм бело, крзнено чедо,
да донесам среќа во твојата спална,
под тажните дабје, врз седиот бозел, над горскиот плевел,
врз твојата десна истоштена боска.
Па скокни и ти, со уши до јунско облаче вивнати,
со жалост што дишеш, со студ оти пиштиш.
Одери ме, дај ми да бидам, тоа што не сум.
*
Под око остави трага, со крв што се свлече,
по усните лигавка од години празни. Кои прошле толку
патеки уснени, од уста во уста, свиежливо,
гушкале други туѓите раце,
а само нему и на неговото лице
им оставиле трага. Со крв што се свлече.
Нејзините усни се вкусен сентимент и внимателен магнет,
а мојата глава од јагула прободена со сирово буково копје.
И ситните капки на нејзините зборови
во љубовен триаголник ги важат правилата Питагорини.
СТРЕЛАЈ МЕ ВО КЛЕТКА
Прва клетка.
Бактериите имаат само една. Исто така, една цела година помина од мигот кога беше зачната до мигот кога се роди. Сите се чудеа зошто ти требаше толку долг период за да излезеш. Се приврза за првиот дом и едвај се откина од него. Тебе и тој дом ве разделуваше само една папочна врвка, која истовремено го претставуваше и она што ве поврзува. Многумина стравуваа, зашто при обидот на докторите да направат рез на нејзиниот стомак, мајка ти престануваше да живее, а потоа, кога го оттргнуваа ножот, таа повторно оживуваше. Едноставно беше судено да те очекуваат. Секогаш се чекало на тебе. Отсекогаш.
Прва клетка, втора клетка.
Кога се роди невообичаено, но сепак разбирливо крупна, ти веќе беше потполно самоуверена и умствено созреана личност. Не плачеше. Ти никогаш не си плачела. Те носеа по гатачки, затоа што кога ќе се повредеше или расечеше од остри камења, тебе не ти течеше крв. Ти никогаш не си имала рана. Ти чувствуваш, но не знаеш како е чувството да се биде повреден.
Прва клетка, втора клетка, трета клетка.
Веднаш штом почна твојот овдешен живот, вдишувајќи го првиот воздух, ти созна сè. Ја имаше сета земна мудрост, ги имаше одговорите на сите прашања што човековиот ум може да ги постави. Ама не сакаше да ги откриеш одговорите. И молчеше. Ти секогаш молчиш, а ја познаваш иднината. Но, не знаеш како е да живееш во заблуда и исчекување, не знаеш како е да молиш, да прашуваш, да бидеш наивен, да се надеваш, да раснеш кон своето созревање и повторно да се потпрашуваш себеси за смислата на сопствената егзистенција.
Прва клетка, втора клетка, трета клетка, четврта клетка.
Животинските вируси паразитирале во клетките на животните и човекот. Не можам да погодам каков вирус имаш ти. А воопшто не се сомневам дека ти го знаеш тоа. Исто како што го знаеш денот и часот кога ќе нè напуштиш. Имаш прекрасно тело, како да нарасна во него, а не тоа да те нараснало тебе. Никогаш не беше бебе, дури ни тогаш кога беше. Живееше повеќе во себе (во тоа моделирано тело од тесна кожа во неправолиниски облик), отколку каде било другаде. Не сакаше да пријдеш в ничија близина. Ти не сакаше да те сакаат. Гола застануваше покрај градини со кринови и се валкаше по локви и скаменет глиб. Сама зачна: во твојата утроба одненадеж заживеа еден плод. Но, не знаеш како е кога ќе увидиш дека некој сака своето време да го минува заедно со тебе, да те посакува; не знаеш како е да љубиш некого, да легнеш со него, па најпосле да му се предадеш. За тој да те оживее однатре. (Чинам оти зачна самостојно повеќе од инает, одошто досада – колку да не бидеш сама во себеси.)
Трета клетка, втора клетка, прва клетка.
Не знаев дека ќе завршиш така – закопувајќи си го телото во кревка земја, легната во ровот, заробена во сопствена темнина. Долу, неколку метри под нашето тло, остана закопан и еден фетус. Над него горчливо изникна и никнува крин што се пои со млеко од градите на заблудата. Зародишот зародува зародиш. Иако знаеше сè, ти не знаеше ништо што знам јас, оти јас навистина мислам дека никогаш ништо не сум знаел. Можеби знаев само за ова единствено нешто. А ти можеби знаеше дека...
Втора клетка, прва клетка.
Зошто никој не успеа да го врати сонцето кога тоа почна да нè напушта? Никој не се враќа никаде, камоли онаму од каде што дошол.
Прва клетка.
Кога се состоиш само од една и единствена, не сакаш да те стрелаат во неа. Некому постоењето му зависи од само една невидлива микроструктура. А некому постоењето му е постоење на сиот свет.
МАРИЈАНА ЈАНЧЕСКА
Апсолвент сум на македонска книжевност и јужнословенски книжевности, детството го поминав во Гостивар, сега живеам во Скопје. Близнаци сум во хороскоп и зборувам јапонски:)
Синдром на непознато другарче
Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж светол и стрвен.....
Се сеќавате ли на писмата до непознато другарче, што ги испраќавме додека бевме мали? Ќе го отворевме прво именикот барајќи адреса, а потоа и срцето барајќи тема. Не беше важно дали ќе ни биде одговорено или не, важно беше да се ослободиме од тврдата грутка во грлото, и на некој странец да му го кажеме сето она што на најдобрата другарка не можеме. „Исток – Запад" на Јадранка Владова, пријатно ме обли со сеќавања на тие писма. Но, и на 2001 г. Тогаш заедно со писмата добивавме и пакетчиња. Кутии за чевли, ишарани и искитени, ни донесуваа несесери, боички, тефтерчиња. Посреќните добиваа и по некое парче облека. Писма за поддршка имавме сите. Некое девојче од Канзас, со пегички на лице и шарен фустан како на Дороти, ни велеше да издржиме и кажуваше дека се моли за нас секоја вечер. ..
Да, „Исток – Запад" ми ги врати сите тие сеќавања како писмо кое не можејќи да го најде примачот, се враќа кај испраќачот.
Приказната е едноставна. Објаснива со само еден збор. Двојство. Во сите правци, во сите сфери. Опозити. За секаде и секого. Се има своја опачина. (Или свое лице, како милувате)
А, на средината стои Истокот наспрема Западот. Ни се прикажуваат две реалности, две димензии, два простора, базен на поврзување е интернетот. Јадранка симулира реалност, ни дава искршени делови од паралелни светови. Празните страници, во духот на постмодернизмот го условуваат коучеството на читателот.
Ентузијаст вс. критичар. Западот е перфекционист. Истокот е мудар. Анастас е во Скопје. Стефан живее во Америка.
Сведоци сме на двојството кирилица - латиница. "Зарем мислеше дека сум дошол тука без кирилицата?" вели Стефан, а сака да каже "Зарем мислеше дека сум дошол тука без спомените од таму?" Се отвора прашањето на идентитетот. Очигледно е дека се околу нас има пар. Останува само да признаеме дека тоа важи и за човекот, и да му подадеме рака на другиот во нас. Анастас вели "Фонтот не ти е правописно коректен. Сепак инсталирај го мојов", а сака да каже "Твојата припадност тука не е целосна. Твојата автентичност кон нас не е 100 %. Дел од времето не беше тука, беше таму. Тој дел од тебе не припаѓа тука."
Целината што ни ја нуди романот е флуидна, недетерминирана, плурална. Наѕира во приватната сопственост. Несвесно говори за глобализацијата. Јадранка си нашла измислени или реално потврдени соучесници, сописатели и соистражувачи во експериментот на поврзување на фрагментите на текстот. Лага вс. Вистина. Миг вс. Вечност. Има ли дефиниција за секој од нив? И казна за нивно прекршување?
Имаме поврзување на внатрешниот свет на писателот со временските (не)прилики. Бурата што се случува асоцира на полифоничност, а дождот на меланхолија.
Кога би ја ставиле љубовта на страна, трите топ теми кои се обработуваат се интернет, филм и книги. Сите три се замена, супститут за вистинскиот живот. Не може, а да не се запрашаме: Дали животите се како облека која можеме да ја облечеме и да ја соблечеме? Дали имаме можност како змиите да се откажеме од старата кожа и да чекаме иднината да создаде нова?
Живот вс. сон. Војна вс. мир. Дали пишуваме за да дознаеме што му се случува на другиот или пишуваме за да го излиеме вишокот од нас, да се исповедаме и да се ослободиме од товарот на секојдневието?
Капучино со вкус на портокал вс. темно, горчливо, силно кафе. Анастас ја мистифицира Ана. Нејзините писма се полни со лиричност и сентименталност. Сведоштво за една неодљубувана љубов. Се чувствува виновна за Спировото заминување. Се споменува неговата одмаздољубивост, па добиваме впечаток дека нешто му згрешила. Постојано ја потенцира својата вина. Анините писма се квантитативно многу повеќе од Спировите. Желбата да се одржи врската секогаш доаѓа од Истокот. Истокот е отворен и искрен, Западот крие карти во ракав. Стефан заминал за да се надгради интелектуално, сака да се запише на постдипломски по книжевност. Завршува како физички работник на брод. Американскиот сон ги зема своите жртви во форма на нереализирани желби. Ана е единствениот лик кој е награден со надворешен опис, па затоа дознаваме дека е нежна учителка со очила. Типизирана.Болно физичко неприсуство на љубениот. Дали е тоа причина за љубовта? Те сакам затоа што не си тука? Те сакам затоа што твоето отсуство ми дозволува да го моделирам твоето присуство?
А, разделбата на крај е неминовна. Дел од нејзините писма се фокусираат на секојдневните случувања. Искрено, на моменти прозвучува патетика. Можно ли е сентименталноста да е резултат на близината на ужасот и смртта што ја опкружуваат? Дејствата временски се сместени во сржта на воениот конфликт во 2001 г. Интертекстуалност. Многу. Купови од интертекстуалност. Индиски приказни, Хајне, поезија од сите краишта на светот... и една приказна за мравките. Нив ги газат и децата, што само го потврдува фактот дека нема невини на овој свет. И наеднаш: застој.
Не мрда текстот напред. Само што почнавме заедно со Ана да копнееме и воздивнуваме по Спиро, крај. Крај без крај. Од тука почнува да тече пред нас документарец за тоа што се случувало помеѓу завршувањето на текстот и неговото објавување. Се појавуваат нови ликови. Се споменуваат нови книги. "Чудесната сиромаштија на Македонците". "Македонско злато". По целосна анализа заклучуваме дека романот ни нуди четири пара: Атанас - Стефан; Спиро - Ана; Мајкл- Јадранка; Мајкл - Стив. Алката која ги поврзува сите споменати (не)книжевни ликови е Мајкл Серафимоф, човек исечен пластично од реалноста и пренесен во книжевниот свет на нашата Јадранка.
Македонци вс. Албанци. Невини вс. Виновни. Технологија вс. Религија. Кога технологијата ќе потфрли дали имаме за право да ја повикаме на помош прогонетата духовност? Се има две страни, па така и технологијата може да оди со придавката "негативна".
Отворање на воени прашања. Мешани држави вс. Етнички чисти држави. Обид да се скрши етнички - територијално - политичкиот орев. Целта на војната не е мир, туку победа. Кога компромисот е решение? Евро. Есперанто. Емпатија.
Ликовите не живеат само во литературата, туку влегуваат и излегуваат од приказната со еден клик на маусот, додека во меѓувреме се занимаваат со секојдневните животни преокупации. Факт вс. Фантазма. Матрица. Ние ги создаваме другите луѓе, а во суштина сме сами. Медиумите се сугестивни, создаваме слики и представи по нивен терк.
Вистината е како еластично јаже што може да го издолжиме колку ни треба во моментот.
Кога повторно ќе се присетам на писмата до непознатото другарче, не можам а да не насмеам на објаснувањата кои ги давав за "мојата земја". А, сега не можам а да не се запрашам дали постојат национални одредници? Дали има збир на правила и особини кои ја детерминираат (не)културата на една земја? Интелектуална деколонизација. Чистење од надворешните влијанија врз нашето расудување. Прашањето на националноста е градење на идентитет во однос на "другиот" како процес, дијалошко - диференцијално вкоренет во постојаното соочување со оној што е надвор од својата заедница. За да се дефинирам не ми треба некој ист како мене, туку некој различен од мене. Идентитетот се гради врз основа на разлики, а не врз сличности. За тоа говори Владовата "Исток - Запад". Токму затоа тешко се справуваме со културните хибриди. Навикнати сме на граници, и си ги негуваме бидејќи нè обликуваат. Не можеш да си и тука и таму. Истокот наспроти Западот. Истокот и Западот. Една буква менува се. Сè.
Писмата до непознатото другарче со време проретчуваат за на крај сосема да исчезнат. Мигот на нивното исчезнување може да го изедначиме со мигот кога дознаваме дека реалноста е црно - бела и мора да се дефинираме.. А, дефинирањето само по себе повлекува низа запечатени разлики од "оние другите". Бидејќи, многу полесно е да убиеш некого, отколку да го одржиш во живот.
Судбинско нешто се плело за века,
од двете нишки, два созвучни збора,
едниот буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.