За притоа да бидете прецизни и доследни, но не и досадни, не само што треба многу добро да го познавате она за што зборувате, туку треба и да имате специфичен став кон 'науката' и научното - таков кој нив не ги есапи како поле за еснафско надмудрување, или како некаков елитен џентлменски клуб, туку како универзална придобивка на човештвото, која треба да се 'спушти' од сопствените олимписки височини, и од библиотечните полици да потече кон улиците, кафаните и...киосците со стрипови.
Токму таков подвиг успеале да направат двајца Грци (да, колку актуелно..), Доксиадис и Пападимитриу, со графичката новела (или ако повеќе сакате - стрип) Логикомикс. Првиот е математичар кој станал писател - неговиот роман Чичко Петрос и Голдбаховата теорема е преведен на повеќе од 30 јазици, и оценет како 'трендесетер' во таканаречената „математичка фикција". Вториот е истражувач од областа на теориските компјутерски науки и професор на Беркли, а во слободно време свири на клавијатури во рок бенд. Со двајца цртачи во тимот, и после долги подготовки кои вклучувале детални истражувања за секој од ликовите, како и посета на сите поважни локации, тие ја опишуваат потрагата по логичките основи на математиката, во историски веројатно најзначајниот период за поновата историја на оваа наука - од крајот на 19-тиот век до Втората светска војна.
Улогата на наратор му е доделена на големиот логичар, филозоф и пацифист Бертранд Расел - приказната запонува на 4-ти септември 1939, три дена по нацистичката окупација на Полска. Расел држи предавање на американски универзитет за врската на логиката и важните општествени прашања, меѓу кои најзначајно во тој момент е можното разгорување на уште една (втора) светска војна. „Што е тоа логика?' - започнува Расел, за низ следните 352 страници да ја раскаже сопствената научна, но и човечка одисеја, низ која поминал барајќи го одговорот на ова прашање. Испреплетени со неговиот ги следиме и животите на уште неколку големи имиња во математиката и филозофијата - Фреге, Гедел, Вајтхед, Витгенштајн. И да не сте чуле претходно за нив, и дури (како и јас) да немате појма од математика, вие не можете а да не се внесете во приказната и овие луѓе да почнете да ги доживувате како супер-херои од калибарот на Супермен или Загор-Те-Неј. Разликата помеѓу првите и вторите е што судбината на големите научни умови е сепак повеќе трагична отколу супер- херојска - во потрагата по Вистината секој од нив ја плаќа сопствената цена, запаѓајќи во депресии, дури и во лудило. Иако најголемиот дел од опишаните настани навистина се случиле, фиктивните моменти обезбедуваат емоционален контекст за инаку доста 'сувата' материја каква што знае да биде математиката.
Авторите на стрипот, кои се појавуваат како ликови во преодите помеѓу приказните, често и самите запаѓаат во дилеми во врска со тоа што го работат, и иако не толку интензивно сепак ја делат судбината на секој кој тргнал по 'патот по кој поретко се оди', патеката до знаењето. Она што ним очигледно им е битно се луѓето зад теориите, чувствата зад формулите и човечкото пред научното. Токму тоа е можеби и најголемата доблест на оваа графичка новела - што успева овие ликови, за повеќето од нас крајно апстрактни, географски и академски далечни, да ни ги претстави како луѓе од крв и месо, да ни овозможи да ги визуелизираме, па дури и да ги замислиме во движење - цртежот во Логикомикс е толку 'филмски' што имате впечаток дека е стори-борд за некој иден филм. Кога ќе размислам, тоа и не е толку лоша идеја..
Логикомис излезе пред речиси два месеца, и првото издание и во САД и во Британија е распродадено. Во моментов таа е на првото место на топ-листата на графички новели на Њујорк Тајмс, и е вброена во 100-те најдобри изданија во 2009 на листата на Publishers Weekly. Иако е и забавно, Логикомикс е пред сè филозофски ангажирано четиво. Неговата најважна поента (и тука го парафразирам критичарот од Њујорк Тајмс) сепак е:
Живот ≥ Наука
Или...како за кого :)
* * *
ПС. Веднаш откако ја прочитав книгата им пишав на авторите, потенцирајќи од каде сум, и дека освртов ќе биде објавен на еден од најчитаните македонски портали. Мислите реагираа на спомнувањето на Македонија? Како не. Друго си гледаат они...
Повеќе за Логикомикс, како и делови од книгата на www.logicomix.com.