
По совет на министерот Ли Си, кинескиот цар Кин Ши Хуанг наредил палење на сите филозофски и историски книги кои не одговарале на официјалната политика и на неговиот табиет. Следело закопување на живо на голем број интелектуалци кои не се вклопувале во државната догма. Движењето на отпорот после долга борба успеало да ја заземе палатата и државните архиви каде се чувале малкуте „исправни" писанија, и по принципот „книга за книга, Зипо за Зипо", сите да ги запали. Годината е 213. пред наша ера, и според историските хроники тоа се првите познати случаи на книгопалење или либрицид.
По сопствено наоѓање, извесен пастор од Флорида на деветгодишнината од 9/11 закажува јавно палење на Куранот. Годината е 2010. од нашата ера, уште има живи сведоци на нацистичките книжевни клади, и такви кои ги прочитале и разбрале предупредувањата од Фаренхајт 451 на Реј Бредбери. Сето ова го прави потегот на јадниот Тери во најмала рака некреативен. Сам против пола свет, Папата, Пентагон и (последно, но не и најмалку важно) Анџелина Џоли, само чекавме кога „случајно" ќе се лизне на корка од банана, ќе шине нога, и целата работа ќе се откаже. Бананата дојде во вид на негово просветление - оние кои промовирале изградба на џамија на Граунд зеро се повлекле, па и тој ќе се повлечел. Или пак не. Море да. Море не.
Додека нашиот Тери Џонс се пекмези, а експертите се пенават околу очигледната причинско-последична поврзаност на правото на слободно изразување (кое во САД вклучува и право на палење знамиња и книги) со ризикот преку истото да се распали верска и расна омраза (чуј, распали!), нашата мала интелектуална дружина уз пиво и домашна пица (уште камин фалеше) дебатираше околу прашањето - дали сме или не сме за правото на палење книги?
Додека погледот лизгаше по домашната библиотека (каква случајност, Куранот ми стои на иста полица со избраните раскази на Бредбери!) се обидував да се сетам на книга која толку ме изнервирала што сум посакала да ја уништам, запалам или кинам, лист по лист. Како што човек во текот на еволуцијата се научил да препознава и одбегнува расипана храна за да не го боли стомак, така љубителите на книги со тек на времето учат да ги одбегнуваат оние лошите, речиси атавистички да ги препознаваат, по корицата, мирисот и фонтовите! За чудо, навистина не можев да се сетам на некој толку екстремен случај, освен кога се во прашање извесни новинарски текстови, учебници и лоши преводи, кои како залетано Ауди на пешачки случајно налетале на мене. Тука мојата мирољубива природа излизгува во мрачни предели..Но дури и тогаш, палењето е само план Б. Има многу покорисни начини за третирање на лоши книги, од нивно комплетно игнорирање, до правење фишеци за семки или рециклирање. Палење на книги, и тоа на лето, во ситуација кога имаме речиси два функционални канадери, би можело резултира со последици кои се повеќе од книжевни.
Секако дека игра улога што тука не се пали некоја си таму книга, туку што е тоа посебна, света книга. Да излезеше пасторов со барање да се запали новото издание на...што знам...Даниел Стил, тешко дека момците од ФБИ ќе беа толку заинтересирани. Ама Талмудот, Библијата, Куранот, тоа е a whole new ball game. Тери Џонс веројатно нема замерки на естетските и преводните квалитети на делото кое го иритира. Психоаналитички и етнолошки, она што тој го прави е рамно на таканаречена симпатетичка магија - ја палам книгата, затоа што сакам (а не можам) да ги запалам сите муслимани! Царот Кин барем беше фер, не само што им ги запали книгите, туку и ги уби сите негови неомилени писатели. "Оној кој пали книги, ќе пали и луѓе", пишуваше Хајнрих Хајне во 1820., тотално несвесен дека по нешто повеќе од сто години токму тој ќе биде прогонуван, а неговите книги ќе бидат забранувани и палени. Не бадијала палењето книги се нарекува либрицид, со истото -цид што го има во 'суицид' (само-убиство) или 'инфантицид' (дете-убиство). Уништувањето на книги е симболичко убиство, не на луѓе, туку на идеи. Но тоа често е само првиот чекор.
Да скратам. Помеѓу ризикот низ светот да кружат „лоши" книги, во морална, естетска и идеолошка смисла, и истите да имаме право да ги запалиме, јас сум сепак за првото. И тоа од чисто егоистични причини. Ако не сум таа што би одлучувала што е добро а што лошо (на ниво на император), тогаш во печката лесно би можеле да се најдат моите омилени автори. За оние кои веќе сум ги читала ајде-де. Ама што е со оние со кои допрва треба да другаруваме? Ааа, не. Светите книги нека си останат свети, лошо преведените, кичерајските и глупите такви какви што се. Веројатно има и други начини да ги коментираме, критикуваме и одбегнуваме лошите книги. А Куранот сигурно не е една од нив.
„Одложено, но не и откажано", се вели во последните вести за саботното палење. Ако пасторот и покрај сите предупредувања сепак се одлучи да го употреби неговото уставно право, еве еден користен совет: кога горите книги не се препорачува да стоите спроти ветерот - печатарската хартија содржи хлорин, заради што кога гори испушта диоксин. Тоа може да предизвика кожни лезии, оштетувања на црниот дроб, рак и репродуктивни абнормалности. Што е секако пострашно од едно обично сопнување на банана..
Честит втор ден Бајрам!