„Драг Даре,
Тукушто ти ја прочитав книгата, и морав веднаш да ти пишам, дур ме држи. Си напишал „Дарковска космологија", или „За потеклото на нештата", онакви какви што сме ги спознале како деца, но и онакви какви што сме ги доживеале (и се уште ги доживуваме) како возрасни, со детска љубопитност и ранливост. На моменти е тажна, но го слави животот, онаков каков што е, во сите негови нијанси. Највпечатливи ми се деловите за мајчинството, кое си го разбрал повеќе и од некои мајки - можеби тоа е другата во тебе:). Ми остана една реченица, како од оние кога ја читавме 'Оловка пише срцем' - Заувек је сада. И после. А кад се после заврши, и тада.
Да се објави на македонски, или барем да ја промовираме во Букбокс.
Поздрав,
Илина"
Во минатото издание на Букбокс препорачавме хрватски автор, преведен и објавен во Македонија. Овој пат „империјата го возвраќа ударот" - претставуваме книга од македонски автор, неодамна објавена во Хрватска, со надеж дека истата наскоро ќе биде преведена (да, преведена, затоа што е пишувана на хрватски), и објавена кај нас.
Човечките и книжевни патишта се чудни, а оние на Дарко се меѓу почудните - има завршено книжевност во Скопје и постдипломски во Загреб, работел како новинар во радио, професор во гимназија, рецепционер во хостел, гастарбајтерски мијач на садови, и изработувач на портрети за надгробни споменици. Во моментов живее и работи во Женева, како советник за образование за пола свет во Меѓународниот комитет на Црвен крст. Се знаеме од време кое сега делува како некаков претходен живот, кој и нема голема врска со овој. Нешто што изгледа...како сон.
За да не испадне пријателски и патриотски непотизам, во прилог еден од освртите кон книгата кој излезе по нејзината промоција во Хрватска и Босна. На онаа во Македонија секако со време ќе бидете поканети...
* * *
ЗА ИЗГУБЕНИОТ СОН
од Дарко Јорданов
(превземено од bookmar.hr)
издавач: Ибис графика, Загреб
илустрации: Тајана Ивиќ
Постојат приказни, слики, филмови и книги после кои се чувствувате поинаку. Првичниот впечаток кој тие ни го оставаат нe' залажува, тие ни се чинат питки и едноставни, но некако ни се вовлекуваат под кожа и чувството кое го побудуваат кај нас не исчезнува така лесно. Ова е една од тие книги. На прв поглед вешто конструирана приказна за доаѓањето на свет, учењето, созревањето...сите оние нешта кои ги доживува и низ кои минува секое човечко суштество откако ќе се роди. Распарчена во 28 делови, во ритам од 28 дена на лунарниот месец, Изгубениот сон изгледа како поучна бајка која со помош на ликовите од животинскиот свет се занимава со основните прашања кои се поставуваат во чудесниот миг на раѓањето - како се доаѓа на свет? Постои ли нешто пред тоа? Постои ли свет вон оној кого го нарекуваме стварност? Што е пријателство, а што тајна? Како волкот се претвора во пес? Од каде доаѓа стравот? Каде и што е на крајот на краиштата љубов?
Така едно девојче се раѓа во првиот дел, во вториот ги запознава првите мрачни соништа во нашиот свет, во третиот добива име, па почнува да зборува...Но читателот набргу сфаќа дека зад, и под, и над таа приказна постои втора, и трета. Девојчето Миона живее во свет кој за неа во сон го создала нејзината Мајка, а животните кои се грижат за девојчето дознаваат дека се ликови во приказна, во сон, но тој сон е вистински свет, нивен свет. Главниот лик, Миона, како и сите останати ликови, е само сон на нејзините родители. Нo нели е тоа секој од нас, сон на сопствените родители? Сон кој со чинот на раѓањето минува во овој свет, но до тогаш 28 недели и тој сон има свои, сопствени сништа. Дали во тој друг свет тоа суштество го сонува овој, наш свет? Каков е воопшто тој свет на кој ги носиме нашите деца, би се запрашале многумина од нас. Свет полн со насилство, исушение и опасност..Како да се одгледа дете? Треба ли да се подготвува да ги издржи сите најсурови нешта кои животот би можел да му ги донесе или да го воспитуваме да живее во некој свој свет?
Како што Ничеовата Така зборуваше Заратустра не е само приказна за човек кој се качувал на планина, ни Изгубениот сон на Дарко Јорданов не е само басна, низа приказни за мали деца, или пак романсирана педагошка литература. Смело, а сепак не премногу наметливото користење на литературни постапки, Борхесовската огледалност и референцијалност (Малиот принц преку изрека се споменува во приказните), покажуваат дека тука се работи за многу храбра книга која преку низа „приказни за добра ноќ" длабоко влегуваат во подрачјето на филозофијата. На илјадниците детски „зошто?" секој од нас наоѓа некој начин да му одговори на своето дете, и на детето во себе, а Дарко како свој одговор го одбрал Изгубениот сон.
Не сметајќи ја периодиката и педагошката литература, на овој педагог (со диплома од компаративна книжевност) и образовен советник на Меѓународниот црвен крст ова му е прва книга, а опремена е со несекојдневни илустрации во туш на графичката дизајнерка Татјана Ивиќ, на која ова и' е прв излет во илустрацијата. Значи се работи за литературно првенче на двајца зрели луѓе кои, секој на својот начин, ја излиле суштината на нивното знаење и животно искуства во книга која никого не би смеела да го остави рамнодушен. Книга за родители кои очекуваат деца и за деца кои очекуваат родители, така еднаш го опишал Дарко Јорданов неговиот Изгубен сон. Не е потребно да се каже ништо повеќе од ова.