Бубрези, ребра, пениси: „вишокот“ делови од телото кои понекогаш ги создава природата

Благодарејќи на милиони години еволуција, човечкото тело се испраксирало во однос на своите развојни процеси. Поголемиот дел од времето тоа ни дава коректен број органи и структури кои ни се потребни за да функционираме. Ама, тоа не значи дека не можат да се случат и курцшлуси.

Колку и да звучи необично, дополнителни заби, прсти на нозете и на дланките, како и брадавици на градите се всушност прилично вообичаени. Околу 1% од светската популација се раѓа со екстра прсти, а исто толку со плус заби. Обата феномена се почести кај мажите, особено дополнителните прсти на рацете, кои се двојно почести кај нив.

Околу 6% од луѓето имаат дополнителна брадавица. Таа може да е лоцирана каде било во пределот под мишката па до препоните. И тие се почести кај мажите, иако не е јасно зошто. Исто така, повообичаено се појавуваат на левата страна на телото.

Но ова не се единствените места кадешто можат да се појават повеќе телесни делови. Некои луѓе се родени со екстра коски, органи и гениталии, а многу често не се ни свесни за тоа.

Прекумерен број ребра типично има на две места: кај вратот или во лумбалниот регион (долниот дел од 'рбетот), и тоа на обете страни. Екстра ребро вообичаено не прави проблем, и се открива случајно на рентгенска снимка која е правена за друга состојба, иако може да биде опасно ако притиска на соседните нерви и крвни садови. 

Дополнителна слезина е неверојатно вообичаена. Помеѓу 19-30% од луѓето имаат една плус. Таа се јавува близу до главната слезина, но во некои ситуации може да е и многу подолу од неа. Повообичаено е да се има двоен пар бубрези, поврзан со мочниот меур со дополнително цевче. Плус бубрег или бубрези има 6% од населението.

И како за крај - гениталии. Постојат голем број генитални аномалии што се должи на фактот што тестисите и јајниците се развиваат на обете страни на телото, што овозможува структурите што ги поддржуваат да се спојат некомплетно во текот на нормалниот развој, предизвикувајќи формирање на плус гениталии. 

Двојна матка имаат околу 0,3% од жените, што значи тоа е многу ретка појава. Секоја од матките може да има свој канал и вагина или обете можат да делат една иста вагина. Што е уште поинтересно, секоја од нив најчесто е способна да износи здрав фетус, и тоа истовремено! Сепак двоен утерус се поврзува со повисок ризик на спонтан абортус, предвремено пораѓање и раѓање мртов плод. 

Мажите исто така можат да бидат родени со дополнителни гениталии. Дифалија е појава на мажи со два пениса - феномен кој се појавува на еден од 5 до 6 милиони раѓања. Секој случај е уникатен, со различни големини, облици и функционалност. Неодамна, имаше и вест за дете родено со три пениси (трифалија) иако само еден од нив ги имал сите потребни цевчиња за да уринира. Полиорхидизам е имање на прекумерен број тестиси, при што највообичаена бројка се три, а дополнителнот да е на левата страна. Дополнителните мадиња не предизвикуваат проблеми освен ако не успеале да се симнат во скротумот, што се поврзува со зголемен ризик на тестикуларен рак. 

извор

10 јуни 2024 - 22:58