Кларксдејл е еден од најголемите градови во делата на Мисисипи, најсиромашниот регион во најсиромашната држава во Америка. Памукот и земјоделството се уште се главни стопански гранки, но механизацијата има укинато голем број работни места. 37% од населението, од кое повеќе од половина се деца, живее во беда. Сепак некој наоѓа начин Делтата да ја направи атрактивна за туризам.
Роџер Стол, поранашен извршен директор за рекламирање од Дејтон, Охајо, дошол во областа воден од неговата љубов кон нејзиното богато музичко наследство. Таканаречената „Мисисипи патека на блузот", која вклучува значајни топоси за овој жанр, води низ целата држава, но околу Кларксдејл станува најгуста, со 9 значајни блуз места, каде се родиле или живееле блуз творци како Ајк Тарнер, Џони Ли Хукер, Мади Вотерс или Беси Смит.
Токму бараката во која живеел Мади Вотерс до неговото заминување по слава и богаство во Чикаго е дел од Delta Blues Museum кој Стол го има отворено од 1999 во едно старо складиште. Блиску до него има и блуз клуб, кој од надвор изгледа како биртија, но внатре е опремен со најсовремена звучна опрема. Делумен сопственик на местото (кое се вика Ground Zero) е Морган Фриман, кој дел од детството минал на Мисисипи и се уште поседува куќа на Делтата.
Откако клубот и Музејот почнале да привлекуваат љубители на блузот кои тука остануваат и по неколку дена, Кларксдејл почнал да организира и филмски фестивал и неколку музички фестивали секоја година. Од 2006, кога е отворен, клубот тој бележи постојани рекорди во продажбата секоја сабота навечер. Наскоро беџовите со „Го сакам Кларксдејл" кој ги продава локалната сувенирница можеби нема да изгледаат толку неверојатно како што изгледале кога прв пат осамнале во излогот.