Американската академија во Рим, најголемиот американски центар за независни истражувања во странство формиран 1893, неодамна го награди Бертолучи со престижната награда МекКим, чии претходни добитници ги вклучуваат диригентот Рикардо Мути, композиторот Енио Мориконе, режисерот Франко Зафирели и писателот Умберто Еко. Во говорот по тој повод славниот режисер изјавил дека е разочаран од Холивуд и неговите филмови, и дека денес повеќе сака да гледа ТВ серии, како Mad Man, за кои вели дека се подобро режирани од големите холивудски хитови.
„Џезот беше првата музика која ја имам чуено во животот, и за мене џезот ја претставува Америка", изјавил тој. „Потоа го гледав 'Поштенската кочија' и Џон Форд за мене стана Хомер. Но тој Холивуд кој некогаш ме возбудуваше сега ме прави депресивен. Мојата генерација имаше љубовна врска со американската култура. Улична светилка и хидрант можеа да направат да пеам на дожд. Но сега американските филмови кои ги сакам се всушност серии како Mad Man и Breaking Bad. Сè друго е тажно."
И покрај лошата здравствена состојба, Бертолучи изјавил дека ќе стори се за промовирање на културната размена - „таа е спас за светот", додал тој, сеќавајќи се како татко му го испратил во потрага по нови искуства кога, како момче, му го дал да го чита „Моби Дик".
Оваа година Бертолучи ќе претседава со жирото на 70., јубилеен филмски фестивал во Венеција, кој ќе трае од 28. август до 7. септември.