Пред 18 месеци во огранокот на аукциската куќа Сотби во Амстердам е донесена слика за која се тврдело дека е портрет на Олимпија Маидалчини Памфили, насликан во средината на 17 век од Диего Веласкез. По напорен процес на автентикација и конзервација, потврдено е дека станува збор за оригинал, кој три векови се сметал за загубен.
Освен што претставува слика вредна околу 3 милиони евра, таа е исто така ретка визуелна претстава на една од највлијателните жени и манипулаторки од италијанскиот 17 век. Олимпија Маидалчини Памфили била љубовница и снаа на папата Инокентие Десети. Наречена „Папеса“ или „женскиот папа“, таа била остра феминистка, истовремена заштитничка и на римските проститутки и на калуѓерките.
Според Еленор Херман, авторка на книгата „Љубовницата на Ватикан: вистинската приказна за Олимпија Маидалчини“, таа била барокна рок ѕвезда - жените од целиот католички свет доаѓале во Рим, стоеле пред нејзината палата, и гласно извикувале кога ќе се појавела нејзината кочија.
Дона Олимпија од сенка раководела со надворешната политика и учествувала во бирањето кардинали. Кралеви и кралици од цела Европа праќале подароци од злато и дијаманти за таа да им заврши некоја работа. Папата не носел ниту една одлука пред да се консултирал со неа. Биле ковани медаљони на кои биа претставена во папска одежда седејќи на тронот во Св. Петар.
Мажите на папскиот двор ја мразеле и се плашеле од неа, велејќи дека римската власт е во раце на „курва“. Од друга страна бројни уметници, драматурзи и музичари ја уживале нејзината поддршка. Таа стоела, на пример, зад нарачката на Фонтана де Куатро Фиуми, екстравагнатна фонтана на Пјаца Навона која денес е туристичка атракција. Наскоро по нејзината смрт од бубонска чума во 1657, католичката црква ја избришала од својата меморија оваа скандалозна жена, која долго време ги влечела и црковните конци.
Неколку години порано, Веласкез втор пат дошол во Рим, и ја насликал дона Олимпија, чиј портрет делува прилично строго и опасно. Неговото постоење е документирано до 1724, но потоа му се губи трагата. Сега се знае дека сликата завршила во Холандија, каде во 1980-тите е продадена на аукција како дело на „анонимен сликар од холандската школа“. Приватниот колекционер немал претстава дека се работи за Веласкез.
Сликата ќе биде понудена на продажба во Лондон на 3 јули, заедно со дела од Констабл, Тарнер, Рубенс, Ботичели и Бројгел, заедно проценети на повеќе од 70 милиони евра.