„Љубов, загуба и она што го јадевме" има 324 страници за кои авторката вели дека не само што се обидува да ја раскаже нејзината приказна, туку и да ја стане нејзин сопственик, наспроти сите оние кои до сега ја раскажуваа во нејзино име и без нејзина согласност. Иако содржи делови посветени на нејзиното детство, љубовните и кулинарските искуства, како и надминувањето на несигурноста околу нејзиното индиско потекло, разбирливо најголемо внимание книгата прилекува заради деловите кои се однесуваат на врската и бракот со Ружди.
Тие се сретнале на забава во Њујорк во 1999, кога писателот бил женет а таа била амбициозен модел и актерка. Следела страсна љубов а потоа и брак. Но здравствените и професионалните тензии биле голем товар кои на крајот резултирале со развод. Лакшми имала операции на матката кои го нарушиле нивниот сексуален живот. Ружди во книгата е претставен како нечувствителен по однос на нејзините медицински и психолошки проблеми, сметал дека таа нив ги користи само како оправдување да нема секс со него, и во еден момент ја нарекол „лоша инвестиција".
Лакшми го информирала бившиот маж дека има намера да пишува за нивниот брак, на што тој демократски реагирал со - „Имаш право да ја раскажеш твојата страна на приказната".
Неговата пак страна на приказната е раскажана во неговиот мемоар од 2012 „Џозеф Антон", во кој тој ја опишува Лакшми како „илузија", често навраќајќи се на нејзините ирационални и суетни однесувања.
Лакшми денес е ко-основач на Фондацијата за ендометриоза на Америка (дијагнозата од која и самата страдала), а вели дека готвењето и овозможило да стекне самодоверба, особено во присуство на пријателите на Ружди, кога имала барем нешто да прави со рацете и гастрономски за момент да излезе од сивилото.