Извесен Бенџамин Палмер пред некој ден платил 3,500 долари во аукциската куќа Филипс во Њујорк, со традиција во бизнисот со уметнички дела од повеќе од двесте години. Но она што било различно овој пат е што новиот сопственик купил нешто виртуелно, дело кое постои на веб страница.
ifnoyes.com е сајт со разнобојни геометриски модели, кои реагираат на движење на маусот. Авторот, холандско-бразилскиот уметник Рафаел Розендаал, го споредува поседувањето на уметничко дело кое стои на интернет со поседување на јавна скулптура која стои изложена во парк. И нема ништо против тоа дело да биде токму неговото.
„Да се биде присутен во толку стара аукциска куќа, а притоа да се купува интернет страница, изгледаше како совршен потег", изјавил новиот сопственик. Вечерта по шопингот, наместо да ја закачи сликата на ѕид, тој го направил виртуелниот еквивалент на овој чин - ја (ре)постирал сликата на Твитер.
Дигиталната уметност датира од средината на дваесетиот век: на изложба од 1968 во Лондон, наречена Cybernetic Serendipity биле изложени копмјутерски дела на неколку уметници, што претставувал дебитантски чекор на ова поле. Со развојот на интернет во деведесетите и овој аспект бил интегриран во дигиталната уметност. Но ова е прв познат случај на аукциска продажба на дело кое постои само на веб.
На истата продажба наречена Paddles ON, која целосно била посветена на новите медиуми, биле понудени 20 дела, меѓу кои барокен лустер направен од камери за набљудување наместо светла, .gif под наслов „Американци!", како и дигитално манипулирани „Поштенски картички од Google Earth" (горе).
Секако, кога е во прашање продажба на вакви дела, се наметнува прашањето на реалната сопственост над нив. Иако Палмер и неговата жена се сопственици на УРЛ-то „ifnoyes.com", сепак секој може да пристапи до него. За воопшто да ја купи, Палмер, по барање на авторот, морал да потпише договор дека страницата ќе остане јавно достапна. Сепак изворниот код на сајтот ги покажува имињата на сопствениците, и има некаков потпис од уметникот. Речиси исто како на масло на платно.