До сега има работено на ровер за Месечината, измислил дрон кој може да се печати со 3Д технологија и развил аудио технологија која им помага на оние со оштетен вид. Но најновата креација на 24-годишниот Арнав Капур може да прави нешто уште по научно-фантастично - да ги слуша гласовите во нашата глава.
АлтерЕго, како што се нарекува пронајдокот, е нов систем кој може да детектира што си кажуваме кога си зборуваме самите со себе, секако дури и кога молчиме и не ги мрдаме усните.
Технологијата вклучува сензори кои ги регистрираат и најмалите невромускулни сигнали испратени од мозокот до гласните жици, мускулите на грлото и јазикот. Овие сигнали се испраќаат секогаш кога си зборуваме тивко во себе, дури и кога не испуштаме никакви звуци. Сигналите се регистрираат преку вештачка интелигенција која ги „чита“ и ги претвора во зборови. Тие пак можат да се слушнат преку микрофон, кој го пренесува звукот преку коските на черепот и на ушите, што значи дека други не можат да ги слушнат.
Пронајдокот се очекува да им помогне на луѓе со проблеми во комуникација и да ја поттикне способноста за зборување на оние кои тоа не го можат. Капур, кој е докторанд на MIT во моментов ја тестира направата во болници и рехабилитациски центри во Бостон и неговата околина. Станува збор за пациенти кои доживеале мозочен удар, или кои страдаат од церебрална парализа и други невродегенеративни болести. Според него и во моментов системот работи со точност од 92%.
Но апаратот може да послужи и на здрави лица, на пример за подобро памтење. Да речеме дека правиме список за купување во главата, но кога ќе дојдеме во продавницата половината веќе сме го заборавиле. Или на улица ни доаѓа некаква добра идеја која не можеме да ја запишеме. Со АлтерЕго овие мисли можат да се регистрираат за потоа да се навратиме на нив. Ова особено може да им помогне на пациенти со деменција, кои би можеле да ги снимат сопствените инструкции и да ги темпираат заслушање во соодветното време.