По трилогијата за Цицерон и романот за Помпеја, авторот Роберт Харис, поранешен новинар, повторно се враќа во антички Рим. „Агрипа“ опфаќа бурен период од римската историја – од граѓанските војни и убиството на Јулиј Цезар, преку борбите за власт и сложените политички сојузи, до битката кај Акциум и преобразувањето на Октавијан во Цезар Август. Во приказната се појавуваат Цицерон и други познати фигури, но центарот е човекот кој денес е многу помалку познат од нив.
Харис го избира Агрипа како раскажувач токму затоа што историските извори за него се изненадувачки скудни. Немал славни говори, оставил малку писма и само неколку директно забележани реченици.
Агрипа бил човек кој моќта не ја гледал само како нешто што се освојува со војска, туку и како нешто што треба да се изгради – буквално. Неговата трага во Рим е огромна, особено во инфраструктурата - се зафатил со обновување на градските улици, канализацијата и водоснабдувањето, а потоа надгледувал и изградба и поправка на аквадукти.
Но, тој не градел само за да обезбеди вода, туку создал цел комплекс на јавни објекти: големи јавни бањи, вештачко езеро и канали, а бањите им ги оставил на Римјаните за бесплатно користење. Аква Вирго, eдинствениот аквадукт кој има непрекината функција цели 2000 години, бил суштински дел од овој проект – водата го снабдувала токму комплексот на неговите бањи, но и други јавни простори во градот.
Особено впечатлив е размерот на неговата интервенција. Според античките извори, за време на неговата служба биле изградени или обновени стотици јавни чешми, базени и резервоари, а се работело и на прочистување и проширување на канализацискиот систем. Тоа е и причината зошто Агрипа е интересен контрапункт на Октавијан: додека едниот ја гради својата политичка моќ преку сојузи, пропаганда и манипулација, другиот ја претвора таа моќ во патишта, вода, бањи, мостови и други трајни градби.
Па сепак, без него подемот на Октавијан тешко би бил возможен. Иронично, самиот император подоцна како намерно да го потиснал од историјата, спомнувајќи го само двапати во својот славен запис за сопствените достигнувања.
Токму односот меѓу двајцата пријатели е еден од најинтересните елементи во романот. Октавијан е прикажан како интелигентен, амбициозен, болежлив, суетен и манипулативен човек, додека Агрипа е неговата спротивност: физички силен, практичен и повеќе заинтересиран за борба, воена стратегија и инженерство отколку за поезија и реторика.
Тие се запознаваат уште како момчиња, кога Агрипа тепа двајца насилници кои малтретираат послаб ученик – не толку од некоја возвишена морална причина, колку затоа што едноставно ужива во тепачка. Дури подоцна дознава дека момчето што го заштитил е Октавијан, праправнукот и посвоен наследник на Цезар. Нивното пријателство продолжува и кога двајцата почнуваат да се искачуваат кон врвот на римската политика. Октавијан му помага на Агрипа со учењето, а Агрипа го учи како да се бори.
Сепак, најтрајниот спомен што Агрипа го оставил во Рим не е книга, говор или политички текст. Неговото име останало врежано на самиот Пантеон, во краткиот латински натпис над влезот: „Марко Агрипа, син на Луциј, го изгради ова во своето трето конзулство.“ Доволно за човекот кој помогнал да се создаде еден од најмоќните светски империи – и кој, како што сугерира Харис, можеби отсекогаш бил повеќе заинтересиран за она што навистина го направил отколку за тоа кој ќе го запамети.