Знаете она кога сте истовремено и тажни, ама имате и надеж дека сè на крај ќе биде ок? Корејците имаат збор за таквата навидум контрадикторна состојба, која ја викаат „хан". Во голем број други јазици постојат такви изрази, кои опишуваат чувства кои ги доживуваме лично (а како поинаку?), но истовремено го искажуваат и колективното искуство на различни култури со чувствата.
Тифани Ват Смит долго време собирала вакви зборови од целиот свет, а нејзината „Книга на човечките чувства“ ќе излезе летото 2016. Како што вели во интервју за Атлантик, чувствата имаат двоен живот, како искуства кои се истовремено приватни, но и споделени.
„Во биолошка смисла, нашите емоции се колективни. Нашите телесни реакции се карактеристични за луѓе и за животни кои имале емоции и пред милиони години. Во психолошка смисла ние сме навикнати да мислиме на чувствата како на нешто интимно. Но сметам дека не е можно да се мисли за нашите чувства без да се мисли на нашата политика, родот, економијата, вредностите кои се менуваат, особено оние во врска со нашето здравје и она што ни штети", вели авторката.
Како илустрација таа го наведува зборот „авумбук" на народот Баининг од Папуа Нова Гвинеја, кој опишува чувство кога од вашата куќа ќе си заминат драги гости, по што во неа завладува необична, тешка тишина, а вас ве обзема меланхолија. Обичајот е да се остави направен од кокосов орев полн со вода да престои преку ноќ (понекогаш и повеќе денови, зависно од тежината на симптомите), за водата да ја впие тагата. По исфрлањето на водата животот може да продолжи со вообичаеното темпо.
Постојат истражувања кои тврдат дека вербализирањето на чувствата (тн. етикетирање на афектите) помага во излегување на крај со негативните емоционални искуства и тоа на сосема базично, невролошко ниво. Така, и учењето нови зборови за искажување на некои емоции овозможува нивно идентификување во сопствениот живот, а кога тие еднаш се „преведени" од апстрактни, аморфни нешта во конкретни термини тогаш и полесно се надминуваат, или обратно, повеќе се ужива во нив.