Коментар 2

За македонцките интеграции

Кога веќе сме мала и политички безначајна земја, глупо е да се правиме големи и да инсистираме на „славното минато". Тоа стои. Но тоа сепак не значи дека сме морони и не разбираме ништо. Не сакам да ме прават будала домашните „патриоти" или „прогресивци", а уште помалку  белосветските и европски „човекољупци" и „миротворци". Какви сме - такви сме, не гледам дека сме нешто многу полоши од другите...

Република Македонија си има своја јасно поставена надворешна политика, а тоа е членството во НАТО и ЕУ, каде никако да влезе. Уште од почетокот на деведесеттите, кога Киро Глигоров одржа состанок со претставници на сите тогаш релевантни партии се постигна согласност за влегување во Евроатланските структури. РМ сака, а не може. Многу сака, а ич не може. И така 20 години. Соседна Грција упорно ѝ става сопки, а „цивилизираниот“ и „човекови права-љубив" Запад 20 години собира раменици и секогаш вели: Што да ви правиме? Сакаат да ви се кумови. Може сакаат и да ве снема, ама да не ја правиме голема... Грците се повеќе, тие десетина, вие само два милиона, имаат повеќе пари, побројна дијаспора, лобито им дава поубав поткуп, поубаво финансира кампањи - особено кога се изборите во САД. Па снајдете се, решете го тоа некако. Видете со ОН.

Не им беше толку тешко на македонските политичари (и партии, од прва до последна, без исклучок) да бидат за ЕУ и НАТО, особено бидејќи никогаш и немале друг избор. Освен оваа опција, никој никогаш не ни понудил друга, значи ако не е ЕУ и НАТО, што? РМ да си остане сама? Да исчезне? Ценетата и почитувана, доблесна Меѓународна заедница (со златен медал за лицемерие и удирање четки) на зборови посакува Македонија да стане дел од ЕУ и евроатланските структури, посакува РМ да биде упорна и самопрегорна во напорите, да моли за членство, со децении, да ги исполни сите поставени услови (штом исполни едни следуваат нови, уште поосмислени и поважни услови) и по можност, да престане накриво да моча.

А постхристијанската и хиперцивилизирана Европа и Западот воопшто, со секој нов ден се сè поблиску до рајот. И ние сакаме таму. Денешните Европејци не се луди да веруваат во некаков апстрактен, задгробен рај или во некакво си царство небесно внатре во душата, туку се трудат, и успеваат, да го создадат рајот во овоземскиот живот, во секојдневието. И секој ден, тој рај е сè поубав. И поголем. Степенот на освоен рајски простор, на прогресивност и смисла, во овие врли земји, се мери со нивото на конзумеризмот, обожувањето на корнукопијата која често се отелотворува во шопингот во петок, после работа. Р’мбај си како аргат ил службеник, земи си неделна плата, и отиди петок во некој мол да си наполниш фрижидерот и си изнакупиш парталчиња за носење – и биди среќен. Што ќе ти е повеќе? Тоа е формулата. Освен тоа, ако те мачат канцелариската или фабричката работа, петок вечер и сабота ти се за убаво да се налокаш или издрогираш, да заборавиш колку си никој и ништо и колку ти е добро што живееш во демократска и слободна земја. А во недела трезни се и оправај се, оти од понеделник пак треба да се оди на работа. А кога ќе уплатиш одмор, пијанчи се и дрогирај се цели две недели – кој ти брани? Набрзо ќе треба рајскиот простор да се освојува и понатаму. Не е само до парите и купувањето. Има и други вредности. Колку повеќе геј-паради имаш во земјата, толку повеќе среќни се сите. Како тој тип на себепокажување да е најважната работа на светот. Ништо без тоа. Еве во Данска неодамна имаше и убава иницијатива за декриминилизација на инцестот. И тоа е добар почеток. Веројатно ќе следат иницијативи и барања за легализација на полигамијата, или самобендисаноста да се прогласи за сеевропска религија... којзнае? Тоа барем би било почесно.

Што се однесува до работите кај нас, и народот во Македонија мора да јаде. За да јаде, треба и да работи. Не на нива, нивите се горе-долу напуштени, треба да се работи в град, служба да се има. За да се добие служба, работно место, треба да се биде во партија. Тоа е. Такво време дојде. Ќе си бидеш во партија, одиш на состаноци, ќе покажуваш лојалност... и, еден ден, кога твоите ќе дојдат на власт, а ти доволно си се докажал - ќе ти најдат и работа. За плата. Епа, штом партијата ти нашла работа, има и да гласаш за неа. И ти, и сите полнолетни во твоето семејство. Затоа народот оди на избори. Да гласа за своите добротвори. Тоа е успешно спроведен концепт кој одлично функционира кај обете, толку различни партии кои се сменуваа на власт од 1992 до денес. Тоа е нашата демократија. 

За да се смени политичката сцена во РМ, треба да се сменат и луѓето, народот. Партиите не паднале од друга планета, ниту се увоз од пеколот, тие произлегуваат од народот. А народот се многу луѓе. Многу личности. Мажи, жени, деца, старци. Не треба да се толпа. За нешто навистина да се смени, човекот како личност, а не масата, треба да доживее лична катарза, просветлување, да стане поинаков. Со декрет, закон, диплома или партиска книшка не се станува човек.


Што се однесува до Европа во која сакаме да влеземе, за мене е очигледно дека неа ја настигнува еден универзален закон. Кога една цивилизација достигне точка на претерана „цивилизираност" и ја изгуби врската со природните инстинкти и вредностите што ја направиле цивилизација, навлегува во состојба на изопаченост, болест. Ако не се излекува, болеста води кон смрт, побавна или побрза, зависи. Рим падна пред германската наезда не заради супериорната воена моќ на Вандалите, Остроготите, Лангобардите и другите, туку заради сопствената истрошеност, перверзија и безживотност. Едноставно, поданиците на Западното Царство биле толку потиштени и си ја мразеле сопствената власт што повеќе сакале да бидат освоени, отколку да гинат за Рим.

Македонија повторно не добива датум за почеток на преговорите со ЕУ. Мек Доналдс си ги спакува куферите. На Хорхе никој не му дојде на самитот. На Ставревски му удрија корпа... Па што, не треба да се очајува, излезот постои.

Прво и најважно: треба да се смени името на државата во Република Безимена, оти тоа име се чини единствено ќе ѝ одговара и на грчката страна, а Европа постојано вели дека тука не може да се меша, Грција е веќе во Европа. Штом си веќе таму, дел си од екипата, и може сè да бараш од некој мал сосед што сака да влезе, твоја работа. А и не може ти да си си кум, кај се видело таква работа?

Второ: Да се понуди земјата за складирање на нуклеарен отпад.

Трето: Да продолжи да се нуди народот како најевтина работна сила на северната полутопка, зошто некој западен инвеститор да отвора фабрики во Индонезија?

Четврто (најлесно): Да изврши земјата самоубиство, па во Европа да ја примат постхумно. Со целосното име, Република Македонија. Веројатно Грците тогаш нема да имаат против.

Што да се прави кога за влегувањето во демократска, постхристијанска Европа владее законот на слободата... на џунглата. Поголемиот, дури и да е мал, сепак е поголем од некој уште помал и може да го малтретира како сака. Мали сте, или не сте? Имате нафта? Не! Нуклеарно оружје? Не! Епа, земи или остави. Терај си сам ако можеш. Или цркни.

Кога веќе сме мала и политички безначајна земја, глупо е да се правиме „големи“ и да инсистираме на „славното минато". Тоа стои. Но тоа сепак не значи дека сме морони и не разбираме ништо. Не сакам да ме прават будала домашните „патриоти“ или „прогресивци“, а уште помалку белосветските и европски „човекољупци“ и „миротворци“. Какви сме - такви сме, не гледам дека сме нешто многу полоши од другите во Европа.  Се надевам дека Господ и понатаму ќе ја чува Македонија, и дека ќе продолжиме да постоиме и покрај сè. Какви – такви. Оти не гледам дека нешто во врска со интеграциите навистина зависи од нашите политичари. Од која и партија да се, и какви и намери да имаат.

 

tihomirmail@yahoo.co.uk

28 јуни 2013 - 12:20