Си мислам нешто денес... што ми текна, во биографијата за „Од збор до збор" да напишам оти сум бил ТАПКАРОШ!? Знаете што е „тапкарош"? – Препродавач на карти! Остај што напишав, туку и почитуваната Илина после го потенцираше тоа, па си викам... о, куку, еј... сега што ќе си мислат за мене... овој ептен пробал сè и сèшто... а може и не. Откај да знам? Ерго, да напишам јас за тоа како станав, како бев, и како ја завршив кариерата во тапкањето. За да нема недоразбирања. Значи, деновиве пред години...
Си седам јас така Лондон, 1993, значи пред години 20 точно... зима на пролет... и се снаоѓам за живот. Оти тогаш во Лондон одевме колку да седиме само и се клошаревме од ден за ден... а не ко сега: постдипломски, студиски престој, размени... глупости. Тогаш беше поинтересно. Арно ама, за да седиш, треба кирија да платиш, па јадење исто треба, па нови фармерки, кондури „мартинс"... па треба и некоја фунта да капне однекаде... па одвреме-навреме и подработувавме нешто. Што сè не пробав таму: бев собар во хотел на Падингтон, садомијач во Рони Скотс (најпознатиот тогашен џез-клуб во Ландн, на Сохо), професор по француски (на смотани Енглескињи што знаеја француски помалку и од мене), разнесувач на весници по Аксбриџ, Вест Илинг и околината, продавач на тезга на Ковент Гарден (ги продавав кукличките дрвени на Дар-Мар, многу беа слатки), делев летки по метро станици (летките - флаери што ги викаат сега)... и други такви занимации за ситни пари... ама од сè што работев низ Лондон јас, со својата леснотија, екстравагантност, шарм и брзина на остварената заработка... секако се издвојува тапкањето карти за Роџер Евреинот. Тоа беше најоригинал. Да се вратам сега на почетокот.
Значи...си седам јас така Лондон, и се снаоѓам за живот... кога, ете ти го еден пријател на врата (тогаш немаше ни мобилни бе, гледаш ли од кога памтам?) и ми вика: Ајде, рипај, одиме да фатиме некоја фунта. –Каде бе? Што е сега ова? –Тања од Белград, онаа бе ја знаеш, нè вика да дојдеме во еден паб... ни нашла нешто... да купуваме карти за некоја претстава. -???? Ама нема врска, што ми е работа... и одам јас таму...кога таму во пабот, мала заедница екс-Ју клошари испоседнале и пушат, и си зборат македонски и српски и Тања нешто објаснува... а меѓу нив, седи еден постар, троа покрупен така, висок, со пробелена коса и наочари црни – Роџер. Надвор нема сонце, ама Роџер не вади наочарите, и тој си пие тутун... и дели пари.
Ај, анасана... 100 фунти секому дава! Што е ова бе, си викам, овој некој излегол од романите на Чарлс Дикенс... ерго - на ти чиче бонбонче ...и сега ќе ги врбува за некој криминал... и ај после ќе треба да просиме за него!? Ама кај сите, таму и јас... што ми е гајле, треба сè да се види, некогаш ќе раскажувам на внуци... и оп, 100 фунти и мене на рака, па во џеп. И следат инструкции: „Да одите сега да чекате ред, таму кај што има многу народ, пред театарот, и да купите 6 карти од најефтините за овие пари... 6х15=90, а десетте фунти што ќе ви останат за вас се... и + кога ќе се вратите овде во пабов... картите на Роџер на рака... а он вас уште по 10 фунти ќе ви даде.“ На ти – дај ми. Значи, 20-ка од едно чекање. Нат бед лав, еинт бед ет ол. И се наредивме така (да не ги именувам сега сите, некои може да се налутат, откајдагизнам?) во редот, и чекаме на ред за карти за „Сансет Булевар" а во театарот уште игра „Фантом ет ди Опера"... и стигнавме на ред пред шалтер и велиме сите исто, еден по еден: Хелоу, сикс тикитс плиз! Фор октоуба (а тогаш март). Оваа, шалтерскава се мршти, знае што е работата, ама си ќути, не покажува вознемиреност, па ни покажува некаква шема на седишта во „Одеон" и повторува -Would this be suitable, sir? –Јеа, фкорс, итсолрајт... одговараме ние....еден по еден. И оп, стотчето нејзе, а она нас по 6 карти и 10 бритиш фунти кусур. Дали чекавме 40 минути – не повеќе. И после се чекавме и надвор, и се смеевме од возбуда што учествуваме во ваква заебанција, па правец во пабот. Таму Роџер пие кафе, кој како влезе од нас нè части пиво, пајнт а лагер, и си ги зема билетите на еврејски начин... и ни дава по уште десетка на дланка. Бизнис – оригинал... мора да признаете.
Во меѓувреме разбравме некако, дека Роџер да ти бил интернејшoнaл тапкарош, и имал забрана да оди USA, често се мувал на „Бродвеј" во Њујорк, и таму тапкал...тапкал... се утепал од тапкање... па му удриле црн печат во пасош. И, нејсе, продолжува авантурата. Одете вели сега, божем подизменете се малку, фризура ова-она, и застанете пак на ред, ако сакате по уште 20 фунти. Не треба да ни се каже двапати. И си менуваме ние тука, џемпери и капи, марами, мантили...кој што има... и ја собирам јас косата во репче (оти сите тогаш носевме косишта, не толку зарад мода, туку шишање беше 40 фунти)... на Тања ѝ ја дадов капата моја... и се смееме ко нездрави од што ни е интересно... ко деца у основно кога прават беља... И ред се редиме мале... пак еден по еден... ама не сите заедно, туку во парови по двајца. И се распоредуваме меѓу чекачите - љубители на мјузиклот, да си извадиме билет за „Сансет Булевар", месеци однапред, тоа многу ни значи... А ова вљубенициве на уметноста застанати во редот, што не беа од наша банда, сè кој од кој, истендерси со смрштени фаци и навивачи на Тотнем и Челзи... имало изгледа и други ко Роџер, газдата наш... ги пратил и нив некој... по иста работа. Јас ја фатив Тања и за рака, не само за да бидеме ко првачиња, туку ѝ беше и страв од колегите чекачи малу. Така, малку беа суровици на сурат. Ерго, чекор по чекор, си стигнавме пак на шалтер... и пак сè исто... Сикс ов д чипест, плиз – Дис вил сјут ју? –Тенкју лав – и ... се вративме во пабот. Роџер чести пиво, ни дава по уште една банкнота од тен паундз на примопредаја, се смее од уво до уво и очите му светкаат од радост... ги иставил наочарите црни... нека пукнат цариниците – антисемитисти, што му стегнале беспризорно црн печат. Си фативме по 40 фунти за 2-3 саата зафрканција... кој е како нас? И му викам јас на крај... Лисн Роџа, дис воз аплежа фор оловас, еспешели фор ми. Иф ју нидас агеин, фил фри ту колми. -Орајт мајт, чиарс, вика Роџер и се смее... И не се видовме вторпат. Си нашол изгледа друга екипа, или заглавил некаде затвор. Нема врска. Важно, убаво си поминавме тој ден, и можам до денес да се фалам дека сум бил и тапкарош, театарски и тоа, за музички спектакл, необично високо културно позициониран... а и тапкањето е занает... а занетот е злато.
Ете така, ви раскажав како станав, како бев и како престанав да бидам тапкарош, и како тоа ми остави мошне убав впечаток.
Михајло, цимерот мој од Лондон, една Италијанка (многу збори, не ја знаете), и јас. Вљубеници во мјузиклот.