Колку треба да е голем еден град, за да даде големи личности? Колку треба една личност да е голема, за му се залепи таков епитет на некој човек? Мора ли таа личност да го напушти својот град за да ја изгради својата големина?
А што ако останел, што ако бил поинаков? Што ако го победел локал - патриотизмот? Судбина или право на избор? Или можеби желба за успех? Или пак само сон за славно враќање? Ќе бил ли посреќен или потажен?
А би бил ли тој голем без своето минато, без оној ген кој го стекнал со своето раѓање на одредено место, без својот менталитет?
Безброј прашања, безброј ''што би било кога би било". Прашања што верувам дека навираат само кога се враќаш дома, кога се враќаш меѓу своите. Прашања кои те држат буден на терасата во својот дом, далеку од целиот разбеснет свет. Со вкочанет поглед во прекрасните цвеќиња кои висат на терасата, и само тивкиот ветер кој ги вее гранчињата ти покажува дека уште си во реалноста.
Ако се обидеш да направиш нешто за твојот мал роден град, ќе биде ли тоа одолжување кон градот кој те пораснал, те школувал, те изделкал, или сепак ќе биде тоа само твојата суета за да се покажеш, докажеш?
Свесен си дека е второто, ама никако нема да те одмине, а сепак не се откажуваш. И покрај тоа, грев ли е да се обидеш да вратиш љубов кон градот кој те научил да љубиш? Лошо ли е ако запловиш во минатото уште пред да се родиш, ако се сетиш на музичката традиција, на народната песна?
А што ако се посомневаш во исправноста на постапката на еден од двајцата заљубени во една таква песна? Убаво ли е едниот да биде неверен во таа љубов, а другиот луто да го проколне заради неверството? Се кае ли неверниот? А му тежи ли на душа на другиот кога ќе чуе дека клетвата го стигнала љубениот?
Смешно ли им било во она време на оние кои слушале како некој внесува странцизам како "либе" во искажувањето љубов кон саканата, саканиот? Што читале нашите претци, од кај учеле да љубат? За што разговарале ако не го знаеле Превер, Лорка, Петре на Дениција? Од каде таа дрскост на некој си во така мал град како Ресен, со друга да застане, на некоја нејзини писма да чита, па и нејзиниот прстан да го подари? Капак на сè, и во песна да се опее оваа чудна љубов?
И ако пред сто години вакви работи се случувале во таква конзервативна средина, колку ли повеќе во годините кога ние растевме, се заљубувавме и се фреаревме? А се сомневавме ли ние во вистинитоста на ваквите песни? Љубевме ли верно? Живеејќи во дваесетиот век, верувавме ли во клетви?
А што ако истата прикаска се случеше во девеесетите години? Како ќе изгледаше? Ќе ни изгледаше ли се тоа глупаво ако наместо народна, текстот станеше познат преку некоја рок песна? Се изменил ли дијалектот кој го зборувале дедо ми и баба ми во однос на дијалектот кој го зборувавме со другарите пред дваесет години, како што се изменил овој денешниов во однос на нас?
Ако напишеш нешто на тогашниот дијалект, ќе успееш ли да го конзервираш? Ќе го гледаат ли со потсмев некои идни генерации како ние што се смеевме на старите ресенски песни? Како да им покажеме на младиве каква мода сме следеле, каква музика сме слушале? Што било актуелно во наше време? Ќе знаат ли дека едвај жива глава од југословенски фронтови сме ваделе?
Би го промениле ли односот кон нас ако барем за момент ѕирнат во нашата младост? Како ќе се чувствува синот или ќерката на некој мој другар, ако за момент треба да го изглуми својот татко или мајка на годините во кои се тие самите?
А како сето тоа да се склопи? Како да ги превесламе новиве генерации во нашето време? Како да нè видат отстрана на еден час? Имам ли јас капацитет сите овие размисли да ги ставам на хартија?
А екипа сè тоа да организира, да изглуми?
Купишта прашања низ мирните и свежи преспански ноќи. Уште повеќе одговори. На секое прашање по неколку одговори.
Долги патувања со воз и ајпад во рака. Збор по збор, сцена по сцена, страница по страница. Одбор верна дружина, интензивни проби...
Премиера и многу народ. Искрен аплауз. Гранд при од публика...
За оние што ме прашуваа и се прашуваа од каде јас се најдов во улога на сценарист? Што ми текнало драми да пишувам? Само ли уште тоа ми фалело? Сто прашања и еден одговор преточен во мелодрама.
Ете така се случи ''Излегов да се прошетам".