Ајде малку легализам

Како самоповикан хроничар, морам да го завршам циклусот за долгонајавуваната иницијатива за оспорување на арачкиот Закон за придонеси на хонорари. Значи, конечно...

Мало потсетување за хаосот.

Кон крајот на август 2014-та фантомски беше донесен Законот за плаќање придонеси за социјално и пензиско осигурување на хонорарите (фантомски бидејќи нема опозиција во Собранието, па немаше кој да го забележи освен некој млад надежен новинар што морал да копа теми за следната статија). И есента, месец-два пред да стапи на сила, ни текна и почнаа реакциите. Во првата варијанта законодавците ноншалантно си се иззедоа од арачот, а си ги ставија и пензионерите и спортистите за друштво колку да не испаднат себични. Добро.

Две-три излегувања на улица подоцна поради безобразното посегање по третина од приходите на најпретприемачкиот дел од населението, како и поради очигледната неуставност на законот, на почетокот на 2015-та беа избришани горе споменатите изземања и горниот лимит од 6 просечни плати за плаќање придонеси. Плус галантно им се дозволи на поданиците да земаат чисти 150 евра месечно ако се невработени или 350 евра плус од платата ако се вработени. Супер, сите среќни (си помислил некој).

И што се случи... речиси два месеци (јануари и февруари 2015) не се исплаќаа хонорари, не се испорачуваа фактури за завршени работи затоа што никому не му беше јасно како да биде чист пред државата - најмалку институциите што треба да ја вршат работата. Ваквото брзо менување на законот ги ресетираше и сите обиди за составување уставни иницијативи за оспорување на законот - зашто мора да знаеш што оспоруваш врз основа на што. И, таман се состави иницијативата (за тоа малку подолу) - опааа... уште една измена (пред една недела). Со главна цел, пак горен лимит за плаќање придонеси (сега накај 5000 евра). Другите козметики во промените не ми се ни спомнуваат... ако им е целта тотална збунка, апсолутно се успешни.

Значи, најглавно, иако уставна иницијатива може да поднесе и само еден човек и пак да се важи, фино би било да се поддржи акцијата на Ајде - чисто заради вложениот труд, а и како порака. Овде се линковите до сите места каде што може лично да се потпише формуларот за поддршка, а ги има и иницијативата (цели 16 страни, издржав да прочитам 10, искрено - ама толку е загугуљено што има добри шанси да помине) и формуларот што може да се преземе и да се испечати дома, па потпишани два примерока да се пратат по пошта (бев во искушение да соберам потписи од сите комшии во радиус од километар, ама се воздржав - пратив само пет од домашните). Значи, ако поштата ви е поблиску од паркот или чаршијата, ајде. Ако се пратат до петок, 3-ти април, пратките ќе стигнат до понеделник, 6-ти април, кога е крајниот рок.

Инаку, овде е страницата на Сурат-китап со најсвежи информации.

Клео

30 март 2015 - 20:25