Што има тука за славење?

А на први ќе ги видиме истите водителки од секогаш кои ќе ги кажат истите работи, телевизиите ќе бомбардираат со ништожни емисии полни со насилно славеничко расположение, некоја петарда пукнала кај што не треба, сообраќајкa на пијано, весел плоштад од претходната вечер, Виенски концерт, па пораки и телефонски ѕивкања, остатоци од храна од вечерното славење, остатоци од мамурлук и од несеќавање. Има ли поглуп ден во годината од први јануари?

Се палат илјадници мали светла, излозите се бојат во црвено, насекаде божиќни колачиња, градот не штеди на струја и на украси, цајканите затвораат едно око, со поткраднување се продолжува работното време по кафулињата, луѓето подзабораваат на банкарските сметки и на сметките за плаќање и од прилика сè пулсира во ритамот на една тукашна реклама за панетоне: "На Божиќ се може, На Божиќ се може, На Божиќ може да се направи повеќе."

Во оваа хаотичност испреплеткана со еуфорија и филантропија, се зголемуваат и сите коктел забави, импровизирани излегувања, целодневни дружби по кафани, фамилијарни ручеци кои зајдуваат во вечери, новогодишни забави на мали фирми, големи компании и гала вечери насекаде. Се создаваат невозможни комбинации на луѓе и алкохол, и суреални ситуации кои веројатно ќе се повторат само околу следната Нова Година.

Сите се хепи фемили. Идат заедно на новогодишен шопинг, па одат по тезги да купат некој лампион, па мезе, пијачка. За време на празници сè фукционира и сè изгледа како монтирана сцена на "Шоуто на Труман". Семејствата сложно се смешкаат, жените забораваат за швалерките на мажите, снаите и свекрвите се толерираат повеќе, зетот и бабата исто така, на работа се кмиши десет дена пред Нова Година, а богами и 2 недели после тоа. Колешките што во нормални времиња би си ископале очи, се засакуваат и си даваат онакви долни женски комплименти од типот: "Леле женска, многу убаво изгледаш", додека длабоко во себе ја побиваат желбата да си плукнат во око една на друга.

Сверодска љубов, да не веруваш.

Jaс во меѓувреме оглупавувам за некој центиметар. Од сите елка-филмови каде што се сите страсно заљубени и живеат во идила и убавина до крај на животите. И имам болка во ушите. На секое Аll I want for Christmas is youuuuuuuuuuuu, се прашувам дали и Мараја Кери има понекогаш пролив и мислам дека празнициве можат и побрзо да завршат, само да не ја слушам веќе.

И кој знае зошто, освен што Нова Година успева да ги смени контурите на еден град, да го разбие балансот на сите микро космоси и да ја смени дури и човековата примитивна природа, успева да биде и милиони датуми во еден.

Некогаш е низа почетоци и надежи и ветувања, индивидуални и колективни. Почеток на нова фискална година, надеж дека работите ќе тргнат на подобро, дека глобалната криза ќе попушти, дека ќе се најде работа, дека ќе поефтини струјата. Дека ќе се смени власта или дека ќе остане истата. Недеж дека ќе ја снема тагата или дека ќе се преболат несреќните љубови. Дека ќе се заборави или дека ќе се продолжи понатаму. Надеж дека некој од соништата ќе се исполни. Ветување да се биде подобри. Да се биде на диета, дека ќе се пие помалку или дека ќе се штеди повеќе.

Оние за кои не е почеток, е крај: "Е па ќе видиме како стојат работоте до Нова Година, па после ќе решиме". Као Нова Година да ќе не просветли, да ќе ни го даде пазлот што фали.

Сè во исто време. Станува Почеток, Рок, Крај, Надеж, Ветување, Сонување, Посакување за сè нешто. За љубов, за среќа, за фамилија, за работа, за пари или за преживување.

И цела оваа перипетија од искриволичени чувства и општа љубов, кулминира во Новогодишната прослава кога сите на сите им посакуваат сè најдобро.

А на први ќе ги видиме истите водителки од секогаш кои ќе ги кажат истите работи, телевизиите ќе бомбардираат со ништожни емисии полни со насилно славеничко расположение, некоја петарда пукнала кај што не треба, сообраќајка на пијано, весел плоштад од претходната вечер, Виенски концерт, па пораки и телефонски ѕивкања, остатоци од храна од вечерното славење, остатоци од мамурлук и од несеќавање. Кога вака ќе си се подзамисли човек, првиот ден од годината е еден од најголемите остатоци на сваштарии и повраќаници. Не знам за вас, ама мене Први од секогаш ми бил прилично глуп ден.

Ако треба да резимирам во една реченица сè што кажав, на болоњски дијалект има една која мене посебно ми се свиѓа: "Јануари како што наоѓа, така остава." 

Не ви посакувам следната година да ви донесе сè најбоље, пошто така автоматски ќе ви посакам тие по неа да ви бидат полоши. Нејќам да ми посакаат сè најдобро. И нема да ви посакам се најдобро. Ви посакувам, следнава да ви биде, во најмала рака, подобра од оваа што измина. А ако минатиот Крисмас, сте го згрешиле мажот или жената, годинава поклонете се на некој посебен, послушајте го Џорџ Мајкл.

Чин Чин и Добра Година, како што би се рекло во овие краишта.

Емили

emabela@yahoo.com

29 декември 2012 - 20:48