Не си го еби времето

Разликата меѓу „моето" и „твоето" време е што моето не престанува да трае, а ти се дистанцираш од ова кое е твое колку што е и мое, затоа што има нешто што те прави да се осеќаш отуѓен и некалибриран за новите случувања со кои се соочуваш.



Недела. Како по сценарио, заросува ситна роса и веднаш атмосферата станува мелодраматична, мрзоволието прогласува диктатура и сè како да застанува во место. Исчекувањето и отсуството може да се видат како флеки на ѕид. Сиот свет околу тебе е парализиран, спремен да влезе во некоја строфа на Пинк Флојд и да се замонаши таму во очекување на барем една успешна од многуте најавени апокалипси.

Некои недела ја опишуваат и како ден за самоубиство, за други досетливо (а и економски оправдано) е ден за тотална хигиена: облеката се чисти од чадот на цигарите, твојата коса од непотребно дигање, мислите од изгорената инсталација од претходната недела, подготвувајќи се за наредните 5-6 дена. За некого е идеален ден да побара прочка од креветот за викендашкото изневерување по биртии, шанкови и бурекџилници. За Севишниот такоџе бил ден за одмор и го разбирам со презумција дека и Тој бил љубител на фудбал (веројатно од емпатичност навивал за Ливерпул). За некого е ден за подготовка на домашната работа на тема „Лелееј, ама мразам понеделници". Јас како човек кој секогаш може да одбере понепаметна работа од лежењето во омилениот агол од собата со капка црно вино и пелистерскиот поглед на Каролина во февруари, земав да се занимавам со феноменологијата на времето. Ма, глуп. Итс а дрти џоб ама ете, кога го нема Ајнштајн, некој мора да преземе одговорност.

„А време ко време!" е насловот на трудот за Нобел за физика кој го подготвувам. Проаѓа бе ама баш исто како што им проаѓало на диносаурусите. Ете ти ја Домаќиносауруска со прашање: „Миличок, беше ли до пазар да испазариш некој глумец од филм на Спилберг за да направам чорба?" Мрзофилозофосаурус одговара: „Леле мила, сега ќе одам, се зауабетивме со другаросаурусите нешто околу цената на нафтата и дури да кажеш Денвер, ми пројде еден час". Прифатлив муабет. Јас денес можам да бидам комотен и легитимен кога ти зборувам за „времето на диносаурусите", иако не сум бил таму. Ама е безвезе е да ти зборувам за нешто „во мое време" кое лебати опфаќа некој период од пред 2 до 10 години, иако не сум доцнел на ниту еден состанок со часовникот во тој период. Зошто? Бидејќи „во мое време" во таков контекст не постои. Не за мене.

Скроз бесполезни ми се брановите на „ехеј, во мое време" жалопојќите зонирани во група како деверуши пред бидермаер, обично кога ќе се случи некоја системска промена во зоната на егзистирање (нов дизајн на фејсбук, нов дизајн на плоштад, ново /ентер поим хиар/). Не ја разбирам оваа феноменологија на оправдувачко кукање („фак, фејсбук пак ме фати со турнати гаќи со новиов редизајн, што убаво беше порано... АБЕ КАДЕ Е ТУКА ПОКЕ?) пред промените кои се единствениот непроменлив фактор од моментот на првото слегување на мисионерите на Вонземјанскиот Црвен Крст на ненаселенава ни планета кога посадиле мајмуни за да станат луѓе, се до моментот кога забележвуаш дека „забележуваш" го напишав намерно со тајпо-грешка со цел да ти украдам уште некоја секунда, обидувајќи се да ти доловам поента: И на првиот погрешен збор беше твоето време, и сега е твоето време. Ништо не се промени, освен што боговите на граматичка коректност ќе имаат еден муабет за правење помалку. Ако очите ти биле отворени првиот пат, ќе си забележел и без укажување. Ако не, живи и здрави да сме: и со овие неколку секунди дадени бакшиш, Вселената не престана да биде во баланс на ентропично крешендо.

Во мое време Сонцето излегува/ше на исток. Без мамење. Во твое време „децата повеќе си играа надвор, филмови не се симнуваа за 3 минути со три клика, туку се земаа од видеотеки и се враќаа назад уредно премотани, за три имаше еден гратис, а порно без маалски старател не можеше да земеш ако немаш барем 17 години. И тука го има неизбежното: „..а денес..." кажано со Еврипидовски тон: „Денес копиљаната не се качува по дрва, туку сади компири на фармвил. Не се лајка во „Лајка" туку на Фејс. Ужас".

Разликата меѓу „моето" и „твоето" време е што моето не престанува да трае, а ти се дистанцираш од ова кое е твое колку што е и мое, затоа што има нешто што те прави да се осеќаш отуѓен и некалибриран за новите случувања со кои се соочуваш.

За да ти доловам колку глупо звучи ваквата помалку одважна детерминантна склопка на тема време, замолив неколку луѓе и врховниот тв шаман Иван Исцелител како оператор со задгробен свет, да ми обезбедат кратко лично слово на тема „во мое време". Еве дел од одговорите:

„Во мое време во репрезентација, сите тие силни 70-тина минути дури не ми закачи црвен картон судијата, водевме против Данска која шо беше Европски првак, Златко бе, среде Скопје, милина!" – Дарко Панчев

„У мое време сите имавме и за БМВ и за бензин, така шо беше сасвим глупо да загадуеме ваздух со фабрики на Ауди мауди, и плус од еколошки разлози да не се чадиме без везе туривме клуч на уште неколку фабрики загадувачи" – Бивш македонски врховен командант Бранко

„Во мое време ЕУ исто ни правеше срања и не сакаше да не прими, па земавме тоа коњите и зајашавме накај Индија" – Воин на Коњ

„__________________________________________________________" – испечати го текстот и дополни си го со рандом контра-реплика на/за вмровец (ради политичка коректност) ако Александар не го уважаваш како идеен творец на ВМРО

„Во мое време на Евросонг во Осло јас ја имав силата. Денес имам свирка во еден кафич, помини" – Ѓоко Танески

„У мое време Џани Версаче беше увек жив“ - Амди Бајрам

„Во мојто време шо кредити убај давафме сите беа расположени за штедење“ - Соња ТАТ

„Аааах... во мое време Лазо му рече на Темпо: Темпо, држи ритам Јен два три јен два јен два. Дааа... И тогаш Сцила и Харибда отворија маркет во Велес, па сите отидоа да си купат по еден оловен куршум за да одиме на Солун кај Маркос на визита. Ама нее, тоа беше друго време...“ - Еднооки

Шо не заборавиме малку за промена ти на „твоето време" јас на моето, кога гладиоли никнувале во зима од што било добро, а кафаните во недела служеле гратис увијач за секој кој ќе нарача голема шарска и точено Скопско со ептен гладен поглед? Го нема, ниту го имало. Затоа пак имаш време кое можеш да го направиш твое ако учествуваш во него, наместо да чекаш некаков момент даден од некој друг за да направиш нешто што ќе е само за тебе.

Имаше еден генијален твит на темава: „Ако доволно долго ја чекаш девојката која ја сакаш, сигурно ќе дочекаш да видиш како се мажи". Никој не може да ти го земе времето, ако не го дозволиш тоа. А нема зошто да го направиш тоа. Ние го правиме времето.

И, нашето време е секогаш - сега.

Еве ти уште една песна. Убава. Размисли, на што би личело ако Џегер зборува за „неговото време“?



betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT 

3 февруари 2013 - 20:39