Што му фали на овој град?

...Веројатно повеќе бурлеска и стриптиз-барови и многу повеќе француски слаткарници, но што онака, посуштински? Духот и маалата веќе се спомнати, културата, промени на власт, све тоа е испишано на разни места.

Ќе ви кажам што му фали и што е и едно од послатките нешта што ќе ги дочекаме ако влеземе во саканата и долгоочекувана Европа.

Паркинг.

Замислете, сите поборници за странство кои жолчно бодрат све што е младо и има цел живот пред себе да си фаќа пат под нозе, ќе се разлетаат по посакуваните дестинации и работни места по светот. На нас поедноставните, ќе ни остават безброј паркинг места и слободни маси по кафичи. Ќе се разбистри воздухот од пљуканици, а јас повеќе нема да бидам жртва на „ма бегај надвор дур си млада" и „како бе може да ти се седи тука?"

Ми се седи бе. Мене ова ми е најубавиот град на светот.

Па еве читам, сериски убиец го дигнал Париз на нозе. Колку барокно од негова страна! На разни форуми се појавуваат заулавени Американци кои плакаат дека ги вреѓа што нивните френдови на Фејсбук си комуницирале на шпански. Патриотски си го бранат јазикот и нацијата и жустро се борат против доселеници што им ја трујат земјата, бутајќи им кришум пијачки на Индијанците што ги гледаат со крената веѓа. А по скандинавските земји, туку ќе рипне некој од зграда зашто многу рано му се стемнувало.

А ние сакаме таму.

Пардон, јас нигде не одам. Не верувам дека ме чека некој со раширени раце таму надвор, да ми каже „имам слободно директорско место во мојата мултимилионска корпорација, баш како за тебе". Односно, верувам дека има и такви што шират раце, но меѓу нив има парола „dishwasher wanted". Во превод, судоперка. Е па, за судоперка можам и овде. Секоја должна почит за луѓето кои решаваат да си ја пробаат среќата, а парите од бришење под се далеку потешко заработени од предавање на универзитети. Секоја чест за тие што успеале и што живеат убаво и секое добро на тие што се трудат.

Јас само би сакала да не ми се случуваат муабети од типот:

„Кога ќе те праќаме во странство тебе? Не биди будалче да се трошиш овде, паметна си!"

„Па коа ќе си најдеш некој згоден Германец! *намиг, намиг*"

„Да видиш на Мирко што му е фино, и си се ожени, и кола си купи и дечиња си има, ќе дојдат за Божиќ, во 2019-та, ќе ги видиме!"

„Ма да видиш, влегов во WC во Белгија. Колку беше чисто, да спиеш внатре!"

Спиј бе, пријателе. Чисто е, наши го чистеле, затоа.

Да се вратам на насловот. Па не му фали нешто многу, има и вишок. Всушност најмногу има од тоа што не му треба. Огорченост поради типичното „тревата е позелена од другата страна", лоши имитации на секое поле и колективно јадење бубрези дека не го бива. А толку многу работи лежат во него. А пустата трева некако иста боја е сегде.

И кога ќе се ослободи од сето тоа што го труе, од потребштини ќе му остане тоа, истото.

Бурлеска, по некој легитимен стриптиз-бар и француски слаткарници. И подобро кафе на повеќе места. И малце повеќе љубов.

И паркинг.

Можеби и повеќе љубов на паркинг.

Дури и совршен ќе стане.

Јана

11 април 2012 - 11:01