Прво, таков крал кој зацепал на коњ до крајот на светот и не ја открил Америка само затоа што не сакал - не може да умре. Нема такво нешто ниту на филм, камо ли во вистински живот. Но има и неколку шаки неверни Томи кои баш веруваат во непријателската пропаганда дека големиот крал кој го покорил светот со една рака, а со другата фаќал за гз робинки од Персеполис, сепак умрел од тровање со некакви си чудни печурчиња, убод од комарец, расипан мајонез во тост или некој друг пацерски алат за бербатење на стомак од фатални размери. Ма дај.
Второ, таквите неверници во живоќата на Александар не само што ни го умираат кралот па мора да го оживуваме по автопати и фонтани, него уврх свега и го бараат као ангажирано низ цел свет, по сите мапи, под кревет, на таван, во визбите по нивните куќи, за да ни го одземаат и го натурализираат, ко да е американски кошаркар.
Па така одма откако се јави прогласот од Привремено Египетска Иначе Македонска Александрија дека демек таму радознали Пољаци рекле дека се навоѓа гробот на првиот војвода меѓу кралевите (бем ти радознали Пољаци, сите во куќен притвор би ги турил), осетив како веднаш започна сеизмичкото роварење на странските служби со цел да конструираат Ноева арка на сопствениот идентитет, занишувајќи го тлото околу нашиот. Хаос, паника, лудило од демирхисарски размери. Си направив кокошја супа со лимон и бибер и започнав да вртам по канали, загрижен да не излегол Александар од под филадендрон во Намибија или да не му се појавил ликот на некој камен-пијан шкот облечен во гајда, килт и дестилати на етанол. Вртам по канали, и шо да видам. Препотување. Сите урлаат за епохалното откритие, наравно секој во свој тоналитет.
Прво ги глеам Северните Корејци.
Според Северна Кореја гробот на Александар е на Сонцето, местото кое древните пракорејски Македонци го одбрале како соодветно почивалиште на полу-богот, син на врховниот сончев владар и бог Амон Џонг-Ил. Овие тајни им ги соопштил нивниот астронаут кој бил да земе примероци од ѕвездата околу која се возиме цела година /пред пар месеци Корејците отаде северот соопштија дека пратиле човек на Сонцето, не се заебавам/ нагласувајќи дека и Сонцето и Александар и особено зборот Север е измислен од таткото на корејската нација и дека јер сме симпатични ако инсистираме ќе ни дозволи да си го туриме во име.
После Корејскиот канал на тв ми следи Собранискиот. Таму глеам седница на ДИК на која се потврдува мандатот на Александар како Македонски со амандмани околу тоа дали е Велики. Јој лујки наши, си мислам, светов на мртво сака да нè одере, ние се пимпламе дали бил левичар, десничар или знаел да ломи лобањи со двете раце (да не речам Амбидекстерен, да не зазвучи хеленистички).
Завршува седницата на ДИК, ете ти прилог од протестот на Здружените Погребњаци на Македонија според кои гробот на Александар не може да биде во стаклен саркофаг во Египет бидејќи не е корнишон па да го турат во тегла, него гробот е некаде по нашите гробишта миљон посто само треба да копаме повеќе и подлабоко, ќе излезе кај и да е. Фармерите одма реагираат дека ако е сахрањен во тегла со третман на корнишон можда е расипан пошо поминале 2300 години, па повикуваат Светската Влада да биде човек и одма да го врати во земјата на потекло да не се испоотрујат наследниците на фараоните, а ние тука како добри домаќини ќе му најдеме чаре каде да го сместиме ко радиоактивен отпад (испод меча на обали фонтане, на пример).
Музичките зналци од земјата излегуваат потпишани зад текст кој го пеат деца од МОБ облечени во златно-жолти кимона и опинци: „Гробот да ми го ископа спрема јасното Сонце и тук да каже почива Александро Македонски Велики". Тие велат, а леба ми има и логика, дека оваа народна песна која датира долго долго пред НАТО да не го пушта Александар да влезе на состанок е уствари патоказ за тоа каде е гробот на Александар Велики, тајна фолклорна мапа која се пренесувала од колено на вода во колено.
Тамам реков ја дотеравме при крај работата и Алекс ни останува наш, ете ти ги Јапанците: „Ако гробот треба да му се ископа спрема јасното сонце, јасно е дека тој е некаде кај нас и веќе започнавме со истражувања на цело тло на земјата, паузирајќи го проектот за обновување на Фукушима, заштита од земјотреси и измислување на штит против напад од вселена. Ајме мени, си велам, и сеа ако Јапанциве не средат за одбрана од мали Зелени, наебали смо. Тамам мислам шо би значело да им признајме дека наш Велики е воствари Алекс Јапански, разумно наравно, кога ете ти реакција од комшилук. Каде бе дечки, велат. Вие ли ќе прајте пазар за нашиот крал?
Српска наука на академии и уметности вели дека Александар е Македонич со јасно Јужноспрско потекло, намесник на Аксијска бановина, а неговото презиме јасно го презентира немакедонското потекло и чувство: Ич Македон-ец. Тука ускочуваат браќата Бугари за кои нема сомнение дека Александар Филипов Македонов Гољамски е првиот Бугарин кој го освоил светот, а Букефал е првиот украден коњ од Бугарија, златните песоци биле сребрени пред кралот да го донесе песокот од Египет, а дека најверојатно до Индија Алекс е стигнал сос бугарски пасош и бугарски таблици на коњчето Бугермал, подоцна наречен Букефал од злите српски служби.
Грците веднаш распоредија трупи на границите со Македонија поради страв од освојувачки поход од сите 3 хермелини и 2 пиштоли на дијаболи со кои располагаме, уште еднаш гласно извикувајќи го својот став: „сè додека Македонија нè плаши дека ќе нè освои, за што е доказ автопатот Александар Велики, а еве сеа и со задгробен живот се занимаваат, вето ќе им стегаме, вето. Па шо не си го прекрстат најдолгото, нели, реката, Алексвардар, ако толку го сакаат, па да видат каде финолепо се слева?"
Албанците се најокеј со откритието на полските археолози бидејќи тие ионака се заинтересирани само за сексуалниот живот на мајка му на Александар, што е седма точка на дневен ред, а тие имаат време да нè чекаат да се договориме сами со себе, па да разговараме и за коалиција јер што ќе ни Алекс без Олимпија драга, зар њена цицка на туѓа фонтана да блеска?
Ме збрлавуваат балканските канали, па се враќам на домашен терен да земам здив.
БТР пренесува соопштение на Партијата на Македонски Египќани, еве го интегрално: „Почитувани Македонци, во врска со пронаоѓањето на гробот на Александар Велики во Александрија, ЕГИПЕТ... па бацете ни го. Хахахахаха". На ова веднаш реагираа од партијата на Страшо Ангеловски, ТМОРО-ВЕП според кои треба веднаш да се пристапи кон враќање на територијата на Македонија од времето на големиот крал и да им се даде мувлет на Египќаните од 1800 години да ја испразнат Александрија и да ни ја предадат во владение, бидејќи кај и да е ќе дојде време и Турците пак да нè освојат па би било глупо да не е наша за да ни ја земат. За таа цел ТМОРО ВЕП биле подготвени да ја прекрстат партијата во ТМОРО ВЕГИПЕТ и да мобилизираат 125 кандидати за фараони, престолонаследници на Птоломејскиот трон кој плаче по гените на Македонскиот голем крал: „каде сте Клеопатриња, каде сте, в Рим се маживте?"
Се мислам, некако уште сме на нула, ни наш ни нивни. Заборавив дека уопште не е мртов Александар. Се препуштив на бранот и македонските телевизии. Соопштение на ВМРО ДПМНЕ: „По повод наводното пронаоѓање на гробница во која наводно се наоѓа саркофагот на Александар Македонски, би сакале да кажеме дека тоа е најверојатно лага, треба да се испита дали е тоа стварно Александрија, па да докаже некој, а ела нека докаже, дека коските во саркофагот се на Александар. Но за секој случај, а и за да ја докажеме нашата декларирана заложба за интеграција во ЕУ и НАТО се согласуваме со промена на името, само на Свети Николе во Александрија, ако веќе Египет не сака Александрија да ја нарече Свети Николе Двојката."
СДСМ итно свика седница на Извршниот Комитет на кој ќе се дискутира за итно враќање во парламентот на Македонија во овие епохални моменти, како и за избор на Александар Велики за почесен претседател на партијата и предводник на сите листи на наредните избори. Од своето вечно почивалиште со свој став се јави постхумно и првиот претседател на република Македонија создадена од наследниците на Словените кои од зад Карпатите доле дури до Демир Капија и населиле све живо и диво, Киро Глигоров. Според него, „Александар не постои, све е тоа творевина на коминтерната и тогаш Лазо му рекол на Темпо: Хеј Џо Вочудуин вит д ган инјор хееенц!"
Морав да се тргнам од телевизор и да одморам глава за да видам дали можам да си верувам веќе сам на себе: до пред неколку часа за мене Александар Македонски беше жив како настап на Евровизија, а сега се борам да му зачувам гробна парцела во македонски катастар. Излегувам на улица и зашлапувам во нешто блунтаво. Не врнеше, мислам моментално, па да има кал! Ма каква кал. Пастеризирано млеко си тера пополека по тротоар, а купчиња со мед пополека се раствораат во млекото па добива една убава светлокафеава боја, те мами да чучнеш и да лижнеш.
Дигам глава и го гледам комшијата Боро. Да го прашам – да не го прашам, се мислам, што се случило, дали ќе знае да ми каже... Не бе, си велам, тенеќе е Боро, два збора не знае да каже. Кога Боро ми довикува: „Ехеј, добар ден комшија, како се чувствува вашата маленкост во духот на последните гео-политичко иницирани промени во атмосферата над и под кората на нашата татковина?" Боро бе, му велам, па ти си научил да зборуваш? „Што да ти кажам", вели Боро, „од утрово се осеќам ко да сум завршил факултет. Ајде, убав ден, одам јас на бадминтон со Мите и Љубинка."
И тука се тилтувам. Прогласувам пауза и отварам интернет. Вонреден прес на Завод за статистика, го пренеле сите портали токму пред 4 минути: „Откако го пронајдовме гробот на Александар невработеноста се намали од 36% на 17%, процентот на високо-образовани Македонци од 7% се зголеми на 45%, барањата за азил на Австралијанци, Германци и Брунејци пристигнуваат секоја секунда, НАТО и ЕУ молат за прочка и се слагаат на промена на свое име само да влезиме во нив, да нè осетат јако и ако сакаме одма да излеземе, ако така ни е убаво. Сонцето утре ќе изгрее на запад, а за задутре ќе се изјасниме референдумски. Добро утро жители на земјата од која доаѓа најголемиот гроб во историјата на човештвото. Кралот е мртов, да живее кралот. А и вие, шо да не"
Гледам наоколу расцутени цвеќиња. Сино небо, весели луѓе. Играорци некои исто гледам, се фатиле илјадници за рака, живи ќејфови си тераат. Место не ги држи, па играат. Радосен џагор се слуша од домовите: мора да е вистина, си велам, ова што го кажуваат за писменоста и невработеноста. Хеликоптери летаат над моја глава и носат контењери со злато кое најбогатите луѓе на светот сакаат да го чуваат во земјата од која потекнува големиот крал. Македонија збеснува од убавина.
Гледам и сум ужаснат: Не, ова не е можно да се случува.
Стварно умрел Александар?
Не бе, пак лажат тоа комунистите. За нив и Бог е мртов.
ако и ти го најде гробот на Алекс, пиши тука: betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT