Знам, знам дека на Велигден не се работи али ваквите мали киксеви, огрешувања на големи празници ми се супер прилика да си тестирам конекција со Горниот. Јас „работам" и чекам да видам дали освен кило и петсто грама после празници ќе се единствениот казнен потсетник на деновите поминати со една рака на далечинско, а друга наизменично на препони, на телефон, на софра или на чаша, оставајќи отпечатоци кои на форензичарите би им дале јасно до знаење зошто боли глава наутро.
А каква мака има Тој за празниците освен мојата мрзоволност и повремено 'рвање со инспирацијата да седнам пред компјутер и да чкрабнам пар редови и во вакви празнични денови?
Види, и нему не му е лесно, јас тотално го сфаќам. Особено животот (ха, животот!) му се отежнал со интернетот и неговата радијација која произлегува од делењето на атомите во нашите мозочни клетки и осиромашениот ураниум кој преку прстите и тастатурите и маусите излегува на мегдан со сесветските будалаштини, експонирајќи нè на бело-видело до скроз! (автопедагошка забелешка 1: провери дали осиромашен ураниум на интернет не значи „Ум кој требало да биде ухранет – ухрани-ум /браво Бетмене, докторе/ ал је осиромашен, гладен и јако нервозен због тога – ко и сите ние на интернет").
Како Бог има мака ради интернетот?
Какви се глупости не се изнагледал или изначитал... Имај предвид дека сите твои глупи деловно-формални, љубовно-патетични мејлови, па и оние кои ги праќаш до десет другарчиња за да не ти умре мајка или за да сретнеш љубов на твојот живот, прво одат до сателитите во вселена, од каде му се пред очи и на Горниот па сакал нејќел, пошо му нарушуваат севселенска тишина, ги гледа. А што да прави. Сите преписки со милијардерите од Нигерија кои сакаат да ти дадат 400 милиони долари (пола жирално, наравно, другата половина на 10 рати) во кои прашуваш „dane me lazes gospodine Hakim dane nesi milijarder" ги гледа. И не му е сеедно. Делел мозок за да мислиш. Некаде му се истурило повеќе, некаде помалку, како кога ставаш мелено месо во гибаница или бурек. Да, питата е вкусна, ама кога ќе налеташ на празен воздух во тесто, не ти е сеедно и ти доаѓа да им се напцуеш на штедливите раце на бурек-мајсторот кои баш на тоа место, тебе омилено во моментот, не посипале троа зајре за да видиш тотален лезет.
Тврдам дека Бог се ужасава кога ќе види како кликаш лајк на некоја слика со надеж дека фејсбук ќе донира 17 центи за помош на болните од паркинсон само затоа што ти си одлучил да си лајк-хуманист, кликачки филантроп, он-лајн исцелител. Помрачина пред очи му доаѓа кога ќе споделиш глупава песна на фејсбук. Ало, па не само што ни ги дал на планетава, него и уште упорно не сака да ги земе Ролинг Стоунс кај него. Има рокенрол во себе, убеден сум. И си седи така на небо, се нервира за економската криза, војните и риалити шоу програмите, кога оп: во сончев априлски ден во 11 наутро некое грешно чедо на фејс ја лепнало „Мислио сам ако одеш...", верзија Жељко Самарџич. И после ќе се чудиме како има снег во април.. епа ќе има. Легендите велат дека и диносаурусите ја утнале на музички план па...
Сериозно. Многу веројатно се нервира кога гледа како си самоутепан со недоволно енергија да промениш канал, но сепак со непресушна жеља за да се расправаш со телевизорот. Се лути кога носот ти е крив, кога имаш 40 грама повеќе сало на стомакот, кога немаш соодветна кошула за тие кондури. Можам да замислам дека е бесен кога те гледа како си умираш пополека на 30-тина години и наредните 50 ги минуваш како пластично шише од јогурт во океан. Не му е сеедно кога те гледа како те фаќа уплав од нешто, од било што, од болка, од непознато, од разделба, од сите оние работи кои постојат во совршен баланс со убавите токму за да изградиме сопствен систем на правично вреднување на малите ситни и големите дебели моменти на тотално мерачење. Ко шо ми рекол не еднаш Трендо кога ќе му се јавам во недела наутро со препотено чело, главоболка и безидејност како да ги поминам наредните неколку часа до стабилизација на организам после тасманиска сабота: „Мали, поофкај си малку, ќе помине. Ако го немаше мамурлакот, што ќе ни значеа пивата од претходната вечер?".
Осеќам дека му е баш безвезе кога ќе те види како се плашиш од себеси и како не си ја раниш душата со убави нешта, правејќи работи кои мислиш дека треба да ги правиш за да задоволиш критериуми кои други ги поставиле за апсолутни на патот за некаква умислена реализација на улица и во канцеларија, на тротоарите ко модни писти или на бескрајно досадните состаноци. Можда и му се прилошува и му доаѓа да бапне 2-3 ракии кога ќе те види како си сав незадоволен од све живо и диво: системот, комшиите, шоферите, владата, младата, фрижидерот, режисерот, од сè што не ти го исполнува со квалитет времето кое треба сам да си го исполниш со она што е најдобро за тебе. Бедак му е кога не читаш, а философираш. Не гледаш, а полемизираш. Не слушаш, а компонираш. Постиш без да знаеш да простиш.
И фајнали... уврх свега овога, посебен с'клет му доаѓа за Велигден во Македонија. Да, за делото на Џокси зборувам. На Велигден тој се заљубил, на тој голем ден христијански. Замисли. Ко па да не можел да се заљуби на друг ден, на пример на 26-ти октомври кога Севишниот нема на програм реминисценција на голготните маки. „Ајде Боже ти ми помогни, кажи каде да ја најдам" – па во именик бе дечко, на информации 188, или на некоја игранка ќе одиш, не излегувај само за Велигден мајкуму. 20 години поминаа од песната и не само што ти не ја најде, него и Ламбе пред некоја година одлучи да ја бара. Ако вака продолжиме за 40 години покрај извод од матично, свидетелства и таксени марки, за упис на факултет задолжително ќе се бара сопствена верзија на „На Велигден". Плус пази, денес имаш социјални мрежи и хиљаду можности за воајерска опсада на туѓ простор – напиши си статус, ќе ти го шернеме, ќе се јави фиљан девојката под услов ако нема Велигденска траума дека некој ѝ ја мирисал косата во црква и се плашела да се заврти бидејќи не е христијански да подели некое лакто во време во кое страдалничкиот фокус е насочен многу повисоко од нашите глави.
Кај на сета мака Бог да мисли уште и каде ти да ја најдеш баш неа, баш на тој ден? Ќе си ја најдеш ако ви било пишано... (автопедагошка забелешка 2: напиши песна во која Џокси ја наоѓа девојката од Велигден и даj да завршиме со тоа)
Го почитувам езотеричниот Велигден. Уште повеќе луѓе кои имаат свој, сопствен.
Кога е твојот?
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT