Од 2000-та па наваму по американската шема на factory outlet center, аутлетите ја губат природата и функцијата и наместо продавници во кои се продава непродаденото од минатите сезони или фаличното, тие стануваат ново шопинг- искуство и уште еден (многу тажен) начин да се помине едно неделно фамилијарно попладне.
За да не останам покусо, еднаш се запнав од петни жили да одам да видам што е тоа и на сите женски начини (со кои им буричкаме во грижата на совест на мажите кога ќе намислиле да добиеме нешто по секоја цена :) од типот "Никаде не одиме во недела...Секогаш седиме дома и правиме што сакаш ти... Јас би сакала многу, ама ти ... блаблабла", го убедив маж ми да ме однесе. Одиме во Тоскана. Во Барберино.
Импресија број еден: Паркинг. Му нема крај. Стотици коли паркирани како сардини. Не сакам да множам за да пресметам колку луѓе решиле да ја поминат студената недела во "Аутлет Барберино". Импресија број два: Добредојдовте во little Venice, во село, во mall. Не се знае точно каде. Сè е светнато и старо околу година-две, центарот наликува на средновековно селце, продавници наредени една до друга долж целиот "брег", некое цвеќе помеѓу, со мостови и каналчиња кои го поврзуваат едниот со другиот крај на некогашното поточе.
Импресија број три: Мали, средни, големи. Реки од народ кои се движат без ред и смисла, деца што вриштат од сите страни, редица за 2 топки сладолед (кој не е на попуст) и преполни ресторани (кои не се на попуст). Хаос на секаде. И се мислам, колку семејства секоја недела си го поминуваат на овој начин едниствениот фамилијарен ден. Доволно е да знаете дека имаат и организиран бесплатен превоз од околните градови така што доаѓаат тинејџери, парови и секакви друштва кои се движат по кинески: строго во толпа и строго напред, без пардон.
Импресија број четири: Што има во аутлетите? Свашта. Кондури Прада кои изгледаат како од пазар, гаќички во "Интимисими" за по евро или две ставени во огромни сандаци и милион женски раце кои се грабаат, се туркаат, се стискаат за да стигнат до наумената танга, сè спакувано во ефтин пакет кој едноставно нема ништо привлечно за да го купиш.
Или луѓево не знаат да удрат есап или едноставно за нив тоа што е аутлет е најевтино, па психолошки мислат дека прават голема зделка. Палат кола и возат стотина километри (зашто позициите на овие центри се обично прилично "несреќни", далеку од градовите ) трошат пари за бензин, патарина, паркинг, ручаат во еден од рестораните, пијат кафе, сладолед и на крај се враќаат дома со "Најк" патики кои не се од минатите сезони, ги нема на интернет ниту пак во ниеден друг каталог, кои едноставно не постојат на ниедно друго место освен таму (многу модни куќи произведуваат стока "само за аутлет" која не оди во традиционална продажба). Никаква гаранција за квалитет. Ништо од ништо. Само што постои зборот "попуст" кој има хипнотизирачка моќ. Да не ја отворам темата продавчки. Писмени како буриња, навикнати веројатно да ги третираат луѓето како "умрени за купување" нема ни чао, ни добар ден. Ни фала, ни пријатно. Јас многу сакам пазари и тезги. Ама ова нема вкус ни на бутик ни на панаѓур.Не сакам ни големи гужви. Турканици, редови, судирања и неред. Ме фати паника, ми се исуши грлото и после неполн час, сакав дома.
На враќање, не морам да ви кажувам дека маж ми уживаше да ме малтретира пеесет минути во кола со познатото "Што ти реков јас, ама ти се запна, женска глава, кај може тебе човек да ти каже не..."После ова не знам што збореше зашто се стаив на стенд бај. Јас си свиркам, на крајот сепак многу задоволна што знам како изгледа аутлет и што во прва прилика ќе можам да "протестирам" против вакви трговски циркузи. Не постои причина заради која што на било кој човек би му го препорачала ова искуство (посебно не за да "помине поефтино"). Не знам дали приметивте дека се мали шансите да свратам во некој од околниве аутлети наскоро. Ама денес имам прекрасно алиби за да добијам cè што сакам.
Бирај: Барберино или Икеа.
Во тие неделни утра, сигурно маж ми посакува да се разбуди на некое друго место.
Емили,