Илија Димовски има еден фин текст со пар убави поенти насловен како „Народот е победен кога ќе му се одземе гордоста" во кој зборува за важноста од познавањето на историјата во функција на растечката самопочит кај секој народ како еден од основните предуслови за „победите" кои тој народ ќе ги избори, ваљда како збирштина од индивидуалните победи на составните елементи на народот - луѓето. Така е во мојата книга барем.
Ама на тема патриотизам, приоритети и паралелни процеси на почит кон историја и работа на исцрпување на самопочит и национална гордост од курентни теми, имам и јас да фрлам неколку коски на муабетот, за да загризе темата подобро:
Илија зборвит за калибрирањето на историјата во стариот систем во име на тогаш новата федерација и заедничките интереси на движечките сили на таа федерација, па додават:
„Денес треба бар да ни е јасно дека ваквиот однос кон македонското историско наследство во претходната држава имало многу реална, практична и рационална цел и насока, која била сосема легитимна и разумна за раководните структури од Белград, кои и ја осмислувале и насочувале. Немало емоции за ова прашање, станувало збор за чиста прагма."
Океј, така е. Денес логично претпоставувам дека односот кон македонското историско наследство има друга реална, практична и рационална цел и насока која е сосем легитимна и разумна за раководните структури од Скопје, кои ја осмислуваат и насочуваат. Уште нешто за бившата југословенска цел:
„Целта била да се создаде една нова југословенска политичка нација преку креирање нов вредносен модел на помнење кај нас и преку креирање многу нови и до тогаш незабележани поврзаности, сличности и зависности помеѓу народите во поранешната држава, а во исто време преку бришење на историските периоди, факти, настани и личности што би му попречиле на градењето на новата вештачка политичка нација. "
Како докажуваме дека не сме вештачки (и) денес? Еве што пишува Мкд.мк, пред само два дена:
„На 9 септември некои медиуми јавија за урнати бисти на паднатите борци во Алејата на хероите на Китино кале во Кичево. Таму беа откорнати сите плочки со имињата на народните херои од Втората светска војна. Три бисти на паднати борци и народни херои од НОБ веќе две години се исчезнати од постаментите во Алејата на хероите во Кичево."
Ова е толку честа појава што дури и никој не ја забележува како девијантна. Народно ослободителната борба скоро и да остана без споменици на бистите, туку истите се претопени и повторно му служат на народот, само ние немаме поим дека некој поклопец за шахта е создаден од бисти на двајца херои. За спомен плочите на паднатите во војната од 2001-ва не ми се ни зборува. Траеле пократко и од меур од сапуница кој ќе го дувне мало дете, кое може да е нивно или би можело да е нивно, доколку не положеле живот на браникот на татковината пред 13 години. Но, да се вратиме 50-тина години наназад, повторно во Кичево.
Правиот карпентеровски корпус деликт следи токму сега:
„На 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, ден кога се положуваат цвеќиња пред спомениците на македонските херои, во Кичево моштите на паднатите борци од НОБ кај спомен-костурницата на Китино кале биле расфрлани околу костурницата. Черепите на борците од НОВ на Денот на самостојна Македонија биле расфрлени околу костурницата. Во Спомен костурницата се погребани останките на 555 борци од НОБ."
Додека жолчно се бориме за да пронајдеме коски од пред 2 милениуми за да ги забетонираме пукнатите темели на националната самопочит, оние кои гинеле за истата оваа земја, помалку или повеќе независна Македонија, се третирани како што не би требало да се третираат коските и на најголемите душмани на нашата земја и сите луѓе кои живеат во неа.
Додека градиме нови споменици кои ќе го дополнат мозаикот на Македонизмот и ќе ја „разбудат нацијата со заспана гордост", кон оние споменици поставени во минатиот бран на дигање бронзени еректи во функција на „создавање на нова нација", како што пишува Илија, се однесуваме генерално како кон екстра кечап за додавање на пица - и да го нема, ништо страшно.
Само што овие 555 од Кичево и сите други на кои не им се знае поменот не давале кечап за оваа земја, туку друга црвена течност која ја излеале низ сите кадратни сантиметри на онаа држава на која денес ѝ ги пополнуваме дупките во историјата со цел нови сенародни победи. Многу понежестоки победи од оние во кои се создадени черепите кои ги шуткаме низ Кичево, кое е-ма-ке-дон-ски-град (нормално), како што се скандираше не толку одамна.
И ајмо сеа прашање-две околу паралелните процеси на истовремена почит кон историјата и работа на исцрпување на самопочит и национална гордост од курентни теми: Дали кошаркарската селекција на Македонија ќе успееше да го освои 4-тото место во Литванија во 2011, доколку само неколку недели пред историскиот успех на плоштадот во Скопје не беше поставен споменикот на Воинот на коњ? Дали народот ќе се чувствуваше помалку горд доколку ги славевме кошаркарите на плоштад без споменици? Или најдобра е комбинацијата на едновремено славење на некогашните и сегашните херои?
Дали денес народот осеќа поголема гордост кога ја гледа жива и здрава Илина Арсова како го освојува Еверест и Иџе Стефановски како станува европски првак во ридски трки или повеќе кураж и самопочит му создава сеќавањето на времето кога Филип Втори се симнал преку Олимп и ги потепал како мали деца Грците? Ако се двете еднакви, зошто не ги викнеме Илина и Иџе на плоштад, до Филип, макар да направат селфи со него? Нема да дојде народ за македонско знаме на Еверест и тркачкиот Мон-Блан, бидејќи нема интерес за вакви индивидуални успеси? Зошто, е правото реторичко прашање. Телевизиите знаат зошто.
Уште една историска паралела: во 9-тиот век Св. Климент имал универзитет во Охрид. Тогаш Америте се шетале со кожи по пустините и трчале околу оган за да им заврне дожд. Денес преведуваме книги (колку толку успешно) од нивните универзитети и бараме враќање на студентите од таму назад дома, за да го подобриме квалитетот на нашето образование. Зошто добар дел од нив не сакаат да се вратат? Уште едно реторичко прашање. Кој знае зошто.
Нели, кога „Србите јаделе со вилушки, Французите јаделе со раце". Денес Французите имаат вилушки, Србите имаат намалување на плати и пензии. Ајде уште едно прашање, додека сме кај северните соседи: дали денешниот Македонец кој е победен кога му се одзема гордоста бил погорд кога ја тепавме Србија 1-0 или после поставувањето на споменикот на Цар Душан? Без националистички опаски, анализата е компаративна и во функција на тезите за рудниците од кои ќе се копа минералот кој треба да ја оживее заспаната гордост во душата на македонскиот народ.
Да, апсолутно е фино да си ја познаваме историјата, ама не селективно, бидејќи без оглед на системот и нацијата која тој систем решил да ја создава или буди, ретуширајќи историја или со селективниот пристап кон неа, секогаш во битките за Македонија гинеле – Македонци.
Илија има уште малку муабет:
„За мене не е прифатливо кој било интелектуалец да не знае кои тројца револуционери биле водачи на Илинденското востание и членови на главниот востанички штаб. Не е прифатливо кој било човек да не знае кога е укината Охридската архиепископија, кој ја укинал и зошто. Не можам да прифатам дека образовани луѓе не треба да знаат кој го отворил првото заседание на АСНОМ, кој бил прв претседател и кој ја водел македонската војска низ битките од 1941 до 1944 година."
Држи вода. Да дополнам со она што јас не можам да го прифатам: било кој интелектуалец да не знае кои наши научници прават партали по светот и работат од Оксфорд и Кембриџ до ЦЕРН и НАСА. Не е прифатливо било кој човек да не знае кој е најдобриот стрелец во историјата на европските и светските ракометни првенства и во машка и во женска конкуренција. Не можам да прифатам дека образовани луѓе не треба да знаат дека ако дозволиме во „недостаток на интересна сегашност", иднината треба да ја гледаме само преку историјата.
„Оние наши луѓе што се противат и кои критикуваат, на кои им пречи и малку македонска историја и гордост, треба да бидат разбрани, бидејќи токму тие се само едно неизбежно наследство на концептот и стратегијата за бришење на нашата македонска историја. Не треба да им се лутиме, бидејќи некој друг ги довел дури дотаму да си ја критикуваат својата држава и да не си го сакаат својот народ, но треба да им се лутиме ако самите не сакаат да се завртат назад." завршува Илија.
Couldn't agree more.
За темата која треба да ја дискутираме.
За Гоце Делчев, Филип Втори,
Перо Антич, Гечевски.
За Македонија.
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT