Т'га од југ

Василица во градот на Чак Бери и Мајлс Дејвис

Во епизода на спектакуларно забавното Шоу на Лери Сандерс, Џон Стјуарт, како гостин водител ги кани Ву Танг Клан. Но продуцентите интервенираат, објаснувајќи дека Кланот бил премногу "урбан," го откажуваат настапот а Стјуарт добива заушка.

Внимавај, освен ако не сакаш да го извадиш од памет цел Среден Запад, отприлика го советува извршниот продуцент на шоуто. Што луѓе ќе се тие од средниот Запад си велам, непосредно пред "во 90-та" да одлучам викендот да го минам во Сент Луис, Мизури, една од сојузните американски држави што се дел од овој "Мид Вест".

По 7 часа пат, мачкина кашлица за овие размери, и по неколку одмори по друмски кафани и бензински пумпи, видно е дека чурук луѓе живеат во тоа Мизурито. Впечатокот од прва е дека во споредба со моиве Алабамци, Мизурчаните се како покрај Пласидо Доминго да го застанеш Глен Бек. Лесно забележуваш невоспитани гестикулации, ркање по паркинзи и згрчен пристап и ништо на ништо не личи.

Стигнавме некако во Сент Луис. Каков само благослов за скопјанец во туѓина се вревата и ауспусите на големиот град, да се подмочаш од радост. Ко дома, со воочлива разлика во респространетоста, облакодерите и Портата свод, симбол на ширењето на САД кон запад и највисок американски споменик изработен од човечка рака (192 метри.) Абе Коце да позавиди.

Повод за посета на градот каде, меѓу другите, родени се и Чак Бери, Мајлс Дејвис, Ти Боун Барнет, Џон Гудман, Вилијам Бароуз... беше конвенција за куќи на стравот и слични "хелоуин" компании чија основна дејност е да ти наплатат за да те исплашат или да ти земат некој долар, па ти после плаши кого сакаш.

Одлична забава и мегдан за оние кои не си дозволуваат да пораснат па овие панаѓурски атракции ги чекаат ко мали деца. Стравот доведен на ниво на индустрија, каде можете да купите маска од 10 но и од 600 долари, можете да нарачате механизирана скулптура со разлеани црева или за вашата забава да најмите дебела жена џуџе, која маскирана како девојче, со бели очи, ќе се погрижи вашите гости да не ве заборават. Или пак за секогаш да ве заборават.

Не можејќи да не ја поврзам целава "Фрикс"/"Амаркорд" ситуација со вевчанските Василичари, замислив сцена во која еден вевчански дрим тим би влетале во саемскава хала и би свртеле едно Василичарско оро. Со сите мастрафи. Со зурли и тапани, тон вино и со тоа кожите и древните естетики кои секако ќе те вознемират. Макар бил и од камен. Ма тоа ќе биде лудница. Има парички за авторски права за маски да летаат наоколу како камења по вевчански автобус покрај Велешта.

По неколку часа браузање на костимите, услугите и сценографиите на конвенцијата, утепав и неколку саати по улиците на центарот на Сент Луис и најдов кооперација. Кооперација во мојата глава е дефинирана како продавница со секакви намирници и потрепштини, каде пивото го купуваш по малопродажна цена а пред кооперацијата го пиеш како да си дипломатски претставник а не безделник. Ако се додадат и пар старци што тепаат шах пред објектот, истиот ја заслужил урбаната легитимација. Така и овој дуќан.

После 11 часовните занимации и одговорности околу саемов, денот заврши. Следи вечера со екипата од Фроги фог, компанија која продава хемикалии за машини за чад, машини за снег и слични ефекти. Финтава е што работат по принцип на производителите на универзални кетриџи. Нивните формули одговараат на секој апарат и се околу 70 проценти поефтини од официјалните препарати. Двајцава газди кои веќе десет години, од основањето на фирмата не забележале загуба и вработиле уште други 4 работници, всушност го најмија еден од моиве пајташи, да снима и монтира краток клип. За пред луѓе на Јутуб.

Пред да заврши вечерата, Англичанец што се занимава со ЛЕД делот од забавата, рече дека бил во Хрватска, Романија и Србија, па ме буцна да кажам колку убави жени има во нашине краишта. Објаснувањето го почнав со "Пфф..."

Бидејќи екипата не ги дели истите џез/блуз/аренби апетити, се одјавив и се пуштив да најдам клуб каде ќе ја наранам душичкава со Сент Луис аудио порција. И... добитна. Кај БиБи. 7$ влез, 5 долари пиво и оп, спешл гест стар... Рoланд Џонсон, 50на годишен аренби пејач кој некогаш палел и жарел низ Сент Луис. Опасни танцови фрчеа а најзабележителни беа возрасните црнечки парови кои фатени за рачиња, ѕвездата од својата младост ја гледаа ко фотографија од пред години исечената врба во маало. Многу топла атмосфера и медено музичко искуство.

Сит тргнав кон хотелот, веднаш до стадионот на Сент Луис Кардиналс, последните освојувачи на најслаткиот безбол трофеј - Светската серија.

Утро. Назад Алабама. Утнавме некои насоки но пристигнавме дома. Каде луѓето се барем доволно поинакви од оние од Мизури. Не џабе едно типче на конвенцијата носеше маичка со мапата на Мизури, а во неа испишано - The worst state ever.

В.Л.Адо
lazoroskivladimir@gmail.com

15 март 2012 - 14:58