Шупачки стејт оф мајнд

Пред две години Дунав дојде во Охрид. И, логично беше: толкава наезда на туристи од Србија се деси од 2005-та навака шо прашање на време беше кога Аца Лукас како јавач на апокалипсата во пауза од два свои концерти ќе ја донесит и сината убавица на едно капење долу кај нас. Стружани пак се уплашија дека Дунав ќе им го поплави Црниот Дрим и го затворија истекот на Охридско езеро. За малку ќе се поплавевме. За малку. Среќа шо имавме план за справување со кризи. Њујорк, издржи, на тебе е ред.

Планот кој го куртули Охрид беше следниот:

1. Ќе напрајме повисок град од Струга! (остварено: Охрид 695 м.н.в., Струга едно метро помалку), па ако недајбоже иде Дунав, прво ќе капнит кај нив, ќе ја отворет браната на Црн Дрим и езерово ќе истечит накај Јадран со шо и Будва ќе видит малку чиста вода, па Охрид ќе се кандидират за нобелова награда за добрососедски туризам после што „сите сречно си живееја".

2. Ќе стајме вреќи со песок на кеј! Остварено, такоџе. Ако некој нормален знајт која беше идејата со вреќи песок на дел од кејот да се направи обид „херметички" да се затвори Охридското езеро, нека ми пишит меил - најлогичните објаснувања ќе ги уважам со контра услуга во форма на пиво во кригла која ќе личи на езеро пред поплавување. Јас анализирајќи ја душевната состојба на авторите на оваа мерка сум дојден само до делот во кој загрижени лица седат на маса во општинската канцеларија за кризни состојби, со отсутен поглед, чиниш размислуваат. Има гробна тишина, чад од цигари, по некое повремено „ц" и длабоки издишувања кои звучат како „упичкуматер"... се до моментот додека не се запалила штедливата сијаличка над нечија глава и оваа блескава идеја била изложена, па усвоена со акламација. Реално, колку ќе беше физички ефективна ваквата мерка за спречување на поплава не сакам да помислам (се зезам, сум помислил и почнав да се тркалам од смеење), ама се некако ми делува дека ради преголемата концентрација на смотани капачи езерово попримило, отупело (па и тоа е човек) и кога ги видело вреќите песок наместо да се скине од смеење и да се подели во библиски занес (со што ќе направеше добро за туристичката сезона - 30 шанкови се подобри од 15), езерото - се повлече. Два нула за нас.

3. Ќе водиме виртуелна битка на социјалните мрежи со новокомпонирани пцовки и елементарна физика против фотомонтажи на кои Чак Норис отпушува сливници среде езеро, ќе даваме огласи „Менувам гарсоњера во Охрид за коза во Струга - шифра: здраво комшија" и ќе си фаќаме сеир до крајот на интернетот. Победата во овој случај е морална, но сепак важна за задржување на нивото на духовитост кај народот кој ете, во секоја природна непогода знае да се пошегува за побезболно да го дочека утрото во кое ќе сфати дека има места во светот на кои баш не им треба „Сенди" за да личат на пост-урагански шут, и од внатре и од надвор.

4. Ќе намалиме цена на смештај вон сезона - оваа точка беше отфрлена како неоснована и не беше предмет на понатамошен разглед, а предлагачот беше анатемисан и прогонет да работи на крузер близу Сомалија.

**************

Деновиве во кои Њујорк е соочен со едно ураганче кое повторно е крстено од пијан кум папучар (Здраво Сенди), еден куп весели синоптичари и историчари побрзаа да си фатат столче во прв ред за драмата која ќе го окупира вниманието на светот наредниве два дена: апокалипса на источниот брег во САД! Кармичка правда за злобните империјалисти! Големото Јаболко ќе изеде голем... бран! Брејкинг њуз: и во Њујорк имаат снег чат-пат, ама не се изненадуваат од него толку лесно како ние во јануари. Градот ќе се справи домаќински со Сенди, ќе ѝ направи форвард кон Блискиот и Далечниот Исток, ор елсвер низ Европа, во друга метафизичка состојба, и ќе продолжи да биде опеван тајм енд тајм аген секогаш кога внуците на Синатра ќе останат без пари па ќе ја нарачуваат на радио неофицијалната химна на градот, молејќи се американскиот ЗАМП да си ја заврши работата речиси слично како и нашиот. Шупаците, од друга страна, и кога ќе ја нема Сенди ќе си останат шупаци и ќе чекаат некој нов катализатор на личната беда да ги здрма како било која трака од касетата со најголеми хитови на Митар Мириќ со Ч.

Има една тажна навивачка севдалинка од поширокиот реон на југозападна Македонија која оди вака: „Да даде Господ пак да се врати 1963-та, и цело Скопје пак да се руши, и цело Скопје..." (навивачката песна е прекината поради шо е дебилна, а плус ние сме културни и си се љубиме). Леба ти, тие исти грлати шизици кои „повикуваат земјотрес" како нео-индијанци по вокација и рушат брзински рекорди со стартна реакција на која би позавидел и Усеин Болт при првото здрмување на некое мало земјотресче во нивна близина предизвикано од тракторот на комшијата, апелираат до вишите сили да се случи природна катастрофа, ако може и не им е проблем на севишниот и екипата, која, ете некако ќе им ги смири фрустрираните им души. Цела среќа што Господ очигледно ретко гледа фудбал, па не ни слушнал што мантраат овие кутри изговори за потрошена сперма.

Ама бидејќи мајка природа чита колумни и има смисол за хумор, имам нешто да и порачам:

„Здраво Природа. Како си, што има? Се надевам дека моево писмо те наоѓа во добро расположение (ха ха, не е смешно). Вака, ако водиш рачун кои хуманоидни креатури утрово се разбудиле со ерекција пред идејата дека Њујорк може да заличи на Помпеја, што мислиш за идејата на истите денес да им овозможиш посилен притисок во водоводната мрежа па да видат што значи една мааала пукнатина на водоводна цевка во топлината на нивниот дом? Или сјебано нервозно ребро од радијатор? Тамам ќе станат малку од пред компјутер и ќе завршат некоја корисна работа за себе, наместо да водат хроники за судбината на еден свет многу поразличен од оној нивниот, а? Нели, работата го прави човекот? Јас мислам дека баш и не е фер, ама ти - како сакаш... си ја знаеш работата. Со љубов, секогаш твој Боби. пи.ес. Ако ми ја дирнеш Катарина во Њујорк, ќе најдам каде живееш и ќе ти стане гадно неприродно."

Ваљда ако на ваквите креатури навистина ги спопадне ваков јинјанговски риплај од Вишите Сили, па кога ќе се расцапаат во вир вода со папагалка во рака, супермарио аутфит и расположение како охридски хотелиер во март, некој од нив ќе ја запее народната „Сенди, Сенди, Сенди, ај кент леч ју гоу...“. Ќе проколне уште пар пати курва судбина и среќата која ја нема, ќе го среди проблемот и додека ја цеди насобраната вода од сунѓерите во легенот, ќе промрмори себично, само за свои уши: „Ја нема да се јави веќе 10-ти ден. Да даде Господ да и` рикнат сите бушони по дома, кучка. Него, ај да видам кој пријател на Фејсбук има погрешни ставови општо за се` во животот, да му го дотерам малку паметот...“

Њујорк, холд он. Си бил и полошо. Ќе помине.

 

Предлог мерки за справување со кризи праќајте на betmenvelit@gmail.com и @BatmanSaysT

30 октомври 2012 - 10:05