Што пропуштив?

Претходниве 7 дена пропуштив неколку многу важни настани од исклучително значење за понатамошниот тек на историјата на светот по теориите на хаос, пеперутки и мајански релативитет (кога Маја ќе ми каже дека е океј, тогаш не е океј). За реконструкција на дел од нив ќе ми треба твојата помош. Биди човек и избави ме од прегратките на Лукавиот (да му рогови мочам од ќерамиди) кој ми го исклучува телевизорот во епохални моменти!

Немам телевизор!“ - Питу Гули

Го знаеш она грдо чувство дека си пропуштил нешто? На интернет си, имаш фејсбук, можеби и твитер. Мора да го знаеш. Се случило нешто за кое изреагирале дежурните и вонредните синоптичари на социјалните мрежи, сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, НАСА, Тодор Петров, Титовите Леви Сили и сите останати релевантни институции во светот и пошироко. Дешаванка ради која кокичињата одлучиле да процутат моментално, Маите свикале вонреден самит на кој ќе дискутираат да го одложат крајот на светот, Феликс сака да се врати во вселената, а снегот да се изненади самиот себеси за промена. А ти како кретен си спиел на уши. Си лапал муви лајнарки. Си вежбал аеробик во градски парк. Грдо, грдо чувство. Mи доаѓа со антенски кабел да се самоказнам.

Епа, така некако се осеќав деновиве. Знам дека нешто имало! ама баш неам појма ништо за тоа освен дека се случило. Изузетно непријатно чувство. Се осеќам како паднат од Земјата на Марс. Јас ќе ви кажам шо (не) знам, па после помагајте како шо знајте. Не ме оставајте сам ко Глигоров и Трајче Манев.

Знам дека имало некаква прослава низ Скопје. Замислувам дека била весела, за прекраснотијата на животот организирана од нео-хипиците од Македонија и регионот. Мирна достоинствена радосна прошетка низ улиците на градот декорирана со знамиња на Ферари, Реал Мадрид, Фолксваген (за да не може никој да нафрли партиска нота на еден ваков сјаен настан) проследена со хепиенд во салата „ Борис Трајковски" во која се одржало поетско читање на дела од Киплинг, Сајмон и Гарфанкел, Гане, додека во позадина биле прикажувани сцени од "Маршот за солта" на Ганди, "Маршот на Дрина" и "Маршот во Три Убави" од непознат автор. Рецитирале еминентни потенцијални нобеловци од целиот свет. Јас како последен кретен гледав фудбал цел ден.

Дури сме кај фудбалот, слушнав дека во „Пресинг" на Алфа двајца искрени љубители на најважната споредна работа во светот направиле парампарче! Абе, во колено ми доаѓа да се пукам затоа што го одремав тој дел од денот. Ко да не може да се спие подоцна. Врвните дискутанти правеле муабет за тоа дали Чеде Јаневски треба Пандев да го игра како полу-шпиц или како шпиц-и-пол, дали е оправдана формацијата со две летечки крила по бековските линии на Барса и колку тоа потсетува на Бразил од 1970-та година, па разврзале муабет и за вонфудбалски теми како хулиганизмот во карлингот, дали во шахот треба да има полувремиња и колку е оправдано Новогодишната турнеја на четирите ски-скокалници да е толку блиску до концертот на Виенска филхармонија, да не може човек на раат да се изнаужива ни во едното ни во другото. На крајот едниот од нив извадил гитара, викнале стотка од Дестан и се случил вонсериски упад во конвенционалната сувопарност на спортските теми, се запеала „Две музики свират чалгии" и „Сви пјевају, ја не чујем". Програмскиот шеф на Алфа бил толку трогнат што решил да го одложи почетокот на вестите за да се ужива што повеќе. Самите водители на вестите подоцна биле ВИДНО ПОТРЕСЕНИ! и емоционални, па дури и најсреќните вести од земјава ги читале со растреперен глас. За волја на можната вистина, злите јазици на заткулисните (хорор фанфари) кујни велат дека тоа Миленко и Беличанец си копале очи, а кога копаш очи, никако памет да никне.

И како да не се осеќам дебилно. Како да сум испаднал од планетава. Како да не постојам. Не излегов од дома 2 дена. Не знаев што ќе разговарам со луѓето кои ќе ги сретнам по пат. Ќе си одам по улица, ќе си шуткам камчиња и некој ќе ми свика: „Боби, Бетмен, Бетмен! Го виде ли бе она вчера на Алфа еееј, го виде ли?". А јас нема да знам што да му одговорам. Ко Грк во апс. Нема пола-пола (можеби го видов, можеби не), немам пријател да повикам, а џокерот за да ја прашам публиката го користам сега.

Дури порамнувам рачуни и барам прошка ред е да кажам и како залудно го протракав времето деновиве. Паушално, може да кажам вака: во кафана бев, каде другде. Не излегов од таму. Ама сакаш детаљи, нели? На пример, дознав дека прекрасниот распеан дебармаалски кафеански хајлендер Нино Це има план да прави куќа во новооткриен природен рај не многу далеку и скапо од Скопје, во дел кој „мора да го видиш за да поверуваш дека постои". Дури му вети и на Трендо дека ќе го носи таму, бидејќи му бил ептен мил (вака се прави колумнистички рекет). Ми раскажуваше со таква пасија, што веќе го замислив како седи пред куќарката, го поправа барокниот точак со два куфери позади кој не би го трампал ни за Харли и ја тресе шумата околу него со „Да волим другу не мооогууу...". Дивечот сам доаѓа да се жртвува од убавина, а тој одбивно одмавнува со рака и вели: „ЖИВЕЈ!“.

Младата театрална режисерка Радиноска не верува во нули! Блесок. Љубовта опитно ја споредува со рингла („Ако ја заборавиш ринглата уклучена, па се вратиш да провериш дали гори, нели е тоа исто со... ју гет д поинт). Веројатно и Сури од Студени Нозе имал слични ставови во одреден период од животот. Јан Палах такоџе бил непоправлив романтичар. Од другите настани кои ми преокупираа пажња: една убава плава докторка се смее кога ќе слушне „цервикс", го сонував Јурук Јурук во трет ред на концерт на Дјуран Дјуран, Ружа би ги множела со нула Aмерите иако таму би ги школувала децата, еден кафич во Дебар Маало има тајна соба во која ѕидовите мирисаат на тутун, Емили има феноменална фамилија, „Турист" во 2:30 ги прави најдобите ќебапи во светот, ако заспиеш на Камени мост никој нема да те ограби (кидс донт ду дис ет хоум), многу е благодарно да убиеш 9 саати во кревет, некој копиљ шитка фан-групи на фејс за 9.000 евра, „Канцеларија" има пилешки крилца ко бразилски бекови и биено сирење како противник на Тајсон во трета минута, Хендрикс го слави Дилан како пазарџија понеделник, можело да биде убаво и со кисела наместо лута... и да имаш добри пријатели е најдоброто нешто што некој може да го посака во овој живот.

Пријателите може да ти дадат утеха и кога ќе направиш фаул како мојот: гасиш телевизор и го фрлаш од тераса, па убиваш тага заедно со нив, по цели денови.

Биди пријателски расположен и ти. Кажи ми: што пропуштив?



Пиши ми на betmenvelit@gmail.com или @BatmanSaysT 

30 ноември 2012 - 10:11