Наслов ама баш ич не ми теквит

Технички и практично гледано, четвртиот и петтиот ден од годината се оние драгоцени 40+ часа кога дури и прав празничен индијанец наоѓа време да здивне. И фала курцу за оваа несекојдневна прилика. Здраво, јас сум Боби, имам 26 години и на паузата меѓу огненото крштевање на 13-тата година од третиот милениум и останатите 300-5-60 (триста-пет-шеесет) денови ќе ви кажам зошто не враќам на смс-и, имам 5 кила плус и дали и во 2013-та ја сакам Катарина Ивановска...

Епа, во вкрстен оган, досегашниот новогодишен јин и јанг ми изгледа отприлика вака:

Ме курчеВа, како и секоја година „Пролив СМС пораките“ – Ги добиваме сите, секоја нова година, Божиќ, Велигден (ваљда и за Бајрамите е слично, нели?). „Нека сонцето блесне високо на небото, ѕвездите патот да ти го осветлат и по него срцето нека те води, Ристос се роди ". Или „Во новата 2013-та ти посакувам само убави моменти, здравјето нека биде на првото место, среќата да биде насекаде околу тебе, успехот нека те следи на секој чекор..." итн итн. Значи, во ред, генералната добронамерна идеја ми е јасна, ама неколку работи ми стојат како замерка: прво, ако среќата е насекаде околу мене, нема да можам да одам до тоалет на раат бидејќи ќе ја избербатам непотребно што и не е баш најсреќна варијанта – значи, води рачун кому што посакуваш. Второ, кога ќе прочитам порака од типот „send to all" ја игнорирам како портокалев семафор. Не ми треба. Не ми значи ништо. Самото тоа што „си се сетил/а" на мене за да ми пратиш ваква честитка на која би заплакал и руски класичар - не е доволно. Јас не ти ни честитам ако немам што стварно искрено човечки и пријателски тебе да ти посакам. Вејст оф тајм. Не троши скапоцени 5 денари за глупа куртоазија. Само се оддалечуваме како луѓе. Еј, во последно време ни родендени не честитам ако сè што имам да кажам е „среќен роденден". Реално, повеќе би ми рекол и судија кој би ме осудил на смртна казна на мојот роденден: „Среќен роденден гринго, сакаш да дуваш за последен пат?". Или ич - или брич. Влези во темата, посвети и малку внимание или не го прави тоа воопшто. Хвала пуно, шо би рекол мојот омилен македонски пејач со долга коса, Бени Шаќири.

Едно убаво ми дојде на Сендвич со свинска коленица и мексичко топено сирење. Абе како не ми текнало на ова порано? Сме живееле во темнината предолго! Време е за револуција! Па ништо не вели подобро: „Мајсторе, не сери, кај ќе одиш од овој град?" од вакви брилијантни гурмански досетки. А мојата новогодишна пештера, Нови Сад (абе киндер јајце од град!), е полн со нив. И со убава архитектура, и со стелт бомбардери на штикли, и со сè што ќе ви падне на памет од листата „Мерак" по ИСО стандард. И со ова, и со она, и со тоа. Во овој град има и еден ланец на фаст-фуд пицерии кои работат 24/7 и продаваат (т.е. продаваа, мислам дека им ги изедов сите) само два вида пица: капричоза и мексичка. Од моментот на нарачка до услужување проаѓаат 48 секунди, пицата е врела како твојот мозок после гледање тв дневник, а вкусна како секс. И да е лош, пак е дообар. Забележав неколку вакви бекријашки изненадувања кои се крајно едноставни и затоа се одлични. Сакам така и тука < Сакам пак таму. (добро, делот со мексичкото сирење може одма да се замени со галичко или беровско, плус и темпераментот е сличен). 

Ќотек за Празничната тв понуда. Проклет да биде среќа да не виде кој прв започна... (земи воздух!) Кој прв започна турко-монголоидно-индо-венецуелско-боливиско срање за два динара друже по серија да ми пушта на телевизија, два милиони души да плачат. Абе искинаа од плачење деновиве ова Турциве, па нова година е да му ебем матер! Нека им каже некој дека е сосема во ред да одморат неколку дена, и тие се луѓе. Кардаш, чуууукш! Паркирај го магарето и пали еден фишфириш. И за Индијците исто важи. Јас знам дека „на барање на публиката" секој ден од 17:00 до 22:00 одат премиерно најновите епизоди во кои ½ е рекапитулар на старата, бидејќи можно е некој да не запомнил до детаљ некоја од бравурозните реплики („ах госпоѓо жено, сега ќе го фрлам ѓубрето" – „господине маж, одете после да ги земете децата од школо, Исмет се посрал на час"), па затоа е и добро што се репризираат од кај 22:30 (веднаш после дневникот) до кај 03:00, ама немаше ич да се лутам ако барем за празнициве некој се дрзнеше да промени шема и во прајм-тајм да пушти макар и нешто старо и досадно ко „Scent of a Woman" или „Пред Дождот" или дури и факинг „Шиндлеровата листа". Опцијата дека во некоја редакција е направен следниот муабет А: „Абе, а да им пуштиме некој концерт од Дајр Стреитс едно 2 саата да искулираат, шо викаш?" Б: „Отпуштен си" исто така ми е скроз реална.

Мерачење како човек со Законот за пушење во Србија. Закон е. Замисли, браќата Срби, на кои уште еднаш сакам да им се извинам што им го оправме кралот, дозволуваат (замисли ДОЗВОЛУВААТ!) невините кутри пасивни пушачи да дишат нечист воздух ако самите си одберат да одат во локалите над 80м2 за кои бруталните злокобни отелотворениjа на ѓаволот во вид на Сопственици исто така самите си одбрале (замисли САМИТЕ си ОДБРАЛЕ!) нивното место да ја третира пушачката публика без да ѝ лепи давидови ѕвезди бркајќи ја надвор да запали цигаре. Лактите на шанк, Том Вејтс на звучки, точен свеж Амстел (немаа скопско, мамицата – го повлекувам она за кралот), уживање во самиот момент поради себе и ништо друго. Е да, реално не секаде може да палиш тутун. Во тоалетите таквото пушење е строго забрането.

Бегај од ТВ Дневник. Освен сителовиот кога ќе го чита Славица Арсова, то ест каналпетскиот во рацете на Љубица Јаневска. Ептен ми се срцки. И да ждригнат бе, пари може да направат, толку мил глас имаат. Кога и да правам шафл по канали и налетам на нив, ги удостојувам со должна почит. Си се гледаме на кратко, јас им намигнувам, тие ми се смеат, имаме една чудна симбиоза во еден момент, што мислам дека дури и ги подоправаме работите во државава малку по малку. Некако поблиску сме до ЕУ после секој дневник, само ради нас. Ете така се осеќам. И друго од дневникот ама идеално не ме интересира. Сивата мозочна маса ми замина во Ласа на Тибет да јава тигри и да вежба шаолинска еластичност, белата е во кафана и не е прибрана дома неколку дена.

Ќеифање на Животот. Нова Година, стара пракса, нови ветувања, старо-нова љубов, нова симпатија, добра работа, усовршени вештини, ма нови победи! Долги калдрми, топли кафани, посета на нови држави, магичните фонтани, проекти, траекти... предизвици - и нова поголема спремност и желба да се справиме со нив. Триумфални капии и партии табланет, свинска кртина, мирис на липа во мај, септемвриски ајвар, греано вино и пастрмајлија, лок сток и ту смоукинг барелс на телевизија. Веридби, мекици, бебешко смеење, патарини, планини, ранец на рамо, Јужна Америка, селца со најубави фурни, девојката со мирис на шира на Адо, дојранскиот крап со Трендо, братско реновирање на домови и кафани, кокошја супа со лимон и бибер, филм под ќебе во кочан зима, џез, блуз и Миро Илич. Црно вино, црне очи. Таа и јас. Сите ние. Убава, убава живеачка.

Узпат, да... ќе одиме барем на четири венчавки и еден погреб. И поинаку не може и не треба да биде. Се ља ви. Тоа е животот, што би рекле петлите. Ама посакувам сите да сме што поприсутни во овој „Ви", и да уживаме - заеднички. Имаме и за што. Имаме и во што.

Пријателчиња, ви посакувам многу добро здравје или барем одличен лекар, убава домашна жолта и доволно меки топли цицки наместо крути млаки перници.

Среќна ем бериќетна Нова година.

п.с. Дали Бетмен срце Кики и годинава? (фанфари! барабан! Твентиет Сенчури Фокс најавна шпица!) Ма нормално дека Да. Повеќе од, а најмногу заедно со црн вранец и Нина Симон ко мјузик бекграунд. Иако е толку фина шо би ја прифатил и уз таратур и златно славејче грејтест хитс. Здраво.



Ако си за муабет, или сакаш да ми честиташ нова година со слика во бабамразовска облека, пиши ми тука, ти читателке која имаш минимум 18 години: betmenvelit@gmail.com Твитер адресата е @BatmanSaysT 

5 јануари 2013 - 19:01