За половина век се преполовил тестостеронот кај мажите

Денешните мажи просечно немаат ни половина од тестостеронот што го имале мажите во 1979 година, покажува ново истражување. Отсуството на машките хормони се поврзува со намалената плодност, со падот на расположението, енергијата, метаболизмот, мускулната маса, густината на коските, па и со сè поизразената женственост на денешните мажи.

Истражувачите од Школата за јавно здравје „Браун“ при Хебрејскиот универзитет „Хадаса“ во Израел анализирале шест долгорочни студии кои ги следеа промените во концентрацијата на тестостеронот кај вкупно 118.600 мажи од Израел, САД, Бразил, Финска и Данска во периодот од 1972 до 2019 година.

Во секоја поединечна студија вклучена во анализата забележале знаци за опаѓање на нивото на тестостерон. Во целина, стапката на намалување од 1979 до 2019 година изнесува 54%. Степенот на опаѓање особено се забрзува по 2000 година.

Падот изнесува приближно 1% годишно. Тоа укажува на долгорочен тренд, а не на случајност или статистичка грешка, истакнуваат научниците.

Зачудувачки е што нивото на тестостерон е опаднато за 50%. Тоа е многу. Освестете се, луѓе, предупредува професорот Хагаи Левин, главен автор на истражувањето.

Како веројатни причини за намалувањето на нивото на машките хормони, тој ги посочува дебелината и дијабетесот. Како што нивото на телесни масти се зголемува, тестостеронот се претвора во женскиот хормон естроген.

Инсулинската резистенција кај дијабетични пациенти и хроничното високо ниво на шеќер во крвта можат да ја нарушат функцијата на хипоталамусот и хипофизата во мозокот. Тоа може да ги намали мозочните сигнали што му кажуваат на телото да произведува тестостерон.

Влијание врз намалувањето имаат и фактори од животната средина што го нарушуваат хормоналниот систем, како разни производи во домаќинството и вечните хемикалии. Последици остава и современиот начин на живот: намалената физичка активност, продолженото седење, исхраната богата со преработена храна, пушењето, консумирањето алкохол, недоволниот сон и хроничниот стрес... Иако влијанието на секој фактор поединечно може да биде ограничено, нивните комбинирани ефекти во текот на многу години би можеле да бидат значајни.

Експертите предупредуваат дека додатоците со тестостерон не се универзално решение за проблемот, бидејќи тие можат да му сигнализираат на мозокот дека телото има доволно количество од хормонот и така и да го потиснат неговото природно производство.

Студијата се надоврзува на претходно откритие на истиот научен тим дека во текот на изминатите 40 години значително опаднал и просечниот број на сперматозоиди.

Ако ја погледнете кривата на бројот на сперматозоиди и ја проектирате во иднината, што секогаш е ризично, таа достигнува нула во 2045 година. Тоа е, најблаго речено, загрижувачки, изјави епидемилогот Шана Свон од Медицинската школа „Маунт Синај“.

14 јули 2026 - 12:50