Вакцините за грип добија сериозна конкуренција

Една доза од експериментален лек за грип може да ги заштити луѓето во текот на целата сезона, и тоа поефикасно од вакцините. Повеќе од 5.000 невакцинирани лица што го примиле лекот CD388 биле следени од почетокот па до крајот на сезоната на грип. Највисоката доза на лекот обезбедила 76% заштита, што е подобро од вакцината, која знае и да не погоди сојот на сезонскиот грип.

Наречена CD388, инјекцијата против грип на компанијата Сидара содржи преработена верзија на занамивир, кој е на пазарот од 1999 година и се користи и за превенција и за лекување на грип. Занамивир мора да се инхалира секојдневно. За да овозможи подолготрајно дејство на лекот, Сидара прикачила копии од антитела дизајнирани да се спротивстават на разградувањето во човечкото тело.

Студијата спроведена во САД и во Британија опфатила 5.000 здрави возрасни лица што не ја примиле сезонската вакцина против грип. Во периодот од септември до декември 2024 година им биле инјектирани три различни дози на CD388 или плацебо. Во текот на следните 24 недели, кај нив ги следеле случаите на респираторни симптоми, како кашлање или треска, и тестовите за присуство на вирусот.

Сите три дози обезбедиле „статистички висока и значајна заштита“. Најсилната доза обезбедила 76% заштита во споредба со плацебото, средната 61,3%, а најниската имала ефикасност од 57,7%.

Сезонските вакцини против грип, кои се даваат или со инјекција или како назален спреј, се дизајнирани да заштитат од најмалку три од сезонските соеви што циркулираат преку зима. Нивната ефикасност зависи од тоа колку добро се совпаѓаат со соевите на грип што циркулираат кај човечката популација. Во просек се поклопуваат само околу 40%, бидејќи мутациите им овозможуваат на вирусите на грип да ги избегнат имунолошките одговори.

Секојдневното вдишување занамивир за време на сезоната на грип, за споредба, дава заштита од 84%, покажува истражување спроведено во 1999 година. 

Повеќето луѓе сепак не сакаат да примаат лек секој де за да се заштитат од грип, објаснува епидемиологот Арнолд Монто од Факултетот за јавно здравје на Универзитетот во Мичиген.

Сидара планира да започне со големи испитувања за ефикасноста на CD388 во сезоната на грип на јужната хемисфера во почетокот на 2026 година. На учесниците ќе им биде овозможено да се вакцинираат и против грип. Двете интервенции заедно би можеле да понудат уште подобра заштита. Испитувањето ќе се фокусира на луѓе со компромитиран имунолошки систем или хронични состојби што ги прават особено ранливи на тешка форма на грип.

5 јули 2025 - 14:41