
До почетокот на оваа година здравствените власти препорачуваа годишни бустер дози за ковид-19 за сите луѓе, освен за бебиња до 6-месечна возраст. Целта беше да се зацврсти заштитата од коронавирусот, кој се уште е присутен и развива нови мутации.
Со намалувањето на бројот на новозаразени лица кампањата за имунизација се фокусираше на луѓето постари од 65 години, кои се најмногу изложени на ризик од хоспитализација и смрт.
Новиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор во мај објави дека вакцините против ковид-19 повеќе не се препорачуваат за здрави деца и бремени жени. Советодавниот комитет на ЦДЦ за практики на имунизација во септември оцени дека препораката треба да се укине за сите категории луѓе. Постарите и луѓето од ризичните категории треба да се консултираат со лекар или фармацевт пред да примат бустер доза.
Комитетот, исто така, повика на појасно укажување на ризиците од несакани ефекти при вакцинирањето, за да можат луѓето самите да ги одмерат ризиците и придобивките.
Претходните упатства ги одвраќаа давателите на здравствени услуги да ги предупредат пациентите за ризиците и придобивките од вакцинацијата. Се врати согласноста врз основа на информираност, изјави директорот на ЦДЦ, Џим О’Нил.
Тој ја потпиша и препораката од советодавната комисија вакцината за варичела да се издвои како посебна од комбинацијата на четири вакцини во една доза – заедно со оние против мали сипаници, заушки и рубеола. Експертите предупредија дека кога овие вакцини се даваат во една доза се зголемува ризикот од напади со треска.