Психоделичните печурки легализирани во Колорадо

Откако канабисот пушти здрави корења во 39 сојузни држави во САД, дојде редот на магичните печурки. По Орегон, ги дозволи и Колорадо. Сериозни клинички студии упатуваат дека псилоцибинот од печурките е ефикасен за третирање тешки форми на депресија и анксиозност. Третманот е скап, до 3.000 долари по сесија, но печурките се евтини и може легално да се одгледуваат за лична употреба. 

Американската сојузна држава Колорадо почна да издава лиценци за одгледување печурки што содржат психоактивен псилоцибин. Од крајот на пролетта ќе бидат отворени и првите центри за третмани за луѓе што страдаат од депресија и анксиозност, а не реагираат на други терапии. 

Неколку сериозни студии во изминатите пет години покажаа долгорочни придобивки од псилоцибинот кај пациенти со големо депресивно растројство. Министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор веќе изјави дека е „отворен за идејата за психоделици за лекување“.

Медицинските експерти велат дека се потребни повеќе истражувања, особено кај луѓе со дијагноза или семејна историја на психотично или биполарно растројство. Печурките се лек од Категорија 1 и не се законски во САД според федералниот закон, освен за клинички истражувања.

Несаканите ефекти на псилоцибинот, како главоболка и гадење, се јавуваат по ден-два. Долгорочните последици може да се задржат со недели, месеци или години – најчесто анксиозност, страв, социјално исклучување и чувство на отуѓеност од околината.

Десетина градови низ САД сепак им ја променија категоријата на печурките, a Орегон и Колорадо се првите држави што ги декриминализираа. 

Од средината на март во Колорадо биле поднесени барања за отворање 15 центри за лекување. Самите печурки не се скапи, но во Орегон сесиите со психоделични печурки обично чинат 1.000 до 3.000 долари. Се очекува толку да бидат и во Колорадо. За дози над 2 милиграми, пациентите ќе бидат прегледани најмалку 24 часа пред третманот, сесијата од неколку часа ќе се надгледува и потоа ќе се анализираат ефектите.

Лица над 21 година имаат право да одгледуваат, да користат и да споделуваат психоделични печурки за лична употреба. Зголемена е побарувачката за пакети што содржат почвена подлога и зрна на пченка, просо или сорго.

Во Колорадо веќе е легално да се користат психоделични печурки во духовни, културни или религиозни церемонии, со објаснување дека „имаат долга историја во домородните култури“.

Во Орегон и Колорадо, ќе научиме многу за администрацијата на психоделици надвор од клинички, религиозни и подземни услови, вели Вилијам Р. Смит, доцент по психијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Северна Каролина.

28 март 2025 - 11:21