Повеќе не се препорачуваат ковид-бустери за деца и бремени жени во САД

Американскиот министер за здравство Роберт Кенеди уште повеќе го стеснува кругот за вакцинирање против ковид. Од денеска повеќе не се препорачуваат засилувачки дози од вакцината за бремени жени и за деца. Кенеди објаснува дека нема клинички податоци што би го поткрепиле старото правило сите луѓе да се ревакцинираат еднаш годишно. 

Министерот Кенеди објави дека ги повлекол препораките за вакцинирање на здрави деца и бремени жени за да не се чека на извештајот од советодавното тело на Центрите за превенција и контрола на болести.

Експертскиот панел на ЦДЦ се состанува во јуни за да ги обнови препораките за вакцинирање за есенската сезона на превентивна имунизација. Беше најавено дека експертите ќе препорачаат ревакцинирање за луѓето од најризичните групи, а на оние со низок ризик ќе им се даде право самите да решат дали ќе примат „бустер“.

Досега се следеа препораките од експертите за инфективни болести сите Американци на возраст над 6 месеци еднаш годишно да бидат ревакцинирани. 

Кенеди објасни дека немало потреба препораката да важи и за децата, бидејќи нема клинички податоци што би ја поткрепила таквата одлука.

Особено остра е промената на политиката во однос на бремените жени. До соопштението на Кенеди, на официјалната страница на ЦДЦ беше објавено дека бремените жени се меѓу лицата за кои е особено важно да бидат ревакцинирани.

Бремените жени и оние по бременоста се соочуваат со зголемен ризик тешко да се разболат од ковид-19 во споредба со другите жени, пишуваше во препораката.

Администрацијата за храна и лекови пред една недела објави дека рутинските одобрувања за вакцини против ковид ќе бидат ограничени само за лицата на возраст над 65 години и за помладите со висок ризик, сè додека не бидат спроведени нови истражувања за ефикасноста и можните несакани ефекти кај здравите возрасни луѓе и децата. 

27 мај 2025 - 20:41