Креирани да отворат брз пристап до хумор и трендови, кратките видеа на интернет не се само непотребно одвлекување на вниманието на децата, туку стануваат основа на нивното однесување, создаваат здравствени проблеми и штетни навики. Спакувани се во бесконечни низи, длабоко персонализирани од алгоритми што ги следат навиките на корисниците.
Најмладите корисници се најзависни, бидејќи им е најтешко да се контролираат. Кога ги користат по неколку часа на ден, овие платформи се клучни во развивањето на идентитетот, интересите и пријателствата кај децата на предпубертетска возраст.
Видеата во траење од 15 до 90 секунди се дизајнирани да ја задоволат желбата на мозокот за нови содржини. Секое прелистување ветува нешто различно. Скролувањето станува компулсивно и тешко е да се запре. Овие шеми имаат влијание врз сонот, расположението, вниманието, училишните задачи и врските, забележува Кетрин Истон, предавач по психологија на Универзитетот Шефилд.
Анализа од 2023 година на 71 студија со вкупно стотина илјади учесници пронајде умерена врска помеѓу интензивната употреба на кратки видеа и намалената инхибиторна контрола и распон на внимание. Најголема е штетата за сонот. Светлината од екраните го одложува ослободувањето на мелатонин, хормон кој помага во регулирањето на спиењето, што им отежнува да се опуштат.
Емоционалните подеми и падови од брзата содржина го отежнуваат смирувањето на мозокот. Неодамнешна студија покажа дека кај некои тинејџери прекумерното користење кратки видеа е поврзано со поголема социјална анксиозност. Бескрајните низи не оставаат време за природна пауза и ресетирање на вниманието. Со тек на времето, ова ги ослабнува контролата на импулсите и одржливиот фокус.
Повеќето истражувања се фокусираат на тинејџерите, но помладите деца имаат помалку зрела саморегулација и покревко чувство за идентитет. Содржините наметнуваат нереални стандарди за популарност, изглед или успех, што е поврзано со намалена самодоверба и зголемена анксиозност.
За разлика од подолгите видеа или традиционалните објави на социјалните мрежи, кратката содржина речиси и да не дава контекст, никакво предупредување и никаква можност за емоционална подготовка. Едно повлекување може да предизвика ненадејна промена на тонот од глупаво до вознемирувачко, што е особено штетно за мозокот во развој.
Поттикнувањето активности, хоби, спорт и време со пријателите, помага да се одржи здрава рамнотежа. Кратките видеа можат да бидат креативни, забавни и утешни. Со внимателна поддршка, прилагодливи политики и побезбеден дизајн на платформата, децата можат да уживаат во нив без да ја загрозат својата благосостојба или развој, вели Истон.