
Пациентите што се лекувале од рак на дојка се изложени на зголемен ризик од реактивирање на ракот ако се инфицираат од вообичаени респираторни вируси, како грип или коронавирус, предупредуваат истражувачи од Универзитетот на Колорадо, њујоршкиот центар за истражување на канцер МЕККК и Универзитетот на Утрехт.
Експерименти спроведени врз глувци во лабораториски услови покажале дека инфекциите ги будат заспаните клетки на ракот, кои инаку можат со децении да останат во органите, па и никогаш да не се активираат.
Заспаните клетки на ракот се како жарчиња во напуштен логорски оган. Респираторните вируси дејствуваат како ветер што разгорува оган. Инфекциите не само што ги разбудија клетките, туку и предизвикаа нивно размножување до огромен број, објаснува биологот Џејмс Дегрегори, главниот автор на истражувањето.
Неактивни клетки на рак што се одвојуваат од почетниот тумор се вгнездуваат во разни ткива, како коскената срцевина. Кај речиси една четвртина од пациентите што преживеале рак на дојка подоцна се јавиле метастази. Во обид да откријат што ги буди заспаните клетки на ракот, научниците досега се фокусирале на хронични воспаленија, стареење или пушење.
Тимот на Дегрегори генетски модифицирал глувци за да развијат тумори на дојка слични на оние кај луѓето, а потоа ги заразил со SARS-CoV-2 и грип. Во рок од неколку дена од инфекцијата, неактивните клетки на ракот во белите дробови на глувците се активирале со голема брзина, се размножувале и формирале метастатски лезии. Клучна во тој процес била имунолошка молекула интерлеукин-6 (IL-6), која ја забрзува реакцијата на надворешни закани. Кај глувци со недостаток на IL-6, неактивните клетки на ракот не се размножувале ни приближно толку брзо.
Две недели по екстремниот одговор, клетките повторно се вратиле во мирување. Ова, според истражувачите, значи дека инфекциите не предизвикуваат директно рак, но го зголемуваат ризикот дека некоја идна закана, без оглед дали е инфекција или генетска мутација, би можела да го реактивира канцерот.
Наодите помагаат да се објасни зошто стапките на смртност од рак кај луѓето се зголемија во раната фаза од пандемијата на ковид-19. Анализа за илјадници луѓе утврдила врска помеѓу инфекции со SARS-CoV-2 и двојно зголемување на смртноста од рак, и тоа само во периодот од неколку месеци на почетокот од пандемијата, а потоа се намалила.
Лекари веќе користеа третмани насочени кон IL-6 за да го намалат воспалението кај луѓе со тежок ковид. Идни истражувања треба да ја испитаат ефикасноста на овие лекови за да се спречи реактивирање на клетки на рак, вели Микала Егеблад, биолог за рак на Медицинскиот факултет „Џонс Хопкинс“ во Балтимор.