Фаучи под истрага дека финансирал истражувања со вируси во Вухан

Специјален разузнавачки тим ќе ги проверува врските на докторот Ентони Фаучи со опасни истражувања на вируси во лабораторијата во Вухан, од која мошне веројатно се прошири пандемијата на ковид. Шефицата на разузнавањето потсети дека САД финансирале опасни генетски истражувања на вируси и во биолаборатории во Украина пред да почне војната.

Директорката на американското национално разузнавање Тулси Габард формирала специјален тим што ќе истражува дали докторот Ентони Фаучи лажно сведочел и каква била неговата улога во финансирањето на генетските истражувања за „стекнување функција“ на вируси во биолабораторијата во Вухан пред да се прошири пандемијата на ковид-19.

Истражуваме врвни приоритети на претседателот и работи што американскиот народ заслужува и сака да ги знае. Вистината за потеклото на ковид-19 е една од нив, изјави Габард на подкастот „Мегин Кели Шоу“.

За време на пандемијата докторот Фаучи беше сеприсутен по медиумите, објаснувајќи ги мерките за заштита - како носењето маски и одржувањето растојание, водеше кампања за вакцинирање и тврдеше дека вирусот се појавил на пазар за животни во Вухан, градот во кој е сместена и водечката кинеска лабораторија за истражување вируси.

Во време кога Фаучи беше директор на Националниот институт за здравје (НИХ) американската организација EcoHealth Alliance во 2014 година доби грант за да испита врски на коронавируси со лилјаци. Дел од средствата завршиле во Институтот за вирологија во Вухан. Договорот за соработка бил раскинат во април 2020 година, три месеци откако почна пандемијата на ковид.

Докторот Фаучи на сослушување во Сенатот во мај 2021 година под заклетва изјави дека НИХ никогаш не спровел истражување за стекнување функции во Вухан.

Новиот директор на НИХ, Џеј Батачарја, и мининстерот за здравство Роберт Кенеди во исто време ги проверуваат информациите дека САД финансирале и многу други истражувања за стекнување функции кај вируси во разни биолаборатории низ светот. Овие експерименти се многу ризични, бидејќи без соодветни мерки за безбедност може да се прошири опасен тип вируси за кои нема одбрана, каков што беше коронавирусот.

Поради оваа причина предупредив на биолабораториите финансирани од САД во Украина кога почна војната со Русија, па ме нарекоа дека сум мегафон на Путин. Којзнае какви се патогени има во овие лаборатории и дали може да предизвикаат пандемија како ковид, изјави Габард.

2 мај 2025 - 15:39