28-годишната Јована Мендоза Аирес, на интернет е позната под името „Rawvana,“ кое главно се однесува на нејзиното настојување и промовирање на јадење сирова храна. Освен овие 1,3 милиони на Инстаграм, Раввана има и 1,9 милиони луѓе на Јутјуб. Сите овие луѓе таа ги собира последниве 6 години, во кои им дава животни совети, диети, рецепти и совети за здравје базирани на нејзината идеологија.
Целиот овој кредит на Раввана пропадна по едно видео во кое се гледа дека таа во својата чинија има парче риба. Не дека девојката дере прасе за слава, туку има парче риба во чинијата.
Од сето ова излезе доволно голем линч и драма, за сторијата да пишуваат медиуми како Вашингтон пост и Фокс.
Околу целата работа се произнесе и самата Раввана, која отворено призна дека јадела риба. Нејзиното објаснување е дека тоа не било исклучок туку дека по години минати во веганство со значителни здравствени проблеми, на крај докторите и наредиле дека во својата исхрана мора да додаде повеќе протеин и јајца.
„Животниот стил составен од фитнес, слабеење и велнес, што таа им го продаваше на своите следбеници очигледно и го влошувал здравјето,“ пишува Ели Росенберг во текстот за Вашингтон пост.
Во извинувањето Аирес детално објаснува дека пред 6 години (некаде во 2013) започнала со исклучиво сирова веганска исхрана, што во пракса значи консумирање растенија без да бидат зготвени. Како човек на сирова веганска исхрана таа во 2014 се решава на 25 дена пост само со вода. По ова почнуваат и посериозните проблеми, менструацијата и престанува, а хормоните и се на ниво на жена пред менопауза.
Докторите и кажуваат дека мора да внесува повеќе масти, па решава во исхраната да ја врати готвената храна, иако се уште со веганска основа. Работите делумно се подобруваат но не целосно. Во 2018 таа добива габична инфекција, а почнува да страда и од сериозни дигестивни проблеми. За решавање на ова пробува најразлични прочистувања и уште повеќе испостување.
„Се чувствував навистина добро, затоа што ништо не јадев. Дојдов до стадиум кога ми беше полесно ништо да не јадам затоа што ми беше страв дека што и да јадам ќе ми направи проблеми,“ објаснува Аирес.
Главната промена следува во јануари годинава, кога и откриваат тип на бактерија во цревата која може да предизвика неухранетост. Тогаш таа решава да почне да јаде јајца и риба, стравувајќи дека здравјето толку ќе и се влоши што тоа ќе влијае на нејзината способност да има деца подоцна во животот.
Додека сето ова се случува во позадина, пред јавност на сите можни профили и социјални платформи Аирес и понатаму ја шири својата слика и имиџ на велнес, здрав живот и сè што оди во тој пакет.
Исповедта на Аирес не заврши нешто многу работа во смирување на разбеснетите вегански маси.