Белгијскиот премиер се пријави за донирање органи

Преку Фејсбук, премиерот на Белгија на сите свои пријатели и поддржувачи им соопшти дека е спремен во случај на смрт да донира органи.

61 годишниот Елио Ди Рупо ја искористи можноста која ја нуди Фејсбук да се даде согласност за донирање органи и тоа да им се соопшти на пријателите. Освен во Белгија, ваквата опција засега им е достапна на корисниците во Канада, Данска, Ирска, САД и Велика Британија.

Во Белгија потоа лицата се препраќаат на соодветната страница на тамошното министерство за здравство за да пополнат образец кој потоа треба да им биде одобрен.

Тамошната регулатива е слична на македонската: за потенцијален донор по смртта се смета секој кој не се изјаснил спротивно додека бил жив. Проблем е што во пракса, пред земање на орган секогаш се консултира семејството а тоа некогаш не се согласува со постапката.

Со пријава на Фејсбук и одобрение од надлежната здравствена институција од земјата се отстрануваат таквите можни недоразбирања.

Марк Закерберг вели дека ја овозможил оваа опција по разговори со својата девојка која е студентка по медицина и со својот пријател Стив Џобс кој почина лани а пред некоја година му беше трансплантиран црн дроб.

* Линк до македонската фондација за трансплантација

24 септември 2012 - 12:23