Забраните за мобилни не им го подобриле успехот на учениците

Две третини од сојузните држави во САД воведоа правила што ги ограничуваат или целосно ги забрануваат мобилните телефони во училиште, со надеж дека ќе им помогнат на учениците да се посветат повеќе на наставата. Резултатите се мешани - успехот на учениците на тестовите не се променил, но наставниците се чувствуваат растоварени и посреќни.

Забраните за мобилни телефони наметнати низ училиштата во САД во изминатите години речиси воопшто не придонеле за подобри резултати на учениците на тестовите, се укажува во нова студија спроведена од универзитетите Стенфорд, Дјук, Пенсилванија и Мичиген.

Просечниот ефект врз резултатите од тестовите е „постојано блиску до нула, заклучуваат авторите на истражувањето.

Забраните немале големо влијание ни врз посетеноста на наставата, ангажманот на децата во училниците или врз нивната перцепција за онлајн малтретирање.

Ова се чинеше како лесно решение што може да функционира добро. Но, тешко е да се променат исходите како што се резултатите од тестовите, вели Џејсон Барон од Универзитетот Дјук, еден од авторите на трудот.

Студијата се потпира на податоци од 41.000 училишта во периодот помеѓу 2018 и 2025 година - резултати од тестови, училишни записи, GPS податоци, наоди од анкети, како и статистички бројки од Yondr - компанија што ги произведува магнетните торбички за заклучување за мобилни телефони пред училниците.

Речиси 5.000 училишта користат футроли, во кои учениците ги оставаат телефоните кога ќе пристигнат на настава и не можат да ги користат сè додека не заѕвони последното ѕвонче.

Во првата година од користењето на футролите, училиштата забележале и зголемување на дисциплинските инциденти - веројатно поврзано со фактори, вклучувајќи го и спроведувањето на новата политика за телефони. Исто така, имало пад во чувството за благосостојба на учениците, поради фрустрација од новото правило или од зголемениот надзор од наставниците.

Но, овие трендови исчезнуваат колку подолго важат правилата. До втората година од забраната за мобилни телефони, бројот на дисциплински инциденти се намалувал, а учениците пријавиле дека се чувствуваат подобро.

До третата година од забраната, бројот на пингови на мобилни телефони - снимени кога уредот комуницира со апликација или веб-страница - се намали за приближно 30%. Тоа укажува дека е намалена меѓусебната комуникација на учениците преку телефон додека се на настава.

Наставниците забележаа дека строгите забрани за мобилни телефони доведоа до помала употреба на телефони за време на часовите, што им ја олеснува работата и ги прави посреќни. Во училиштата со футроли, уделот на ученици што користат телефони на час се намалил од 61% на 13%. Националното здружение за образование објави дека 90% од наставниците ги поддржуваат ограничувањата за мобилни телефони за време на наставата.

9 мај 2026 - 09:27